Бидејќи учебната година почна, а освен ковид-19 нè демнат и други вируси, експертите од Поликлиниката „Мазалин“ од Хрватска објаснуваат што е мононуклеоза, вирусно заболување на кое често се подложни и децата.

Иако оваа болест се нарекува и „болест на бакнежот“ бидејќи се пренесува преку плунка, бакнежот не е единствениот начин на кој некоја личност може да се зарази. Инфективната мононуклеоза е вирусна заразна болест која ја предизвикуваат Епштајн-Баровиот вирус и цитомегаловирусот. Личноста може да се зарази во текот на кој било контакт со заразена плунка, на пример, при пиење од исто шише или чаша со заразено лице, со делење садови и храна, близок контакт во колектив, како градинка или клас.

Личноста која веќе ја прележала инфективната мононуклеоза може повторно да се зарази со оглед на тоа дека оваа болест ја предизвикуваат два вируси. Така, на пример, лицето што било заразено со Епштајн-Баровиот вирус, следниот пат истите симптоми може да ги почувствува по инфекција со цитомегаловирус.

Како да се препознае мононуклеоза?

Наведените вируси имаат афинитет кон Б-лимфоцити, клетки кои го сочинуваат лимфното ткиво, како и клетките од слузницата на фаринксот, па затоа инфективната мононуклеоза најчесто се забележува во промените во лимфните јазли, слезината, црниот дроб и фаринксот. Промените на фаринксот често наликуваат на гнојна ангина, па затоа е важно да се научи да се разликуваат овие две болести. Симптоми на инфективна мононуклеоза се: лимфаденопатија (зголемени и умерено болни лимфни јазли) – најчесто на вратот, воспалено црвено грло, зголемени крајници со можни бели наслаги, покачена телесна температура (може да потрае до 2 недели), необјаснив замор, главоболка, зголемена слезина и црн дроб (може да се појави болка под ребрата) – најчесто трае 2 недели, исип.

Со оглед на тоа дека симптомите на инфективната мононуклеоза наликуваат на симптоми на гнојна ангина, често погрешното лекување се одвива со антибиотска терапија. Имено, примената на антибиотици кај пациенти со мононуклеоза може да доведе до настанување на карактеристичен исип по целото тело, па затоа е пожелно соодветно да се постави дијагнозата и навреме, за да не дојде до такви непријатни последици.

Што кога ќе се разболат децата?

Мононуклеозата кај децата се пренесува исто како и кај возрасните, но често нема карактеристични симптоми или инфекцијата е асимптоматска. Посебно внимание треба да се обрне на редовното земање на пропишаните лекови и одење на закажаните прегледи.

За да оздрави што побрзо детето, треба да се држите до следните совети:
-Ограничете му ја на детето физичката активност и поголемиот дел од времето нека одмора в кревет;
-Спречете да се занимава со контактен спорт;
-Осигурете се да биде доволно хидрирано (вода, чај и незасладени сокови);
-За ублажување на болките и намалување на телесната температура, користете лек што ви го препорачал лекарот;
-Ацетилсалицилна киселина е контраиндикативна кај деца!

Во случај на нагло влошување, новонастанати вртоглавици, несвестица, дехидратација или изненадувачки силни болки во стомакот, веднаш јавете му се на вашиот лекар, а ако не можете со него да стапите во контакт, јавете се во најблиската установа за итна помош.

Лекување на мононуклеозата

Не постои специфичен лек за мононуклеоза. Лекувањето е симптоматско, температурата се намалува со лекови наменети за тоа, а главоболката со лекови за болка. Важно е да се обрне внимание на голема хидратација – пациентот мора да пие доволно течности за да не дехидрира. Мирувањето е задолжително за да не дојде до руптура (пукнатини) во зголемениот црн дроб или слезина. Повеќето заболени не треба да бидат хоспитализирани. Останување во болница е потребно ако црниот дроб е изразено зголемен, ако крајниците се зголемени, па го отежнуваат дишењето или ако пациентот има општа лоша состојба (висока телесна температура, неможност за самостојно одење поради слабост, дехидратација и слично).

Важно е да се разликува инфективна мононуклеоза од гнојна ангина и да не се лекува со антибиотска терапија бидејќи освен што антибиотската терапија не помага во лекувањето на оваа инфекција, доведува и до карактеристичен исип по телото.

Исхраната помага во заздравувањето

Во случај на мононуклеоза, потребно е да се придржувате до „диета за црн дроб“, но таквата исхрана е речиси нормална. Потребно е да се избегнуваат масни јадења за да му се олесни на црниот дроб, но исхраната мора да биде разновидна, со многу зеленчук и овошје, па мора да содржи хранливи материи и витамини. Здравата и избалансирана исхрана придонесува за заздравување од заразни болести, па така и во случај на мононуклеоза.

Намирници и јадења што треба да се избегнуваат се: пржена храна и брза храна, запршка, сувомесни производи како сланина и колбаси, павлака и други млечни производи богати со масти, солени грицки како чипс, пекарски производи како крофни и бурек, свинска маст.

Автор: стручен тим од Поликлиника „Мазалин“

Извор



912

X