Одењето е „важна“ дисциплина која се вежба според начелото на обиди и грешки. Притоа детето безброј пати ќе се обиде да стане од седечката положба и пак ќе падне. Дали треба буквално секојпат да го задржите?
Децата седат, ползат, се исправаат и паѓаат, се обидуваат да ги дофатат работите, да одат… Сето тоа е дел од здравиот развој. Без оглед колку нежни ни изгледаат малечките, тие се подготвени да го „платат данокот“ што е потребен за да проодат. Телото им е поеластично отколку што замислувате, а мускулите секој ден им се сè поцврсти. Вие, како добар родител, подготвени сте да направите сè што е потребно за нивната безбедност и среќа. Сепак, внимавајте вашето однесување да не биде презаштитничко бидејќи тоа може да има и негативни последици.
Преземање одговорност
Основното правило е: Како што си се качил, така симни се. Детето кое без туѓа помош може да застане во стоечка положба на некој начин е одговорно за своите движења и би требало самото да се врати на подот. Тоа приближно е како кога вие сте се качиле на планина, а на врвот сте сфатиле дека не знаете како да се симнете, па повикувате хеликоптер да дојде по вас. Со тоа одговорноста за вашето однесување им ја префрлате на други. Ако мајката секојпат го фаќа исправеното дете кога ќе почне да се спушта, му праќа порака дека таа е дел од неговиот механизам за движење и со самото тоа, таа е одговорна за неговото безбедно „слетување“. Во таков случај детето ќе почне да паѓа секогаш кога ќе ја види мајката во близина, дури и на возраст кога ќе може самостојно да се спушти од стоечка во седечка положба. Тоа чувство временски може да се одолжи, па затоа чести се примерите кога детето автоматски скока од седиштето покрај кое стои мајка му додека таа зборува со пријателката. Детето не разликува дали вие го следите со поглед и сте подготвени да го фатите или, пак, сте завртени со грбот кон него. Таа е причината зошто повеќето вакви случки се случуваат во близина на родителите, кои не стигнуваат да реагираат.
Искуството како лекција
Детето што не било „придржувано“ многу брзо учи да се потпира на себе бидејќи самото ќе го научи најдобриот и најбезбедниот пат кон долу. Добар пример за тоа се паѓањата на задникот или на колкот. Децата што немаат искуство најчесто доживуваат драматични падови со потешки последици.
Ако ви е тешко да го замислите ова, можеби ќе ви помогне следниов пример. Замислете задача во која треба да паднете на грб, а пријателите ви ветуваат дека ќе ве задржат. Во тој момент мора добро да се концентрирате за да ги смирите сите гласови во вас што ви велат „не“. Детето што нема искуство во паѓањето го нема тоа „не“. Затоа, навистина е важно детето да се научи самостојно да владее со своето тело. Немојте да го спречувате во тоа.
Љубов, пред сè
Последно, но не и помалку важно: не жалете го претерано детето кога ќе падне. Загрижениот израз на вашето лице ќе го расплаче и детето со најсилен карактер. Ќе се исплаши од вашата реакција и спонтано ќе заплаче иако ништо не го боли. Не заборавајте да бидете насмеани и да го поттикнувате, но исто така не потсмевајте се кога ќе падне и не игнорирајте ја болката на детето кога бара утеха. Со една голема прегратка, поттикнете го повторно да се обиде и свртете ја целата ситуација во игра и забава бидејќи тогаш нема место за солзи.
Прво истражувам, потоа се одморам
Ако често паѓаат, некои деца престануваат да го истражуваат стоењето. Тоа е знак дека уште не се подготвени за стоење. Кога ќе им дојде времето, со сигурност ќе се исправат во стоечка положба и ќе се спуштат долу. Најчесто се работи за период од неколку дена.
Наједноставен начин како детето да ја научи одговорноста за сопствените движења е малку да се оддалечите од него во клучниот момент. Детето мора да знае дека нема да го фатите, но и вие мора да го знаете тоа. Сепак, не испуштајте го од вид. Предупредувајте го да се држи цврсто. На почетокот ќе плаче и ќе моли за помош, но цврсто ќе се држи. Ова е инстинкт кој не треба да се занемарува. Оставете го малку да го доживее тој момент, а потоа покажете му како да се спушти. Бидете му поткрепа и поддршка.