Некогаш одамна децата се воспитувале поинаку. Љубовта, вниманието и емоциите главно доаѓале од мајката. Таткото бил авторитет, некој кој не се расфрла многу со нежности, некој кој многу работи и нема време за галење со децата. Мајките се обидувале да го компензираат тоа колку што можеле, но многу често наместо „те сакам“, нуделе колачи, нов шал, омилено јадење, чиста облека, топли крофни…

Да му се каже јасно и гласно на детето „те сакам“ било реткост. Љубовта се докажувала на секој друг начин освен со зборови. Затоа денес имаме генерации зрели луѓе што не знаат да се изразат ниту со емоции ниту со зборови. Емотивни инвалиди кои не знаат да вербализираат ниту едно чувство. Но, не се тие виновни, не се виновни ниту родителите бидејќи немале од кого да научат. Некогаш родителите мислеле дека ако му дадат на детето храна, дом и облека, му дале и љубов. Ни денес не е многу подобро, многу е слично, но е малку поубаво завиткано во целофан.

Децата денес не сметаат дека многу сте жртвувале ако фрижидерот е полн, не го сметаат за љубов ако имаат покрив над глава и не ги интересира многу вашиот кредит и висината на ратите. Ни тоа што имаат убава гардероба не го сметаат за нешто вонземно бидејќи денес сите имаат убава гардероба. Тоа нашите деца го надминале, тие бараат нешто повеќе. Третата човечка потреба е потребата за љубов. Е таа е многу спорна. Секој има потреба да сака и да се чувствува сакан. На децата тоа можеби им е попотребно од чаша топло млеко.

Колку пати сте ја чуле реченицата: „Им пруживме сè и гледај како се однесуваат“.

Јас барем сум ја чула онолку пати колку што имам години, и така секој од нас.

Кога ќе прашате што е тоа сè, ќе ги добиете сите одговори освен љубовта. Ново ова, ново она, најнов модел од ова, најнов модел од она, стан овде, куќа онде, викендица горе, викендица долу, образование ваму, образование таму…

Додека сето ова вие сте го создавале за нив, сте заработувале… тие биле без родители, го сакале вашето внимание, заедничко дружење, заедничко будење. Се прашуваме зошто децата ни се егоистични, материјалисти и бесчувствителни. Да не се прашуваме повеќе – сè што се научиле од нас – родителите. За сè што станале – ние сме заслужни.

„Те сакам најмногу на светот, во стан од 50 квадрати“ – е поголем луксуз отколку два стана од 100 квадрати во кои никој никогаш не изговорил ниту збор, бидејќи сигурно двата стана од 100 квадрати вредат колку 200 пати „те сакам најмногу на светот“ и зарем тоа треба да се зборува, сигурно се подразбира дека тоа е љубов. И да престанеме да се лажеме себеси повеќе дека сето тоа сме го направиле заради нив. Сето тоа ние го правиме заради нас, да видат другите дека сме успеале, да им докажеме на другите дека можеме… и да престанеме веќе да се вадиме на децата.

„Те сакам најмногу на светот“ за нив е нешто најважно. И не, така нема да ги разгалите.

И тука некој многу нè измамил. Љубовта кон детето нема врска со неговото однесување. Го сакаме и детето што слуша и она што помалку слуша. И тоа нема врска со љубовта, тоа има врска со воспитувањето.

Затоа кажувајте им на своите деца дека ги сакате. Можеби тогаш и подобро ќе ве слушаат, гледаат. Не е толку тежок збор и нема да ве чини ништо.

Автор: Селма Кариќ



912

X