Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 9 години и активно игра тенис, со тренинзи и натпревари. Во последниве 2-3 години почна да биде многу агресивна и не може да прифати пораз. На натпревари секогаш стигнува до второ место и се нервира и плаче, па од самата нервоза не може да го освои првото место. Мене ме загрижува тоа што кога губи, почнува да покажува бес, бега, фрла рекети, плаче… Не можеме ни да разговараме со неа. По еден час ѝ кажуваме дека не е битно што направила, ја поддржуваме и никогаш не сме ја карале. Како да постапиме?

ОДГОВОР: Во општество како нашето, каде што повеќе се брои победата од учеството, честопати се соочуваме со деца кои не можат да ја толерираат фрустрацијата од поразот. Но, прифаќањето на поразот треба да биде многу важна лекција за децата кои се борат да ги признаат своите порази.

Никој во животот не е среќен кога не успева во нешто, па зошто да му го наметнеме тој нереален свет на детето каде што оние што губат, се на крајот, среќни? Затоа треба да се потрудиме да го научиме детето како да управува со своите емоции.
Во животот треба да ги „поздравиме“ сите емоции, па така и фрустрацијата. Дозволувањето детето да биде тажно или фрустрирано кога губи е мостот што ќе му помогне да управува со оваа емоција, и ќе научи да ја живее.

Децата постојано се борат да сфатат дека не се семоќни и тешко е да се прифати дека некој е подобар од нив, особено ако се работи за дете на иста возраст и посебно во спорт еден на еден, каде што неминовно е едниот да победи, а другиот да „губи“. Губењето се доживува како вистински неуспех, а не како нешто природно.
Пречестото кажување „браво“ и славењето на секоја нормална работа што ја прават нашите деца не ја помага самодовербата, туку, напротив, ги прави нашите деца зависни од одобрувањето на другите.

Би било добро да се избегне оптоварување на детето со очекувања, да разговарате за тоа дали детето ужива додека игра, што ја прави задоволна додека игра итн. Од друга страна, да ѝ помогнете да ги препознае своите чувства, да ги потврдите и кажете дека е сосема нормално да се чувствува фрустрирано, луто или разочарано. Кога ќе оставиме силните емоции да се оладат, ќе разговарате и ќе ѝ објасните дека во животот никој не е ослободен од порази и грешки, така што, да научиме да губиме достоинствено, е вештина која ни дава можност да размислиме за нашите начини на игра, за нашето доживување на самата игра и начин да станеме уште подобри во она што го работиме. Може да кажете: „Гледам дека ти е многу важно да победиш и знам дека многу се трудеше да ја добиеш играта, жал ми е што се чувствуваш лошо, луто, бесно… но во ред е да не победуваме, тоа е нормално. Затоа учиш, тренираш, се бориш и тоа е многу добро, а пред сѐ уживаш и се радуваш на играта.“
Кога си лута, удри со нозете, стисни го рекетот, диши длабоко и ќе помине.

Вклучете ја во игра во која е потребна соработка. Преку овој вид игра може да научи вештини кои ќе ѝ ги олеснат односите со другите деца, но и односот со играта. Покрај соработката, таа може да научи и како да се справи со неуспехот (но и со успехот), како да побара помош кога ѝ е потребна, како да се приспособи, како успешно да ги решава несогласувањата итн.
Вклучете ја во игра со вас да почувствува успех, но исто така е добро понекогаш да губи и да види дека сѐ уште е сакана и прифатена. На овој начин таа ќе се навикне и да победува и да губи, а потребата за постојано победување ќе се намали, а сликата за себе ќе биде поцелосна.

И на крај, главната интервенција што мора да се реши е поврзана со однесувањето на вас, родителите. Ниту едно дете не се раѓа со предиспозиција за пораз, ниту со желба за победа по секоја цена. Затоа, треба да размислите дали вие ја препознавате оваа вредност. Ние, возрасните, сме првите што го прифаќаме нашиот пораз и поразот на нашето дете.
Таа има само 9 години и сѐ уште е дете кое само плаче на глас и се лути. Силна прегратка и многу љубов, разбирање, стабилна поддршка и мали приспособувања во начинот на кој таа пристапува кон играта, ќе помогнат таа да развие попозитивен став и кон победите и кон поразите.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X