Заштитничкиот став кон детето на овие родители оди во крајност, а нивна цел и задача е по секоја цена да го поштедат од неудобност, непријатна ситуација… Тие даваат сѐ од себе за да му помогнат и таму каде што треба и таму каде што не треба, па тоа нема можност да се осамостои

Додека децата се мали, ги хранат иако знаат сами да јадат, ги облекуваат иако одамна сами ја усовршиле и таа вештина, го смислуваат нивното домашно, а „ако треба“, и го пишуваат за да биде совршено и најдобро. Кога децата ќе пораснат, им се мешаат во пријателските и партнерските односи, им избираат партнери, им го контролираат секој чекор… Поради претераниот заштитнички однос, популарно се познати како хеликоптер-родители. Иако веруваат дека го прават најдоброто за детето, тие неретко знаат да им го загорчат животот.
– Верувале или не, има родители што доаѓаат на голем одмор за да го нахранат детето, по неколку пати дневно ми ѕвонат за да прашаат за сѐ што се случувало, постојано се во училиштето. Ова како да е модерно. Не можете да им објасните дека децата имаат своја приватност – вели наставничка во основно училиште.

„Задушување“

Марија Кукуноска, психолог и семеен системски советник, објаснува дека поимот хеликоптер-родители ги опишува оние што се опседнати со грижата за своите деца, сакаат постојано да бидат присутни во нивниот живот, без разлика на која возраст е детето. Тие имаат заштитнички став кон детето кој оди во крајност, а исто така нивна цел и задача е по секоја цена да го поштедат од неудобност, непријатна ситуација…
– Ако се следи овој модел на родител, развојно во раната возраст на детето, и не може многу да се одвои како посебен и различен стил на воспитување бидејќи грижата за новороденче е очекувана и таа треба да биде 24 часа. Новороденчето е зависно од мајката, пред сѐ, па така сето она што мајката ќе го направи како грижа кон своето дете е нормално и оправдано. Но веќе по втората година од детството може да се забележи родител кој има т.н. хеликоптер-модел на воспитување – вели Кукуноска.
Најчесто, уште кога детето ќе почне да ги кажува првите зборови, овој тип родители постојано го „тераат“ да го повторува кажаниот збор правилно. Тие постојано се околу детето. Не го оставаат да го истражува светот преку игра, преку запознавање на предметите, во мало катче или креветче каде што на малото дете му е потребен простор да се запознае со бои, форми…
– Така, оваа грижа продолжува со растот и развојот на детето. Тоа е под постојан мониторинг од родителот, не смее никаде да оди без него и кога ќе постигне способност самостојно да се облекува и соблекува, родителот најчесто инсистира тој да го облекува – објаснува психологот.

Конфликти во пубертетот

Како последица на сето ова, најчесто се јавуваат проблеми во адолесцентниот период кај детето, кога ќе се соочи со надворешниот свет, кога ќе има потреба од поставување граници.
– Адолесцентите секогаш имаат потреба да бидат сами со себе, тие во овој период се пронаоѓаат, а кога постои хеликоптер-родител, тој сака секаде и во секој момент да биде присутен во животот на детето. Но тоа сега веќе е адолесцент и најчесто доаѓа до конфликт, кој, пак, завршува со незадоволство од двете страни. За овој родител е незамисливо некој да го повреди неговото дете, да се соочи со непријатна ситуација и истовремено е лут како на детето не му годи неговото присуство. Адолесцентот, од друга страна, е лут и нервозен прво бидејќи развојно периодот носи бунтовно однесување, второ, зашто родителот нема разбирање за неговите потреби – вели Кукуноска.

Проблеми со партнерите

Поради ваквото однесување на родителите, кај нивните деца понатаму се појавуваат проблеми во партнерските релации. Родителите најчесто немаат граници.
-Детето што го прифатило овој модел на својот родител кога ќе основа свое семејство, ќе има проблем со поставување граници помеѓу своите родители и партнерот. Исто така, дете што можеби и не е свесно дека е одгледувано со овој стил и не знае дека воопшто има и треба да има граници, може да има проблем во партнерските релации, кои може да се мешаат и со пријателски релации – објаснува психологот.

Пет минути за себе и за преслушување

Свесноста дека нешто се случува е првата работа што може да се направи.
Улогата родител е најкомплексната во животот, не може да се научи, не може да се вежба, да се чита, да се предвиди… Она што може да биде од помош за секој родител е повремено, на пет минути, да застане и да се преслуша каде е, како се чувствува, како се чувствува неговото дете, кои чувства ги препознава кај детето, кај себе, кај партнерот?

Дозволете да погреши

– Ова е само еден од можните начини како да постигнеме свесност и соодветно да се реагира. Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, па тргнувајќи од оваа мисла за да го направи најдоброто за своето дете, тој мора да постави здрави граници. Пуштете го детето да погреши, не исполнувајте ја секоја негова желба, научете го на реалност. Доколку штетата од некоја активност на детето е релативно мала, тогаш искуството што детето може да го извлече од тоа е драгоцено – потенцира Кукуноска.

Од еден на друг курс, па на спорт, на роденден…

М-р Лидија Зорба, психолог, вели дека ова е нов и како што претпоставува посликовит опис за категорија родители кои поголемиот дел од денот (и животот) го минуваат разнесувајќи деца од еден на друг курс, на спорт, на роденден…
– Но, всушност, се работи за родители кои имаат презаштитнички однос кон децата кој го манифестираат на тој начин што даваат сѐ од себе да им помогнат и таму каде што треба и таму каде што не треба. Резултатот од таквото претерано помагање вообичаено е тоа што децата кои имаат хеликоптер-родители немаат можност да се осамостојат соодветно на нивната возраст, а заедно со тоа, скратена им е можноста да стекнат самодоверба во секојдневните животни ситуации – вели Зорба.

„Живеат за децата“

Крајниот резултат по правило е нарушен, забавен или стопиран емоционален развој на децата. Тоа значи дека овие деца хронолошки стареат заедно со нивните врсници, но емоционално заостануваат во развојот. Освен ова, може да развијат и анксиозност доколку се најдат во ситуации кога треба да покажат ефикасност без нивните родители и тоа долгорочно се одразува врз сите сегменти на животот.
– Она што е помалку познато е дека родителите што претерано им помагаат на своите деца или дури и ги завршуваат нивните работи несвесно сакаат нивните деца да не созреат и да не си заминат од домот – да останат постојано емоционално, а честопати и економски врзани за родителите. Ова честопати се манифестира како потреба на децата да живеат во заедница со родителите и кога се на возраст кога би требало да се одвојат од примарното семејство. Во Македонија тоа е многу чест случај и како традиција се одржува со глорификација на „пожртвувани“ родители кои „живеат за децата“. Но тоа е сосема погрешно – објаснува Зорба.

Да научи да лови риба наместо да ловите за него

Можеби звучи како клише, додава таа, но добрите родители треба да ги научат децата како се лови риба наместо да ја ловат за нив до крајот на животот. Ниту едно дете не може да доживее зрелост во вистинска смисла на зборот ако не мине низ фазите на емоционално, физичко и материјално осамостојување.

 



912

X