Воспитување

И малите гестови на љубезност можат да направат голема разлика – воспитајте љубезни деца

Родителите многу често им кажуваат на децата да бидат љубезни кон другите – особено кога станува збор за браќата и сестрите. Но, воспитувањето на децата да бидат љубезни бара многу повеќе од тоа. Љубезните деца мора да имаат способност да ги препознаваат туѓите емоции. За среќа, љубезноста може да се всади кај децата. Во една неодамнешна студија експерти од Центарот за здравје на мозокот во САД им дале на 38 мајки да ги водат своите деца на возраст од 3 до 5 години преку онлајн програма, на обука за љубезност. Децата завршиле пет кратки модули. Истражувачите откриле дека децата од предучилишна возраст биле пољубезни и поемпатични по завршувањето на обуката.

– Добрината понекогаш се зема здраво за готово – вели Стефани Барка, терапевт за социјални услуги и член на одборот на непрофитна мрежа за љубезност на децата, која е специјализирана за борба против семејната злоупотреба. „Но, тоа е навистина вештина која може да му овозможи на секое дете да даде голем придонес за оние околу него. Тоа пак им помага ним да се чувствуваат навистина добро и да се гордеат со себе“.

Еве три работи што ги прават родителите кои воспитуваат љубезни деца:

Градење емоционална интелигенција

Иако луѓето имаат тенденција да мислат на љубезноста како на специфична карактерна особина, таа се заснова на повеќекратен концепт на емоционална интелигенција – збир на вештини кои им овозможуваат на луѓето да ги разберат сопствените и туѓите емоции и да развијат способност да ги насочуваат сопствените мисли и постапки. Емоционално интелигентната личност може точно да го согледа и процени она што другите го чувствуваат и соодветно да ги контролира сопствените емоции како што налага ситуацијата. Помагањето на децата да развијат емотивен речник кој им овозможува да ги препознаат чувствата и емоциите е средство со кое децата се насочуваат да станат љубезни луѓе.

Пофалување на децата за нивната добрина

Родителите не почнуваат од нула кога ги учат децата на добрина. Ако се посветите на забележување и потврдување на моментите кога децата покажуваат љубезност и истакнување на капацитетот што веќе го имаат, создавате позитивна јамка што ја поттикнува љубезноста да се развива понатаму. Детето покажува љубезност, возрасниот го забележува тоа и го фали, а потоа пофалбата предизвикува позитивна нервна реакција која го поттикнува детето да ги повтори добрите дела. Се разбира, родителите мора да ги научат децата и на негативните последици од нељубезното однесување.

Заедно вежбајте учтивост

Наместо само да им давате на децата примери за тоа како да бидат љубезни, во секојдневните ситуации дозволете им да учествуваат во креативниот процес на градење љубезност со свое темпо. Дајте им можност да размислат за алтернативно однесување кон вас или кон други луѓе, да препознаат што би било љубезно во однос на она што всушност се случува и сами да најдат начин да го извлечат најдоброто од себе и од другите во секоја ситуација.

За постарите деца, волонтирањето може да биде начин да се зајакне љубезноста. Дури и малите гестови на љубезност можат да направат голема разлика.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top