Ви предлагаме игри што можете да ги користите за развој на вештините за читање и пишување:

1. Колку збора има во една реченица?

Децата седат во круг. Во средината има топка. Правилата на играта се: возрасна личност кажува една реченица, а децата треба да ја повторат. Детето што ја почнува играта ја зема топката и го кажува првиот збор од реченицата. Потоа му ја дава топката на друго дете кое треба да го каже вториот збор, и така по ред. Децата заедно бројат колку зборови има нивната реченица. Потоа се задава друга реченица. На пр., „Мама Ива сака да игра валцер“. Возрасниот му ја дава топката на првото дете, кое кажува „мама“, и му ја подава топката на другото дете, кое вели „Ива“, итн. Кога реченицата ќе биде готова, заедно на прсти избројте колку зборови имала. По неколку реченици, кога ќе видите дека децата ја сфатиле задачата и точно ги бројат зборовите, почнете да задавате и посложени реченици.

2. Гласовна сликовница

За оваа активност потребни се стари каталози, листови, лепило, класер, дупчалка за хартија, папка, лента за врзување. Потребен е класер во кој можат да се сместат листовите или, пак, може да се направат дупки на листовите и да се врзат. На секој лист во горниот агол се става една буква од азбуката (може да се напише или да се залепи). Детето сече слики од каталог и ги лепи на листовите со соодветната почетна буква. Сликовницата полека се надградува. На овој начин децата ги именуваат и ги препознаваат буквите.

3. Рима во кеса

Наполнете една хартиена кеса со парови сликички во рима. Потоа децата наизменично влечат сликички од кесата сè додека не состават што повеќе парови во рима.
Предлози за сликички: слон – балон; кос – нос; цвет – лет; ред – мед

4. Игра со штипки – гласовна анализа

За оваа активност се потребни штипки, фломастер, стари каталози, картони со димензии 7х7 см, лепило. Детето сече сликички (овошје, зеленчук, школски прибор, играчки) од каталогот и ги лепи на картоните.
Пожелно е тоа да се сликички што во своето име имаат 3 или 4 букви. На штипките ги пишуваме буквите, по можност повеќе исти букви, на пр., оние што често се повторуваат: а, е, и, о, у, п… во зависност од одбраните сликички. Картичките се ставаат во кутија, детето влече картичка, ја именува сликата и се обидува да го разложи зборот на букви, па ја закачува соодветната штипка на картичката. Оваа активност може да се поедностави: се става само една штипка – со почетната буква на зборот.

5. Чаша полна со слогови

Потребни се пластични чаши и топчиња од хартија или од некој друг материјал. На секоја пластична чаша напишете по една бројка: 1, 2, 3, 4. На детето дајте му неколку топчиња. Направете список со зборови со различна должина. Прочитајте еден збор, а потоа детето мора да одреди од колку слогови е направен. Детето треба да го стави топчето во соодветната пластична чаша, во зависност од бројот на слогови во зборот. Корисно е изговарањето на слоговите да биде придружено со плескање со рацете.



912

X