Седмоодделенците требаше да истражуваат познати слики или скулптури, а потоа да ги пресоздадат. Требаше сами да се подготват, односно да размислат кои од предметите дома може да ги искористат и приспособат. Горд сум што сите посветено работеле и притоа ги запазиле ликовите, заднината и деталите, а со тоа го постигнале ефектот на пресоздавањето, вели наставникот Никола Ѓелинчески

Кога ќе го чујат поимот домашна работа, на децата знае косата да им се крене на главата. Особено периодов, додека се одвива наставата од дома, кога ниту концентрацијата им е на ниво ниту имаат желбата за учење. Но, домашната задача што учениците од седмо одделение во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје ја добија пред неколку дена од својот наставник по англиски јазик Никола Ѓелинчески ја извршија со голема радост и желба.

Матеа се преобрази во „Девојката со бисерна обетка“, дело од Јоханес Вермер

Тој им дал предизвик да пресоздадат познати уметнички дела. Без никакви сугестии, секој ученик сам си го избрал тоа што му се допаѓало и што можел да го оствари во домашни услови.

Една недела за изработка

Седмоодделенците имале една недела за да ја завршат домашната задача, а темата била „Пресоздавање на уметноста“. Биле сработени вкупно 35 слики на деца од две одделенија.

За идејата да ги поттикне учениците, разговаравме со наставникот Ѓелинчески, кој десет години работи во образование, од кои три години во ова училиште.

 

Никола Ѓелинчески

– Уште на почетокот од карантинот многу светски музеи и галерии понудија бесплатни онлајн-изложби и објавија конкурси за пресоздавање познати уметнички дела. Осмата тема од учебникот за 7. одделение е фокусирана на различни уметнички стилови и дела, како и вокабуларот што се користи за да се објаснат. Покрај вежбите во книгата, сметав дека е одлична можност малку подлабоко да се навлезе во темата и секој поемотивно да се поврзе со својот проект. Сите ученици требаше да истражуваат познати слики или скулптури, а потоа да ги пресоздадат. Требаше сами да се подготват, односно да размислат кои од предметите дома може да ги искористат и приспособат. Горд сум што сите посветено работеле и притоа ги запазиле ликовите, заднината и деталите, а со тоа го постигнале ефектот на пресоздавањето – вели креативниот наставник.

Сара ја избра Мона Лиза на Леонардо да Винчи за предизвик

Ѓелинчески е убеден дека учениците долго ќе се сеќаваат на својата слика и се надева дека ќе ги инспирира да научат уште повеќе.

– Многу сум благодарен на позитивните реакции и коментари на луѓето што ги видоа и со тоа им покажаа на моите ученици дека секоја работа завршена со труд и љубов вродува плод. Нареднава недела ќе следува презентација на сработеното. Секој ученик ќе има задача да објасни што создал и како. Некои од децата навистина темелно истражуваа за значењето на делата.

Децата сакаат предизвици – покажуваат интерес и кога домашните не се задолжителни

Ова не е прва домашна задача во која овој наставник се обидува да биде креативен и да ги мотивира учениците. Вели дека некои од тие домашни најчесто не му се задолжителни, но, сепак, учениците покажувале голем интерес.

– Покрај потрадиционалните домашни работи, се трудам да ги мотивирам да сработат нешто поразлично и покреативно. Важно ми е преку тие проекти учениците да се надградуваат на свој начин и да си го најдат својот стил на изразување и работење. На пример, кога учевме за телевизиски програми, требаше да снимат видео за одбраниот жанр. Кога работевме за училишни системи, учениците имаа задача да истражат како се одвива образованието во други држави. Некои од децата немаа страв и сами воспоставија контакт со училишта од Англија, Јапонија, Кореја за да добијат информации и да си ги сработат презентациите. Како наставник на овие прекрасни деца, многу сум горд што добро соработуваат со пониските одделенија и им помагаат со совладувањето на материјалот за претстојните натпревари – вели наставникот.

Давид – „Синот на човекот“ од Рене Магрит

Во нивното школо се користи платформата „Зум“. Ѓелинчески вели дека развиваат поинаква работна навика.

– Лично, сметам дека сега попедантно работам во однос на класифицирањето на домашните работи и организирањето на портфолијата на учениците. Истото за себе го посочија и учениците. Веројатно тоа се должи на фактот што имаат повеќе време и наставниците им се достапни по цел ден. Оттука можноста за домашни работи за кои се потребни повеќе труд и трпение. Од друга страна, голем дел од колегите се родители на мали деца и можам само да замислам какви тешкотии имаат. Сега имаме повеќе административна работа со евиденцијата и снимањето на часовите. Покрај потенцијалните технички проблеми, при работењето онлајн има и такви што се поврзани со злоупотреба на алатките што ни се понудени. Повеќето од нив би можеле дури и да го саботираат часот, но моите ученици не би си дозволиле да направат нешто такво. Имам привилегија да работам со генијални, креативни и топли деца и баш поради тоа ми недостига енергијата од училницата. Во секој случај, за нас ова беше ново, позитивно искуство и сигурен сум дека ќе го земеме предвид и во иднина – смета наставникот.

Од неговото искуство споделува дека денешните генерации се општествено многу свесни и со висока способност за критичко размислување.

– Не мислам само на секојдневни теми како филмови, книги и уметност, туку на посериозни теми, на пример, климатски промени, родови разлики, ментално здравје. Сето тоа им е на дофат баш поради достапноста на информациите преку технологиите. Наше е како институции да се модернизираме, а како наставници да се обучиме доволно за да може да ги следиме трендовите и да сме спремни правилно да им ја насочиме енергијата и да ги поддржиме за сите идни потфати – додава Ѓелинчески.

Погледнете дел од пресоздадените уметнички дела:

Јана и „Портрет на Дора Маар“ од Пабло Пикасо

Дарија како „Кутрата Лиса“ од Орест Кипренски

„Дамата со ласица“ од Да Винчи – предизвик за Деа

Филип – „Стариот гитарист“ на Пабло Пикасо

„Кошмар“ од Хенри Фузели на наставникот Никола

Неда и делото „Љубовниците“ – Рене Магрит

Тамара како „Девојчето со сламениот шешир“- Мери Кесет

 

Иван го направи автопортретот на Рембрант ван Ријн

Лука го создаде „Утрински чај“ од Дмитри Кинг

Елена како „Балерина“ од Едгар Дега

Лара ја создаде „Клодин“ од Марсел Диф

Андреј и дело од Рудолф Хаузнер

Михајло направи автопортрет на Ван Гог

Ведран како Наполеон на Жак-Луј Давид

Срна – „Портрет на една госпоѓица“ од Огист Реноар

Милица како „Св. Роса од Лима“

Михаела направи автопортрет на Ван Гог

Лејла како „Рози“ од Тим Окамура

Ирем како „Девојката со кадравата коса“ од Вилијам Калвик Јуниор

Славната „Пијач на апсинт“ од Пикасо видена од ученикот Баруш

Марко, „Синот на човекот“ – Рене Магрит
Фото извор: „Јахја Кемал“


912

X