Ова е тема која настанува кога емоционалните потреби на детето, во периодот помеѓу првите неколку месеци и втората година од животот, не се задоволени. Бидејќи фазата на симбиоза со мајката за детето носела премногу предизвици, луѓето со оваа тема не искусиле и не понеле во животот толку важно телесно-психолошко чувство на сигурност и препуштање во нечии раце и воопшто во животот, чувство дека имаат право само да бидат тука, такви какви што се и да ја впиваат негата и љубовта, без нужност нешто да направат за да го заслужат тоа.

Оние што биле подмирени во овој стадиум од развојот можеби нема да знаат точно на кое чувство се мисли, но оние што не биле, ќе може да се поврзат, бидејќи препознаваат колку во животот им фали тоа чувство.

Личноста со оваа тема ја покренува потребата со некого да се спои и повторно да го доживее изгубениот рај на стопленост со мајката.

Како јаболко кое е набрано прерано, така и луѓето растат без природно да созреат и дел од нив секогаш останува детски гладен за некој што ќе ги згрижи, негува, сака, поддржува.

Културата и уметноста се драматично обележани со оваа тема, како потребата за спојување со друг, очајување поради губење на љубовта. Само еден од многубројните примери е оваа песна:

Depeche Mode – Only When I Lose Myself
It’s only when I lose myself with someone else
That I find myself
I find myself
I can feel the emptiness inside me fade and disappear
There’s a feeling of contentment now that you are here
I feel satisfied
I belong inside
Your velvet heaven

Првиот тип луѓе со оваа тема ги порекнуваат своите потреби (типични реченици: Не ми треба ништо. Можам јас сам/а.).

Создава слика за себе како независна, одговорна личност со силна волја. Кога ќе дојде во контакт со себе, чувствува колку копнее по топла утеха, за олеснување и напојување во прегратките на друга личност, но се срами да ѝ го покаже тоа. Еден од начините посредно да ја задоволи својата потреба е да биде тука за другите токму на оној начин на кој нејзе ѝ е потребно тоа. Нема да се штеди – ќе дава предадено и несебично, со многу разбирање и љубов. Така ќе добие дел од врската и вниманието што ѝ се потребни, но затоа ќе се исцрпува, бидејќи дава многу, а не бара, а кога ќе добие – не може навистина да го прими тоа. И така сè додека не се скрши. А потоа паѓа во својата дупка на очај, болка и горчина. Ваквите луѓе престануваат да бидат свесни за што било освен за своите потреби, посегаат по другите на начин кој може да биде интензивен и кој преплавува, така што другите ги одбиваат нивните барања или ги напуштаат бидејќи се чувствуваат задушени.

Со тоа овие лица во себе го потврдуваат своето основно уверување – дека не е безбедно да се отвораат и да го покажат своето најдлабоко чувство. Другите заминуваат. И остануваат срамот и добро познатата болна длабока празнина. Порекнувањето на своите потреби и решеноста да не бараат ништо е единствен начин да функционираат во овој свет во кој никогаш не може да бидат подмирени, каде што за нив нема задоволување. Во врските не се препуштаат и не ги откриваат потребите докрај, не посегнуваат по другиот кога им е тешко и суштински имаат многу малку доверба. Зад тоа лежи стравот од симбиоза – дека ќе се „залепат“ за другиот и ќе се изгубат себеси и/или дека другиот ќе замине.

Друг тип луѓе со оваа тема водат животи кои видно се вртат околу обидот другите луѓе емоционално да ги подмират и згрижат. Очајнички се лепат за другите, но чувството со кое често се соочуваат е очајот – бидејќи никогаш и ништо не е доволно. Во врските се емоционално зависни, склони кон симбиоза, изгледаат беспомошни и бараат од другите да бидат тука за нив, но празнината не може да се пополни со ништо што внесуваат. Дури и кога некој им го дава баш така што го барале. Пополнувањето на дупката станува важен животен двигател. Се обидуваат да најдат спас во другите, а кога ќе се разочараат, преминуваат на други начини: преку зависност од храна, алкохол, цигари, дрога, лекови, секс итн.

Како деца не биле несакани, но родителите не можеле на вистинскиот начин да им се посветат во најраните месеци. Мајката (или примарниот старател) е донекаде топла и негува, но не била доволно достапна временски (на пример, поради работа, брачни проблеми, втора бременост) или емоционално (најчесто поради депресија).

Родителите (главно несвесно) го поттикнувале детето побрзо да се осамостои и да се грижи за себе – таквите деца побрзо почнуваат да одат, да зборуваат, играат сами, успешни се на училиште, така што околу нив генерално немало многу работа.

