„Децата – изгрејсонце и зајдисонце, за нивното здравје, среќа и радост, секоја борба има хумана цел, секој напор и искушение се издржуваат, секоја жртва е благородна. За децата, животот има вредност и вечност, сè додека постои човечкиот род, во светлината и сјајот на денот, со секое изгрејсонце и зајдисонце“, Соња Гаврилова, психолог

Образованието, воспитанието и рехабилитацијата на децата со попреченост се пред нов предизвик, наметнат од актуелната состојба на пандемијата на коронавирусот. Предизвик кој има само нов облик за борба и издржливост, затоа што родителите на учениците со попреченост од посебното основно училиште со ученички дом „Маца Ѓ. Овчарова“-Велес се докажани борци во континуираната храброст, трпение и грижа за совладување на сите препреки што ги носи попреченоста на нивните деца. Оваа секојдневна родителска животна мисија е и наша, професионална, на сите вработени во училиштето, со цел да го подобриме нивниот психо-физички развој и квалитет на живот.

Соња Гаврилова, психолог

Родителите се наши соработници и партнери во заедничките напори да го олесниме процесот на едукација, воспитание и рехабилитација на учениците во новонастанатите услови на работа, преку далечинска електронска комуникација. Технологијата си го прави своето, преку екранчињата на лаптопите, мобилните телефони, таблетите, компјутерите, можеме да се видиме и да разговараме, но не и да се допреме, да се дружиме, затоа, таа суштинска социо-емоционална врска, неопходна за подобар психомоторен развој кај учениците, со наши стручни препораки, останува да ја градат родителите и најблиските во семејствата.

Затоа е многу важно да се истакне дека иако пандемијата физички нè разделува, сепак родителите и учениците не се сами, секојдневната поддршка продолжува од страна на сите наставници, воспитувачи, логопеди, психолог, директор преку доставување едукативни работни материјали, советодавни разговори и препораки за здрава исхрана, забавно-рекреативни активности во слободното време, за подобрување на социо-емоционалната состојба во семејствата. Во услови на превентивни заштитни мерки за учениците и самоизолација, играта е волшебната формула, што може да донесе многу детски насмевки, радост и среќа.

За децата, играта претставува природен начин на учење, комуницирање и истражување на својата околина. Не е доволно детето само да гледа и да слуша, туку и да открива и истражува, да допре, да состави, да расклопи, да помириса и проба, бидејќи на тој начин ја задоволува својата љубопитност, но и преку самото доживување се поттикнува неговото размислување и заклучување, што е основа на интелектуалното развивање. Детето уште од раѓање го истражува светот и ги открива своите можности. Играта е инстинктивна, таа е важен дел во самото растење и развој на детската личност. Детство без игра и дружење со врсници е незамисливо.
Детето преку симболиката на играта го истражува и изразува својот внатрешен свет и учи нови облици на однесување и размислување кои би можело да ги употреби (примени) во својот живот. Играта му помага на детето да ги истражува и осознава сопствените чувства, да ги разбере своите потреби и сложените барања на светот околу себе.
Преку играта детето на полесен начин ги изразува своите емоционални проблеми и тешкотии, своите внатрешни конфликти, напнатост, стравови, како и начини да разреши дел од овие негативни состојби со помош на родителите, да ја подобри самодовербата, задоволството, самосвеста и снаодливоста во одредени животни ситуации.
За деца со емоционални и социјални тешкотии и нарушувања во однесувањето, играта може да послужи и во терапевтски цели преку примена на разни игровни техники. Се применува кај деца на возраст од 3 до 12 год. Терапевтите користат широк спектар на материјали, методи и креативни техники: игри во песок; работа со кукли и маски, музика, изразување низ движење; креативна визуализација; креативни техники (сликање, глина, колаж).
Се применува кај деца и ученици со тешкотии во учењето и социјалното однесување; кај деца со АДХД синдром (хиперактивност и нарушување на вниманието); насилно однесување на ученици; напнатост, фобии, анксиозност; депресии; лутина и агресивно однесување; сепарација од родителите, губење на драга личност, нарушување во спиењето; енуреза; аутизам; тешкотии во развојот; инвалидност. Игровната терапија се применува индивидуално и групно. Анализите и резултатите од многубројните истражувања покажуваат дека употребата на игровната терапија покажува позитивни резултати и го подобрува однесувањето и самодовербата кај децата, како и училишниот успех.

