Катерина Талеска е професор по англиски јазик и преведувач. Ни испрати идеи кои може да им помогнат на родителите да го поминат забавно и корисно времето дома со децата
Инспирирана од тековната состојба со коронавирусот во нашата земја, а и пошироко, како мајка на две малолетни деца, решив да дадам свој придонес за илјадниците родители што овие денови се борат со секојдневието додека се во своите домови.
Можеби повеќето од овие идеи веќе ги практикувате, но, сепак, имајте ги на едно место секогаш кога ќе ви снема инспирација за некоја нова активност во домот. Децата брзо губат внимание и потребно е често да ги менувате активностите во текот на денот. Не е зло да им пуштите телевизија или да им дадете таблет накратко, но нека биде само накратко. Советите и идеите подолу ќе му помогнат на секој родител или старател да помине квалитетно време со своите деца во периодот кога сите треба да останеме дома и да покажеме одговорност.
Како и да е, запомнете дека структурата е најважна за дисциплина. Држете се до дисциплината и редот што ќе ги воспоставите во својот дом. Нека одговара на динамиката на вашите обврски во домот. Во секој случај, не прекинувајте ја еднаш добро воспоставената низа на активности. Структурата е добра и за децата, им помага да не се чувствуваат дезориентирано и изгубено во миговите кога нема училиште, а на повидок се долги денови во истите простории. На пример, не дозволувајте им да спијат до кога сакаат. Будете ги во 9 часот секое утро и почнете со активностите предвидени за тој ден.
Ако еден ден не успеете да го реализирате замисленото, не откажувајте се! Почнете одново следниот ден, ќе видите дека упорноста ќе се исплати и ќе имате чувство дека правите нешто корисно и за децата и за вас.
Време е да се ставите во кожата на еден учител/ка
• Читајте книги! – Колку и да звучи банално и клише, книгите никогаш не излегуваат од мода. Доколку имате помали деца, читајте им ги омилените бајки, приказни и басни. Дајте им време да ги анализираат ликовите, дискутирајте за нивните постапки, натерајте ги самостојно да размислуваат. Доколку имате поголеми деца, читајте ги заедно омилените автори и книги за кои немавте време додека бевте во трка по кариера.
• Изучувајте го човечкото тело. Секој ден посветете време на еден дел или систем од телото и детално проучете го. Анализирајте! На крај, нацртајте го.
• Гатанки, брзозборки и погодувања. Читајте им гатанки, а децата нека погодуваат. Вежбајте брзозборки. Играјте на буквата, на буквата. Создајте приказна, при што секој член на семејството измислува нова реченица, но мора да ги повтори и претходните од почетокот на приказната без да погреши.
• Задајте си предизвик! – Нека биде скриено богатство. Играјте го со топло-ладно.
• Ангажирајте ги да решаваат судоку, меморија, уочување разлики, наоѓање скриени зборови. Доколку немате материјали дома, на интернет може да најдете огромен избор на ресурси.
• Играјте ги познатите друштвени игри за кои никогаш немавте време. Карти, „Не лути се, човеку“, дама, шах, точка-икс и многу други.
Катерина Талеска
• Цртајте знамиња! – Децата ја обожаваат оваа активност. Секој ден нацртајте по 10 нови знамиња од земјите во светот и обојте ги. Доколку децата се помали, помагајте им. Играјте меморија со називите на државите и нивните знамиња. Одличен начин да се дружите со географијата, нели?
• Нацртајте мапа на светот! Земете големо парче хамер. Разбудете ја креативноста во себе. Секој ден дополнувајте ја мапата со нов континент. Означете ги посебностите на секој континент, како што се најдолги реки, највисоки планини, ретки видови животни. Имате цела недела загарантирана за забава и дружба со географијата.
• Познати личности! – Одберете по една позната историска личност секој ден. Издвојте ги најзначајните факти за неговиот/нејзиниот живот и зошто оваа личност оставила белег врз светот. Дискутирајте каква би била денешницата без тој изум/откритие.
• Вежбајте по дома! – Во текот на денот одвојте половина час за вежбање. Сега кога веќе сте дома и го имате целото време на светот, не можете да најдете оправдување за да останете физички пасивни.
• Гответе заедно! – Сигурно имате зачувано еден куп рецепти за кои никогаш не најдовте време да ги подготвите. Сега е моментот! Заедно мерете ги состојките, научете ги децата да следат упатства.
• Странски јазици. – Сигурно одамна сакавте и планиравте да научите нов странски јазик. Сега е вистинскиот миг! Направете го тоа заедно со децата, секако, доколку се малку поголеми. Креирајте сметка на бесплатната платформа за изучување странски јазици Duolingo и почнете уште денес! Само 15 минути на ден се доволни за да ја стекнете основата на еден странски јазик во рок од еден месец. Ќе си бидете благодарни на себе, а на децата ќе им помогнете да ги засакаат јазиците.
• Пишувајте поеми или кратки раскази. – Одлична активност за тинејџери и мали креативци.
• Играјте куглање! – Толку едноставна, а толку физички активна вежба. Децата ја обожаваат. Играта нека биде во вид на натпревар со награда за победникот за поголема стимулација.
• Редете коцки, составувајте сложувалки! – Направете најразлични фигури со коцки, од замок до зоолошка градина полна со животни. Редете сложувалки составени од повеќе парчиња и на крај овековечете ги во слика.
• Пластелин, глина, мониста и рачни изработки! – Никогаш доста од ваквиот тип забава. Сите деца уживаат да прават најразлични фигури со часови. Изработете накит или домашни украси! Правете оригами. Едукативно и забавно во исто време.
• Уметност! – Цртајте, бојте, експериментирајте со секаков вид уметност. Можеби ќе откриете и некој скриен талент
• Пуштете си гласна музика и играјте! – Звучи толку просто, но сигурно одамна не сте играле по дома, особено не целото семејство! Ако ве бидува за пеење, не е лошо да си организирате и караоке 🙂
• Гледајте филмови! – Организирајте си кино секој втор ден. Направете пуканки и топло чајче. Децата ќе уживаат во секакви анимирани и детски филмови доколку и вие гледате со нив и одговарате на нивните потпрашања. Предлози за сите возрасти: Доктор Дулитл (Doctor Doolittle -2020), Загубениот Јети (Abominable -2019), Кралот лав (the Lion King – 2019), Аладин (Aladdin – 2019), Дамбо (Dumbo -2019), Хрониките на Нарнија (Narnia -сите делови), Смолфут (Smallfoot -2018).
• Излезете на кратка прошетка! – Доколку не сте во целосен карантин и не ви е забранет излез од дома, истражувајте ја природата. Движете се на отворено и на доволно растојание од други луѓе. Проучувајте ги билките во паркот, научете ги видовите дрвја што ќе ги сретнете по пат. Нахранете ги птиците…
• Активност надвор! – Замислете си дека сте во омилената бајка… Тргнете во поход! Спасете ги прасињата или помогнете им на Јованче и Марика да си го најдат патот до дома.
• Слободен час! – Попладнето дајте им еден час за слободни активности во домот. Нека го прават она во што уживаат без ограничувања.
И запомнете: Без паника! Особено не пред очите и ушите на децата!
Доволно е да им објасните што се случува и каква е ситуацијата, но не повеќе. Нека ги знаат превентивните мерки и препораки. Немојте со часови да дискутирате пред децата и да ширите несигурност и страв. Направете да се чувствуваат безбедно, сакано и сигурно во својот дом.
Фото: Катерина Талеска
912