Исто така, не постоела доволна усогласеност со детето – мајката не умеела добро да ги препознае и да одговори на детските потреби (на пример, детето плаче бидејќи е исплашено и потребна му е прегратка, а мајката му пика храна в уста).

Овие лица ги карактеризира суштинска емоционална нестабилност – некогаш се добро, со силна волја која им помага да функционираат и да се држат. А потоа се истрошуваат и запаѓаат во состојба на пасивност, немоќ, депресија, зависност, безволност, како да го изгубиле компасот во животот. Многу тешко преболуваат разделби. Лицето и телото им изгледаат помлади, детски, а некои делови од телото се недоволно развиени. Изгледаат слаби и нестабилни, како да се изморени и да им треба потпора. Усните им се стиснати за да не искажат потреба, вилицата им е стегната за да не покажат бес, градите воспалени од разочарување, а дишењето плитко, за помалку да го чувствуваат она што ги боли. За оваа тема е карактеристичен детскиот тажен поглед кој моли, кој некогаш го имаат во очите.

Бесот во голема мера го блокираат, но сепак излегува преку огорченост, критикување и иритираност. Потребите ги изразуваат жалејќи се на сè, барајќи и обвинувајќи други, а често и себеси. Лутината ја вртат кон себеси и со тоа го зајакнуваат депресивниот афект. Длабокото чувство на болка поради сите разочарувања обично не е освестено и проживеано, иако умеат и да плачат – но, тоа се повеќе површни празнења. Изразен е стравот од оставање, одбивање, отфрлање. Сè се врти околу невозможноста за задоволување: како да се почувствува мир, спокој и сигурно препуштање ако тоа искуство никогаш не е доживеано? Како да се задоволат потребите ако не знае што всушност му/ѝ е потребно? Од скратеноста што постоела некогаш, настанува навика самите себе да си скратуваат. Дури и кога се трудат да си угодат, тоа го прават на погрешен начин бидејќи не умеат да ги препознаат своите потреби за да си го дадат она што навистина им треба.

Само вистинско прифаќање на себеси со сите свои потреби е она што на овие лица ќе им даде суштинска сила. Кога ќе прифатат дека во себе имаат дете кое е толку гладно за љубов и кога ќе научат самите да го сакаат, тогаш потребата, како и количината на барањата за другите, ќе се намалат. На прво место е важно да научат како да ги препознаат своите потреби, да останат со чувството на осаменост и очај и да си го дадат баш тоа што им треба (наместо да трчаат по надворешен спас).

Кога вистински ќе ги прифатат своите потреби, срамот од она што го бараат ќе се намали.

Ќе почнат да комуницираат за своите потреби, наспроти заблудите дека ако мора да се бара, тогаш не е тоа тоа. Тука целта е воспоставување фина рамнотежа во тоа од кого и колку се бара. Големо животно учење ќе биде учењето да се прими. Колку што можат повеќе да почувствуваат задоволување, па детето во нив ќе се смири. Така ќе научат да даваат и да примаат љубов, не само да ја даваат или само да ја примаат и ќе можат да остварат зрела љубов. Важна е и работата на освестување на бесот, бидејќи здравиот бес води кон развој на стабилен ЈАС, одвоен од другите, правото да кажат ДА и да бараат за себе, правото да кажат НЕ без страв дека другиот ќе замине и со самото тоа да бидат поактивни во улогите во односите и креирањето на сопствениот живот.

Раните повреди се тешки за луѓето што ги носат, но кога ќе ги освестат и ќе преработат, носат прекрасни дарови: можност за навистина длабок и исцелувачки начин да им се посветат на другите, чувство за туѓите потреби, радост во давањето и делењето, уживање во блискоста и моментите на целосно препуштање на друго битие (без губење на себеси), моќна интуиција, големо отворено срце и залагање за хумани цели. Овие лица се добри во подучување, психологија, негување од кој било вид, а често се посветуваат и на социјална работа и активизам (поради силното сочувство кон сите на кои нешто им е скратено). Себеси се наоѓаат и во светот на зборовите, идеите, често се вешти со зборови, многу читаат и имаат развиени интелектуални капацитети.

Пораката што им е потребна од другите: „Имаш право да имаш потреби и да бараш“, „Можеш да кажеш ДА или НЕ на она што ти го нудам. Останувам со тебе што и да одговориш“, „Ќе те прашам што ти е потребно и ќе останам со тебе додека не ми дадеш одговор“.

Автор: Тамара Видовиќ, психотерапевт

Извор



912

X