Ако и вам како родител целта ви е да имате среќно дете, тогаш веројатно ја застапувате идеологијата на среќното дете. Психоанализата уверливо докажала дека луѓето што во текот на детството не биле среќни, поради недостиг на родителска љубов, подоцна во животот станале невротични возрасни лица. Врз основа на тој факт е создадена претпоставка дека сосема спротивното родителско однесување мора да доведе до развој на детето во здрава и успешна возрасна личност.

Малото дете не е во состојба да разбере дека постои разлика помеѓу него како личност и некои негови желби. Затоа детето мисли дека одбивањето на исполнување некои негови желби е исто што и одбивањето на него како личност.

Веќе педесетина години родителите се трудат на своето дете да му покажуваат љубов, да му нудат само позитивни искуства и избегнуваат да го „трауматизираат“ на кој било начин. Кога гледаат во своето очигледно среќно дете, родителите сметаат дека се добри родители. Но, што е тоа среќа? Зар не се и среќата и задоволството засновани на исполнување на детските желби? Кога на детето ќе му исполниме некоја желба, тоа ќе почувствува задоволство. А кога ќе му исполниме некоја многу важна желба, тоа ќе почувствува среќа. Тоа значи дека ако родителот има намера да го одржува детето во чувството на среќа, тогаш мора да ја исполнува секоја негова желба. Доколку родителот одбие да исполни некоја желба на детето, тоа многу јасно и гласно ќе покаже дека е несреќно бидејќи се чувствува несакано, што кај родителите предизвикува чувство на вина и сочувство. Поради тоа што во тој момент ќе помисли дека е лош родител, тој конечно се откажува од забраната и му дозволува на детето да ја исполни „забранетата“ желба или дури и му помага во тоа.

Таквата динамика во односите довела до замена на улогата во семејната хиерархија: наместо родителите да управуваат со детето, тоа почнало да управува со нив.

А бидејќи малите деца немаат вградено „кочници“, односно психички структури кои се потребни за самоконтрола и управување со себе и со своите емоции, настанува ситуација во која со детето управуваат неговите желби, детето управува со мајката, а таа со таткото. На тој начин, целиот семеен систем е заснован на исполнување на желбите на детето. Доколку примениме етолошки пристап и семејството го сметаме како стадо, наместо природната состојба во која мајката и таткото се водичи на стадото, таканаречени „алфи“, а детето им се подредува за стадото добро да функционира, тука настанува состојба во која двегодишно дете мисли дека е водич на стадото, доминантна алфа, и дека преостанатите членови треба да му ги исполнуваат желбите.

Малото дете не е во состојба да разбере дека постои разлика помеѓу него како личност и некои негови желби. Затоа детето мисли дека одбивањето на исполнување некои негови желби е исто што и одбивањето на него како личност.

А кога некој има две години, најважна работа на светот му е мајката и таткото да го прифатат. Со исполнувањето на желбите на детето за да му се покаже дека го сакаат, родителите ја потврдуваат оваа равенка. Со тоа пропуштаат, со доследно одбивање на исполнувањето на неговите желби (но и со јасно покажување љубов) да го научат да се разликува себеси од своите желби – а лицето кое во детството нема да го научи тоа ќе има многу комплицирани и нестабилни односи со другите луѓе, бидејќи секое спротивставување на неговите желби ќе го доживува како одбивање, непочитување и непријателство.

Идеологијата на среќното дете има многу повеќе негативни последици врз целокупното општество. Бидејќи среќните деца во детството учат дека е љубов кога некој постојано им угодува, им ја задоволува и исполнува секоја желба, кога ќе пораснат очекуваат и другите возрасни – партнери да се однесуваат кон нив на таков начин ако навистина ги сакаат. Митот за среќно дете се продолжува во мит за возрасна партнерска љубов која усреќува. Од љубовта се очекува уживање и задоволство, така што љубовта се изедначува со заљубеност, чувство кое е слично, но има сосема друга психолошка природа. Сето тоа доведува до нестабилност на бракот и семејството бидејќи генерации млади луѓе се обиделе да стапат во трајна врска со погрешно уверување дека заљубеноста е првата фаза на љубовта, дека интензивната среќа води до помала интензивна среќа.

Со детето управуваат неговите желби, детето управува со мајката, а таа со таткото. На тој начин целиот семеен систем е заснован на исполнување на желбите на детето.

Друга негативна последица е тоа што среќните деца се чувствуваат многу удобно во сопственото детство, а возрасниот живот го сметаат за нешто што е многу непријатно и неудобно. Ги набљудуваат своите родители, кои толку се обидуваат и жртвуваат за да им угодат, и заклучуваат дека не се сигурни оти и тие еден ден кога ќе пораснат, ќе бидат подготвени истото да го прават за своите идни деца. Сè кај нив создава отпор кон растењето, па тие одбиваат емотивно да пораснат и ја продолжуваат својата младост на 30, 40, дури и 50 години од својот живот.

Не треба да се занемарат ни економските аспекти од масивното присуство на ваквиот начин на воспитување деца, чија последица се возрасни луѓе кои се идеални потрошувачи бидејќи не се во состојба доволно да ги контролираат своите желби предизвикани од различни реклами и производи што се нудат. Се смета дека ваквиот начин на воспитување одговара на капитализмот бидејќи големата потрошувачка го стимулира производството и станува добра за економијата.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X