Играта претставува еден здрав начин за тоа како детето може правилно да расте и да се развива. Растот означува пораст во големината на различни делови од телото преку умножување на клетките и меѓуклеточните компоненти за време на почетокот на животот, од фертилизацијата до физичката зрелост на детето.
Развојот, пак, се однесува на зголемување на функционалниот капацитет и напредок кон зрела состојба.
Постојат неколку типови игра, но која игра е доминантна во игровната активност на детето ќе зборува за неговите рани потенцијали и способности:
Физичка игра е секоја физичка активност на детето насочена кон некаква цел (од подавање топка до некоја сложена спортска активност: возење велосипед, ролери, скокање на јаже, вртење хулахоп итн.).
Креативна игра е онаа игра каде што детето изразува дел од себе и своите капацитети, чувства и доживувања како, на пример: цртање, боење, моделирање итн.
Имагинативна е замислена игра која исто така е насочена кон некоја цел, на пример, играње или менување замислени улоги.
Манипулативна игра е онаа игра во која доминира активноста со рацете, на пример: редење коцки, селектирање камчиња, ставање камчиња во шише, играње со пластелин, редење сложувалки итн.
Социјална игра е игра во група како криенка, брканица, „Не лути се, човеку“, „Монопол“ итн.
Истражувачка игра е игра во која детето собира аргументи, податоци, информации и докази со цел да осознае нешто кое најчесто е од негов интерес.
Децата учат и вежбаат многу вештини преку играта, вклучувајќи фина и груба моторика, балансирање и координација на телото, говорно-јазични вештини, социјални, емоционални и когнитивни вештини. Преку играта учат како се почитуваат правила и како да се игра фер игра, учат за светот и создаваат свој простор за среќа.
Впрочем, слободната игра е одраз на слободно дете бидејќи таму нема притисоци и контрола. Тоа значи дека детето има право да избере што да игра, но и што да не игра.
912