Специјален едукатор дефектолог – Зага Колодезни

Играта претставува природен начин на самоизразување и комуникација и е потребна за здрав развој на детското емоционално, физичко, социјално и когнитивно функционирање. Низ игра децата учат, играта е право на детето, според Конвенцијата за права на децата. Играта им овозможува на родителите воспитно да ги учат децата на добро однесување, на правила на однесување во општествената заедница и во односите со другите луѓе во нивното опкружување (роднини, пријатели, соседи).

Разните видови игра го поттикнуваат општиот психо-физички развој на децата:

Моторички вештини – вклучуваат јакнење на координацијата на движењата, на фината и груба моторика. Се стекнуваат преку моторички активности, како што се: ползење, трчање, скокање, качување, провлекување, спровирање, фрлање топка, удирање и сл.;

Емоционалните вештини се стекнуваат преку чувството на задоволство од играта, поврзување со други особи, истражување преку играње различни улоги; збогатување на емоционалното искуство на децата преку воведување нов игровен материјал и нови улоги преку драматизации, симболички игри (имитации во кои децата ги користат предметите или личностите како симбол на нешто друго, преку кое го проживуваат светот на возрасните и затоа овој тип игра особено поттикнувачки влијае врз развојот на детските вештини и емоционални изразувања).

Когнитивните вештини го вклучуваат развојот на критичкото размислување, поврзување на причини и последици, заклучување, поттикнување на фантазија и решавање проблеми, креативност (претворање и играње на улоги кои детето ги открива во светот на можности; функционални игри, во кои детето нешто користи или испробува и така ги развива своите способности, функции; конструкторски игри во кои детето се служи со предмети и работи со нив, со намера нешто да создаде).

Социјалните вештини се стекнуваат на тој начин што детето учи како да ги следи правилата на играта, да го чека својот ред, да соработува, да дели, да споделува со браќа и сестри, другарчиња, што доведува до подобра социјална интеракција, создавање нови пријателства, развивање самоконтрола и подобра училишна адаптација;

Говорните вештини (за комуникација) се поттикнуваат преку разговор на детето со други деца, родители, возрасни, со користење зборови за омилени играчки и активности, преку пеење, рецитирање и сл.;

Самодовербата се зацврстува низ играта, кога детето работи, открива, заклучува, решава проблеми и цели, се поттикнува детскиот креативен потенцијал, позитивната слика за себе.

Често прашање што си го поставуваат родителите е: Како да се одбере добра играчка?

Со цел играта да ја исполни својата намена, многу е важно таа да биде соодветна на самото дете. Затоа, при изборот на играчки, треба да се внимава на следното:

-Интересот на детето;

-Возраста на детето, на пр., ако играчката не одговара на возраста на детето, може да му биде досадна, или ако ги надминува неговите можности да ја сфати, ќе му создаде незадоволство и ќе му ја наруши самодовербата;

Сигурноста на играчката – да нема остри рабови, оштетувања, ситни делови, штетни бои;

Хигиената – ако детето ја става играчката в уста, треба да се внимава таа да биде чиста;

-Да се внимава на когнитивните способности на детето за разбирање, како да ја ракува, односно употребува играчката;

-На кој начин се поттикнува активноста на детето;

-Дали му помага во остварувањето контакти со другите.

-Дали ја поттикнува фантазијата и креативноста, дали му помага во пронаоѓање нови решенија.

-Колку е играчката поразновидна, толку повеќе му помага и му дава можности за различни видови игра, ја поттикнува креативноста и фантазијата.

