Родителството понекогаш може премногу да ве оптовари. Ако ви се чини дека не можете да излезете на крај со проблемите и дека можеби ќе го повредите детето, побарајте помош. Нормално е како родител понекогаш да наидете на предизвици и да ви биде тешко да ги надминете.

Особено може да ви биде тешко да ги контролирате емоциите и однесувањето кога сте изморени, фрустрирани од лошото однесување на детето или не сте сигурни дека ги завршувате работите на вистинскиот начин. Недостигот на поддршка, исто така, може сериозно да го намали вашето трпение и способноста да излезете накрај со проблемите.

Понекогаш, ако сте загрижени поради лични, емоционални, здравствени или финансиски проблеми, можеби ќе ви изгледа дека не сте во состојба на правилен начин да се грижите за своето дете. Тешките искуства што сте ги преживеале во минатото (несреќно детство или недостиг на семејна поддршка) можат дополнително да ве оптоварат кога ќе станете родител. Кога ситуацијата ќе излезе од контрола и ќе му се налутите на своето дете – тогаш може да се случи случајно да го повредите вербално или физички.

Никогаш не е во ред да го повредите детето. Секое дете има право да биде безбедно, заштитено и да не трпи ниту еден облик на насилство.

Што да правите ако мислите дека ќе го повредите детето

Еве неколку техники што може да ви помогнат ако мислите дека ќе го повредите своето дете:

– Сопрете се.
– Оддалечете се и дишете длабоко.
– Повикајте некого, член од семејството, пријател или телефонска линија за помош за родители за да поразговарате за сето она што ви се случува.
– Кога ќе се смирите, размислете за тоа што се случило и како тоа ви влијае вам и на вашето дете.
– Направете нешто за да ја поправите ситуацијата.
– Најдете помош за да ја промените ситуацијата.

Важно е веднаш да побарате помош. Ако на детето му е потребна и медицинска интервенција, повикајте итна помош.

Кој може да ви помогне

Ако мислите дека ќе го повредите своето дете и препознавате чувства кои предизвикуваат таков порив, еве кој може да ви помогне:

– Телефонска линија за помош на родители.
– Установи и организации за поддршка на родители – контактирајте ја својата општина за информации.
– Општ лекар.
– Психолог или советник – вашиот општ лекар може да ви препорача кому да се обратите.
– Работници од социјална служба.
– Организации што укажуваат помош во случај на семејно насилство.

За барање помош потребна е храброст, но на тој начин покажувате дека:

– Го сакате своето дете и го сакате најдоброто за него.
– Сфаќате дека имате проблем.
– Преземате одговорност.
– Сакате да ја промените ситуацијата.
– Сте одлучиле да ја подобрите ситуацијата.

Имајте на ум дека не сте единствен родител што се соочува со проблеми. Секој лекар, психолог, советник, социјален работник и СОС-оператор на телефонски линии веќе разговарал со некој што има слични проблеми како вас и му помогнал. Стручните лица можат да ви помогнат и да ви дадат идеи како позитивно да му пристапите на родителството. Да побарате помош е најдобрата можна работа што можете да ја направите за своето дете, семејството и за себеси.

Извор



912

X