Првата едукативна работилница ќе се одржи на 21 декември во основното училиште „Киро Глигоров“ по што ќе следуваат слични настани и во останатите училишта

Со работилници, предавања и разни активности, во основните училишта во Општина Центар ќе се подига свеста кај учениците за правилно и редовно одржување на хигиената на рацете.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат и општина Центар го најавија проектот за едукација за правилно миење раце, кој ќе се спроведе во сите основни училишта во општината. Кампањата ќе се одвива под слоганот „И суперхероите мијат раце“, а целта е да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете.
Истражувањата покажуваат дека токму основните училишта се најчест извор на зарази, а една од причините е што голем дел од децата воопшто не ги мијат рацете додека се на училиште.

– Податоците за хигиената на рацете кај децата во основните училишта се загрижувачки. Имено, 58% од нив мијат раце по употребата на тоалет,а сапун употребуваат 28% од девојчињата и само 8% од момчињата. Овој недостиг на ефективни практики за хигиена на рацете, честопати доведува до акутно гастроинтестинално заболување кај децата во основното образование – истакна денеска на прес-конференција проф. д-р Весна Герасимовска, специјалист интернист, субспецијалист нефролог.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова објасни дека целта е да се посетат сите основни училишта, прво почнувајќи од Општина Центар и на соодветен начин да ги едуцираат учениците како да изградат правилни хигиенски навики.
Децата ќе се учат како правилно да си измијат рацете со сапун со што ќе се спречат инфекции и појава на болести како дијареја, пневмонија и грип, кои се најприсутните заболувања помеѓу децата од училишна возраст.

Покрај учениците, во процесот на едукација од стручни лица, ќе бидат вклучени и вработените во училиштата.
Градоначалниот на Општина Центар, Саша Богдановиќ истакна дека со оваа кампања дополнително ќе се подобри хигиената во сите основни училишта, а се надева дека овој позитивен пример ќе го следат и другите општини низ Скопје и низ целата држава.

Првата едукативна работилница ќе се одржи на 21 декември во основното училиште „Киро Глигоров“ по што ќе следуваат слични настани и во останатите училишта. Со цел да се привлече вниманието на учениците, ќе се креираат и специјални постери, како и стикери за во тоалетите во училиштата.



912

X