Детската игра поврзана со возраста

Детето почнува да игра уште на бебешка возраст. Во тој период играта е функционална и се состои од едноставни мускулни движења кои се повторуваат, без разлика дали притоа детето користи или не користи некои предмети. Пример, децата трескаат со тропкалки, рипкаат горе-долу, ја туркаат топката, ја повлекуваат играчката што свири, ги фрлаат предметите на под и на тој начин го запознаваат своето тело и светот околу себе. Во втората година и на подоцнежна возраст детето почнува да ја забележува својата околина. Способноста за замислување и фантазирање му овозможува да им даде друго значење на предметите, на пр., столчињата да ги замисли како вагони на воз, парчињата хартија како пари и сл.(симболичка игра).

Игрите на имитирање најмногу се застапени на возраст од 4 до 6 год. кога детето почнува да увежбува и одредени улоги кои му овозможуваат да ги запознава луѓето околу себе од друга перспектива. Така во играта детето глуми медицинска сестра, шофер, полицаец и сл. Во овој период потребно е на детето да му се овозможат различни искуства преку симболичка игра, а на тој начин ќе се развиваат неговите емоционални искуства, ќе учи како е да се биде во туѓа перспектива, ќе развива вештини потребни за решавање проблеми. На оваа возраст децата сакаат да играат улоги на различни јунаци кои имаат позитивна моќ и сила (од познати ТВ-серии). Треба да постои разбирање за овој вид детска игра, затоа што децата се поистоветуваат со јунаците, при што го развиваат чувството на сопствена важност и моќ. По 5. година децата сè повеќе покажуваат интерес за соработка во разни игри со правила. Пример на такви игри се: игри на криење, друштвени игри како „Не лути се, човеку“, „Монопол“ и др. Децата преку овие игри учат дека во животот се важни и потребни правилата, учат како да ги почитуваат и како да го поднесуваат успехот или неуспехот.

Совети за родители

• Секој ден одвојте од своето време за игра со вашето дете, нека тоа биде време во кое вашето внимание ќе биде резервирано само за детето;

• Користете ги друштвените игри за забава и семејно дружење во кое ќе бидат вклучени сите членови од семејството;

• Научете го детето да ги прифати победата и поразот како нормален дел од играта и активноста;

• Играта може да се состои и од заедничко измислување приказни за „позитивен модел“, кои се однесуваат на настани и личности од секојдневниот живот. Обично детето се поистоветува со таквиот позитивен лик, што предизвикува чувство на задоволство и успешност.

• Користите игри во природа, како дел од физички-рекреативни активности за подобрување на психо-моторниот развој кај децата.

• Применувајте ритмички игри со децата во отворен и затворен простор, со соодветна сценографија со цел развој на ритмички движења и психо-моторна координација на горни и долни екстремитети, предизвикување позитивни емоции и задоволство од играта.

• Ограничете го користењето на мобилните телефони, таблети и лаптопи, со цел создавање навики кај децата дека само во одредени периоди треба да ги користат, а останатото слободно време да се користи за прошетки во природа, читање на разни едукативни содржини од книги и разговори со децата за прочитаните содржини.

• Драги родители, не сте сами во шарениот лавиринт на детската игра, секогаш сме тука и ние, стручниот тим од ПОУ „Маца Ѓ. Овчарова“ за поддршка, насоки, препораки за примена на разни видови едукативни и забавно-рекреативни игри со вашите деца;

Важно е да се запамети дека децата треба да се пуштат да бидат тоа што се – деца, и да се обидете да го гледате светот од нивната перспектива и преку нивните очи. На вас останува да се качите во замислениот воз на вашето дете и да му допуштите да ве поведе во светот кој најдобро го познава – волшебниот свет на играта!

Автори: Соња Гаврилова, психолог и Зага Колодезни, специјален едукатор дефектолог

Фото: ПОУ „Маца Ѓ.Овчарова“-Велес



912

X