Да се прашуваат децата и да не постои влијание од возрасните, кои се оптоварени со стереотипи, тие слатко би си играле со секоја играчка што ќе им падне в раце, без да размислуваат дали е наменета за момчиња или за девојчиња. Во реалниот живот мал е бројот на родители, а особено баби и дедовци кои на малото момче нема да му речат: „Остави ја таа кукла, таа е за девојчиња. Земи автомобилче или пиштол“, а на девојчињата: „Само машките играат фудбал, дојди да го пресоблечеме твоето бебе и да го нахраниме“.
Но, дали возрасните се во право?
Децата треба да играат со сите играчки
Од аспект на развојните психолози и социолози, грешат сите оние што ги тераат децата да играат само со играчки што се наменети за нивниот пол.
– До осумдесеттите, деведесеттите години на минатиот век, произведувачите се грижеле само за тоа дали играчките со светли, „весели“ бои, како што се црвена, зелена, жолта, ќе им се допадната на децата, а потоа под силен притисок на антифеминистичките движења играчките се поделени според половите. Оттогаш, а особено во последните години се форсираат розова, црвена и жолта боја за девојчињата, а сина, маслинесто-зелена, сива и црна за момчиња – вели д-р Лиса Динела, вонреден професор на Универзитетот „Монмоунт“ и главен истражувач во Лабораторијата за рамноправност на родовите.
Иако тоа може да изгледа како тривијално прашање, играчките им помагаат на децата да учат нови вештини, да ги развиваат моториката и интелектот, а не служат само за забава, па затоа со нив заедно треба да си играат сите деца.
– Приборот за готвење и бебешките столчиња, кои содржат и пелени, и облека, и шишиња, се одлични за развој на когнитивните способности и јазични вештини кои им се потребни и на девојчињата и на момчињата. Од друга страна, правењето згради од коцки, правењето патишта и играњето со железнички композиции ја развива кај децата способноста за снаоѓање во просторот, но воедно им дава основа за учење на математичките принципи кои се важни за сите, а не само за машкиот пол. Ако на децата им се забранува да играат со играчките што се наменети за спротивниот пол, тие губат бидејќи нема да можат да истражуваат што се крие од другата страна на границата што му е поставена – објаснува д-р Елизабет Свит, која предава социологија на калифорнискиот Универзитет „Дејвис“, и нагласува дека децата треба да се одгледуваат без родови стереотипи.
На момчињата што играат со кукли им лепат погрдни имиња
Всушност, додава д-р Свит, бебињата не прават разлика помеѓу играчките зашто возрасните не можат да им влијаат. Дури кога ќе наполнат три години, децата стануваат свесни за родовите разлики и сфаќаат на кој пол му припаѓаат, па тогаш се јавува првиот отпор на момчињата кога ќе им се понуди нешто розово и отпор кај девојчињата кон сини работи и играчки. Тоа е последица на воспитувањето, насочувањето, а и на нивните усвоени потреби да се однесуваат типично за својот род.
Дека сето тоа се случува под влијание на околината сведочат експерименти во кои девојче кое се приклучува на група врснички со задоволство си игра со камион зашто сите тие го прават тоа, или во кои на момче му е нормално да си игра со кукли зашто со нив си играат сите други момчиња на кои им се приклучило.
Околу петтата година, кога ќе станат свесни за тоа кои се и што се, децата, ако возрасните не ги осуетат во тоа, ќе посакаат да си поиграат со играчките од спротивниот пол. За жал, влијанието на маркетингот, стереотипите и очекувањата од околината се толку силни, што малку возрасни и малку деца ќе успеат да им се спротивстават.
– Ова особено важи за момчињата, на кои им лепат разни погрдни имиња. Цената на игнорирањето на строго утврдените друштвени норми не е мала и ретко кој е спремен да ја плати. Затоа, поништувањето или барем ублажувањето на разликите меѓу играчките треба да биде задача на сите што се задолжени за благосостојбата и правилниот развој на децата – вели д-р Елизабет Свит и ги советува родителите да покажат малку храброст зашто играчките немаат пол.