Родителите многу често погрешно сметаат дека играта е корисна само во помладата претшколска група, додека во постарата група потребно е да се стави фокус на учењето за што подобро да се направи подготовка за училиште. Тоа е погрешен начин на размислување, бидејќи најдобро е постепено да се прејде од игра на учење, така што децата низ игра всушност и да учат. Играта во претшколската доба е спонтана, слободна и доброволна, како и слободна во имагинацијата.

Која е улогата на играта во подготвувањето на децата за на училиште?

Во играта детето ги користи своите искуства за социјалните односи и на тој начин ги усвојува нормите на општественото однесување. Од посебно значење се дидактичките игри, како и игрите на драматизација, бидејќи придонесуваат за развој на детското создавање и комуникација. Во играта се многу значајни и работните активности на детето. На тој начин се формираат особини како што се истрајноста, упорноста, одговорноста за своите постапки, како и одговорниот однос кон работата.

Не дозволувајте детето да потоне во виртуелен свет

Факт е дека има сè повеќе деца кои од најрана возраст доста време поминуваат пред телевизор, компјутер, мобилен телефон или таблет. Тоа е огромна грешка која родителите свесно или несвесно ја дозволуваат. Доколку му се посветите на детето и осмислите начин за учење преку игра, не само што ќе успеете да го одвоите од мобилниот телефон туку и преку игра ќе успеете да го социјализирате, зајакнете и да му овозможите да го развие својот целосен потенцијал во сите сфери.

Некои од игрите со кои можете да го подготвите детето за одење на училиште

Исто така, постојат игри кои според мислењето на психолозите значително придонесуваат за подобра подготовка на децата за на училиште. Во продолжение прочитајте за некои од нив:

„Кажи ми ја почетната буква“

Ова е интересна игра преку која децата всушност учат. Доволно е да им кажете некој поим, а потоа тие да погодуваат на која буква почнува. Нека не ве загрижува што на почетокот можеби столот ќе почнува на буквата Т, или телефонот на буквата Ф. Бидејќи може да се случи детето да го одредува називот на предметот според најзвучниот глас во некој збор. Со текот на времето, колку почесто ја играте играта, детето непогрешливо ќе знае да препознае одреден глас и да му го одреди местото на почетокот, во средината или на крајот од некој збор.

„Погоди што замислив“

Нешто слично, само е во прашање обратен редослед. Замислете некој предмет, накратко опишете му го на детето, а потоа наведете го да ви поставува дополнителни прашања. Дали постои во оваа просторија? Какви боја има? Дали јас го користам? Менувајте ги улогите, бидејќи во оваа игра на децата им е многу интересно тие да замислат некој предмет што вие ќе го погодувате. Ова е одлична игра бидејќи не само што се развива речникот и се развива логичното мислење, туку истовремено се обновуваат боите и се стекнуваат нови поими.

За децата се многу значајни и игрите кои ја поттикнуваат физичката активност, така што потребно е да ги воведувате повеќе во вашето секојдневие. Првенствено се мисли на игрите надвор, на воздух. Секоја игра со топка ќе им одговара на децата, но бидејќи ништо друго не го држи нивното внимание, не би било лошо да подготвите и дополнителни реквизити, како што се фризби и хулахоп. Доколку временските услови не дозволуваат да се игра надвор, секогаш со малку фантазија можете да смислите игри во домот.

Пронајди скриено богатство

Знаеме дека не постои дете што не сака слатки, но наместо веднаш да му ја дадете омилената чоколада, смислете забавна игра. Оставете ја чоколадата на некое скриено место, а потоа дајте му инструкции како да дојде до неа. Можете да му кажете: „Скокајќи на десната нога, помини под масата, направи 3 круга околу столот, тргни ја црвената вазна итн.“ – односно, сè што ќе ви падне на ум во тој момент. Со оваа игра не само што го форсирате детето да се движи, туку истовремено го учи и поимот лева и десна страна, бои и уште многу нешта. Покрај тоа, детето се учи на трпение и сфаќа дека некогаш мора да се потруди за да дојде до целта, односно наградата. Во овој случај, наградата е чоколада.

Имитирање животни

Освен што оваа игра е интересна за децата, покрај неа детето е физички активно. Му поставувате на детето задачи да глуми зајак, птица, куче, мачка или кое било друго животно. Освен што треба да ги имитира животните во смисла на движења и огласување, потребно е и да ви раскаже нешто за себе. „Јас сум зајаче, сакам да јадам морков…“ Се разбира, вие треба да ја започнете играта за на детето да му стане јасно што се очекува од него. Освен физичка активност, со оваа игра се развива и говорната култура и се збогатува имагинацијата.

Игри за развивање на фината моторика

Овие игри се многу значајни за развој на фината моторика кај децата. Она што нам ни изгледа едноставно, за децата може да биде тешко. Издвојуваме некои игри за кои може да ви послужат штипки и пластични шишиња, бидејќи сигурно тоа е нешто што сите го имаме дома.

Фати го предметот

Направете топчиња од стуткана хартија кои можете да ги ставите во некој сад. Задача на детето е со штипката да ја фати хартијата и да ја извади од садот. За играта да биде што поинтересна и поефективна, можете пред детето да ставите штипки во различни бои. Следејќи ги вашите инструкции – „Со сината штипка извади две топчиња хартија“ – детето не само што ќе ја развива фината моторика уживајќи во играта, туку истовремено ќе ги учи боите и бројките.

Вметни ја хартијата во шишето

За оваа игра, освен топчиња од хартија и штипки, потребно ви е обично пластично шише. Задача на детето е со штипката да ја фати стутканата хартија, а потоа да ја фрли во шише. Освен што доаѓа до развој на фината моторика, преку оваа игра детето ги вежба боите и бројките во зависност од задачата што сте му ја поставиле.

Овие игри можете да ги организирате и како натпреварувачки, без разлика дали вие или некое друго дете е вториот натпреварувач. Како играта „Не лути се, човеку“, така и преку овие игри детето ќе учи да прифати пораз и да го развива натпреварувачкиот дух. Ова се игри за кои не ви е потребна никаква подготовка, како ни скапи играчки или реквизити. Можете да ги играте со децата каде било и кога било. Само од вас зависи дали детето ќе го поминува времето учејќи преку игра или користејќи ја напредната технологија секојдневно по неколку часа. Размислете за тоа!

Автор: Славица Бијелиќ, професор

Извор



912

X