Дрвените коцки се едни од првите играчки што им ги купуваме на децата. Може да бидат со боја на дрво или обоени, па при изборот важно е да обрнете внимание на бојата со која се обоени за да бидат безбедни за користење.

Ви пренесуваме предлог игри со коцки со цел стимулација на развојот на говорот и комуникацијата, наменети за деца помали од 3 години кои покажуваат интерес за оваа играчка, односно кои почнале да ја уочуваат забавата во тоа да ги рушат коцките, да ги удираат, превртуваат.

Потребни ви се коцки со рамни агли, кои се со соодветна големина, односно соодветни за детето да може да ракува со нив. Цел на играта е усвојување зборови – збогатување на речникот, како и редење на зборовите во едноставна, кратка реченица од два збора.

Како можете да играте:

– Почнете да ги редите коцките една над друга и секојпат кога ќе ставите коцка кажете: „Коцката оди горе“ или „Ја ставаме коцката горе“. Важно е секојпат да ги изговорите зборовите заедно со активноста што ја правите за детето да може да се поврзи со значењето на зборовите. На тој начин го моделираме говорот и развиваме разбирање.

– По неколку наредени коцки една на друга, земете ја следната коцка и кажете „Коцката оди…“, потоа почекајте неколку секунди за да му дадете можност на детето да ја дополни реченицата со „горе“. Доколку детето не го изговори зборот, завршете ја вие реченицата така што со бојата и јачината на гласот ќе го изговорите зборот „горе“.

– По редењето, направете гест на воодушевување и срушете ги коцките заедно со детето и изненадете се од тоа што се случило (со соодветен израз на лицето).

– Во следното редење повторете го истото, а на крајот додајте го елементот на исчекување за она што ќе се случи, па дополнете ја играта со „1, 2, 3 срушииии“.

– Кога коцките повторно ќе паднат долу, додајте опис на активноста што се случила „Ох не, коцките паднаа ДОЛУ“. Или „Ооо неее, коцките ПАДНАА ДОЛУ“ и додајте гест кој го покажува правецот на движење кон долу.

– Како и на почетокот, со ова именување и опишување сме дале модел на однесување и модел на говор, па следниот пат кога коцките ќе паднат, опишете што се случило, но немојте да ја завршите реченицата, туку дајте му можност на детето да ве дополни.

На децата на помала возраст им одговара да гледаат како од неред станува ред и обратно. А нашата реакција води кон заедничка смеа и забава.

– Следниот пат кога ќе играте со коцки, пробајте наизменично да ги редите, едната коцка ставете ја вие, другата детето, со описот „уште една“. Поставете му на детето прашање дали сака да стави уште една коцка „Сакаш уште?“

Вештините се развиваат со повторување и давање модел за имитација, користење нагласена комуникација (нагласување на одредени зборови во говорот), па додаваме момент на исчекување и на детето му даваме информација на кој збор посебно да обрне внимание (на рана возраст тоа е несвесно и баш од таа причина играта е најдобар начин за учење).

На почетокот детето можеби само ќе ве набљудува, но обидете се да го вклучите во играта така што ќе му ја земете раката или ногата и ќе ги срушите коцките. Обидувајте се атмосферата да биде позитивна и опуштена. И, се разбира, кај деца до 3 години интересот и вниманието не траат долго, така што играта не би требало да трае подолго од 10 минути, освен доколку детето не сака да трае подолго. Кога детето не сака веќе да ја игра таа игра, дајте му јасен сигнал за крај така што ќе го опишете неговото интересирање: „Добро, не сакаш веќе да играме со коцки, ајде да ги собереме заедно“.

Оваа игра можете да ја пробате и со други играчки, кутии, перници, но и кујнски прибор. Повремено дајте му на детето избор, прашајте го: Дали ја сакаш црвената или зелената коцка?, дури иако детето можеби не ги знае боите, ќе ја избере онаа што во тој момент повеќе му се допаѓа. И, се разбира, опишете што избрало детето: „Важи, ја редиме црвената коцка“.

Автор: Марија Кончар

Извор



912

X