Активностите што воспитувачките ги споделуваат со родителите имаат цел децата да останат поврзани со градинката, воспитувачките и другарчињата и покрај изолацијата
„Драги дечиња. Сакаме да знаете дека не ни е пријатно ова време што го поминуваме надвор од градинката. Мислиме на вас и се надеваме дека сте безбедни и здрави. Ни недостигаат вашите приказни, вашите насмевки, ни недостигате вие и нашите занимални исполнети со вашата енергија. Ве сакаат вашите учителки“. Ова е пораката што ве пречекува штом ќе ја отворите веб-страницата на скопската градинка „Кочо Рацин“, која се наоѓа во Центар, Скопје.
Но, оваа порака е само вовед за она што следува. Веб-страницата на градинката е исполнета со многу активности наменети за родителите и за децата. „Запознавање со птиците што се вратија во нашиот крај“, „Игри со балони”, воспитувачките читаат приказни, има активности со цртање, боење, креирање, подготвени од стручни лица од градинката… Сето ова се прави со цел децата да останат поврзани со градинката, воспитувачките, другарчињата и покрај изолацијата. Секако, и да учат низ игра и полесно да им помине денот.
Директорката на оваа градинка, Габриела Алабашовска, вели дека во текот на првата недела биле зафатени со издавање на потврдите на родителите, но веднаш по овие обврски решиле да направат многу повеќе за децата и родителите.
– Со тимот од градинката решивме сите активности што ни се планирани за следниот период да ги симнеме на ниво на кое би можеле родителите да работат од дома и да им ги дадеме. Активностите ги изработија нашите вработени. Идејата е да ги понудиме сите теми што децата би ги работеле кога би биле тука. Најважно е сега да се одржи контактот со воспитувачките и негувателките, да се надмине оваа ситуација и сите се надеваме побрзо да ни се вратат децата – вели Алабашовска.
Таа потенцира дека за развојот на децата е важно да бидат активни со вакви тематски разработки на зададени теми, особено оние деца што во септември ќе тргнат на училиште. Следни активности што ги подготвува градинката се за предметот математика.
– Програмата за децата од поголемите групи е насочена кон тоа да ги подготви за училиште, па затоа е важно да се запознаат со овој материјал. Исто така, и самите воспитувачки се во постојан контакт со родителите и децата, им кажуваат за сè што е поставено на веб-страницата, па им даваат и дополнителни активности, а потоа си споделуваат слики – вели Алабашовска.
Оваа градинка им се обраќа на родителите и на децата и со помош на видеоматеријали. Воспитувачките објаснуваат како треба да се направи некоја активност или им читаат приказни.
Овој позитивен пример го следат и други градинки во земјава, што е за пофалба со оглед на тоа што предучилишното образование не е задолжително, па се прави на доброволна основа.
На „Јутјуб“ на страницата е-занимална се понудени повеќе содржини за децата во градинка.
Наставно-воспитниот процес продолжува и во градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош. Славица Велјановска ни објасни дека воспитувачките им праќаат активности на родителите уште од првиот ден кога останале дома.
– Преку групата на „Вајбер“, на која комуницираме, воспитувачките ни праќаат активности. Тие се изработени од психолози, педагози, кадар од градинката. Потоа, кој сака споделува фотографии. Идејата е убава, децата имаат некаква активност, интересно им е – вели таа.
Сличен начин на комуникација со родителите има и во битолската градинка „Естреја Овадија Мара“. На фејсбук-страницата се споделуваат активности што може да ги прават родителите со децата. Но, родителите комуницираат со воспитувачките и во затворени фејсбук-групи во кои практично се води настава низ игра.
Ви споделуваме и неколку активности што ги подготвија воспитувачки од овие градинки, а кои може да ги пробате дома со вашите деца:
Активност на градинката „Кочо Рацин“:
Возрасна група: 2-4 години
Активност: ,,Игри со балони” – потскокнување/подвижна игра
Потребен материјал: балони во повеќе бои и ликовен материјал
Тек на активноста:
Надувајте неколку балони во повеќе бои и големини. Поттикнете го детето да ги именува боите – црвен како мојата блуза, зелен како тревата, жолт како сонцето и сл. Направете кратка споредба и во големините (кој е најголем, а кој е најмал). Потоа предложете му на детето да играте заедно: ,,Одбери со кој балон сакаш прво да играме“. Балонот подавајте си го во височина, потскокнувајќи со двете нозе. Можете и да го мотивирате детето со зборовите: ,,Колку високо потскокна… сега највисоко, балонот летна до таванот!“ Кога балонот ќе падне долу – земете втор, продолжете со играта… додека постои интерес. Следете ја детската реакција, насочувајте го да го прави тоа со внимание – да се труди балонот да се задржи подолго горе. На крајот потсетете се кој балон се одржал најдолго во игра и ставете го на почесно место во собата. Насочете го детето да ги нацрта или наслика балоните – изборот нека биде на детето.
Активност на градинката „Естреја Овадија Мара“:
Возрасна група: 2-6 години
Активност: Уочување на промените во природата во годишното време пролет
Потребни материјали: слики, стихотворба, лист хартија и боички;
Тек на активноста: На почетокот на децата им велиме: Ајде да погледнеме надвор низ прозорецот за да видиме какво е времето, разговараме за времето надвор… ги прашуваме дали знаат кое годишно време сме сега, им кажуваме дека сега е годишното време пролет.
Пролетта е веќе пристигната на 21 март и ќе трае три месеци. Во пролет природата се буди. Преку серија слики и прашања заедно со децата ќе ги уочиме промените и појавите во природата во пролет. На првата слика има расцветано дрво и ги прашуваме децата што гледаат на сликата? Што забележуваат на дрвото? На другата слика се цвеќињата. Ги прашуваме во каква боја се цвеќињата, какви се ливчињата, каква боја е тревата, им кажуваме дека во пролет врне дожд. Им ја покажуваме сликата со штрк и ластовички. Со децата разговараме кој се враќа од топлиот југ, дали имаат видено штрк и ластовички во нивното место на живеење, на покривите на куќите, стреите… Преселните птиците доаѓаат во пролет во родниот крај и си ги поправаат старите гнезда. Им ја покажуваме сликата со инсектите (пеперутка, бубамара, бумбар, пчела, оса, штурец, мравки). Им ја покажуваме сликата со инсектите и со шумските животни, им кажуваме дека и тие се будат од зимскиот сон (мечка, зајак…).
На последната слика е претставена пролетта. Децата си играат на ливадата, времето е потопло и денот подолго трае.
Во прилог една стихотворба за пролетта.
Радосна вест
Во гората Зајко скока
Вест радосна носи
Сите ѕверки отсега да одат боси
Зошто пролет дојде и првиот цвета цвет
Дедо Медо се разбуди и тргна да бара мед.
На крајот ликовна игра: Доврши ја пролетната слика (трева, цвеќиња, инсекти…)
912