И по закон и по Устав децата мора да бидат згрижени, велат од Министерството за труд и социјална политика, но на терен владее хаос – некои родители ги однеле децата на училиште, но не знаат кој ќе ги чува, дали воопшто некој ќе ги чува, дали ќе има храна во целодневната настава или не!

Утрово почна најавуваниот штрајк во образованието, на згрижувачкиот и воспитен кадар во градинките и на наставниот кадар, откако деновиве не се постигна договор помеѓу СОНК и Владата.
Многу работи не се јасни, па родителите имаат дилема што да прават со своите деца. Некои училишта им кажале дека ќе работат со заменски наставници, а некои не.

– Утрово ја однесов ќерка ми на училиште бидејќи не знаев како да постапам, учителките ништо не ни кажаа иако сто пати ги прашавме што да правиме. Дојдоа две деца, седеа во училницата околу половина час, но никој не се појави. Почекав, па на крај ја зедов ќерка ми и си заминавме – вели мајка на втораче.

Родителите што имаат деца во различни одделенија добивале контрадикторни информации.

– Син ми е прваче и неговите учителки ни кажаа дека ќе штрајкуваат, дека не знаат кој ќе ги чува децата, па повеќето родители се изјаснија дека нема да ги носат децата. Истовремено, повеќето наставници од предметна настава на ќерка ми, во истото училиште, кажаа дека не штрајкуваат и дека учениците мора да дојдат на настава – вели мајка на две деца во основно училиште од Скопје.

Родителите ги споделуваат нивните ставови на социјалните мрежи. Велат дека целата состојба е конфузна и дека од воспитувачите или од наставниците не добиле јасна препорака како да постапат, односно дали да ги пуштат децата во градинка или на училиште.
Мајка на две ученички во исто училиште вели дека едната ќерка ќе оди на училиште зашто имале наставник кој не бил член на СОНК и тој ќе ги надгледувал децата, но за другата добила препорака да не оди зашто нема да се одржува настава.

– Родителите се тотално збунети. Не знаат што да прават. Ако ги пуштиме децата, излегува дека не ги поддржуваме наставниците, но ако не го сториме тоа, ќе треба самите да се снаоѓаме околу чувањето на децата. Ајде, ќе се снајдеме неколку дена, но не се знае колку ќе трае овој штрајк – посочува таа.

Многумина од родителите, особено оние на помали деца кои одат во градинка или во пониските одделенија, веќе ги ставиле во функција бабите и дедовците или, пак, блиските роднини.

– Не знаеме дали ќе има храна за децата ако ги однесеме. Треба да бидеме на штрек. Не можам да си дозволам порано да излегувам од работа, па затоа детето воопшто не го однесов во градинка. Кога ќе се среди состојбата, тогаш ќе продолжиме редовно да посетуваме градинка – додава еден родител на „Фејсбук“.

Но, Законот за детска заштита вели дека градинките мора да ги згрижат децата и во услови на штрајк.

И по закон и по Устав децата мора да бидат згрижени, велат од Министерството за труд и социјална политика (МСТП).

– По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните, односно треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст – посочуваат оттаму.

За МТСП, грижата за најмладите, децата е приоритет, а заштитата на нивните права, наша заедничка одговорност.

Гризме Бакиу, директорката на градинката „Фидани“ во скопски Чаир, во петокот ни изјави дека штрајкот ќе се одржи во понеделник, секако ако нема некаков договор викендов, кој во меѓувреме не се случи.

– Оние вработени што се во Синдикат ќе штрајкуваат, а тие што не се во Синдикат ќе ги примаат децата. Можеме да се снајдеме за децата да не останат незгрижени. Очекуваме да имаме деца, можеби не во полн капацитет, но имаме и поддршка од родителите – додава таа.

МОН: Законот предвидува заменски наставници

И од Министерството за образование и наука (МОН) рекоа дека правото на образование е загарантирано со Устав.

– Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите и образовните установи се должни тоа да го овозможат. Во отсуство на наставник или наставници, предвидена е можност за ангажирање на заменски кадар, во интерес на учениците и непречена едукација. Спроведувањето на законите го контролира Државниот просветен инспекторат-велат од МОН.

СОНК бара повисоки плати за 18,5 отсто

Согласно одуката на својата четврта седница одржана на 29 март, СОНК до сите основни и средни училишта, градинките, ученички и студентски домови, високообразовни и научни установи во државата испрати упатство за организирање и одржување на штрајкот, според кое штрајкот би се одвивал во самите образовни установи, во работно време и во простории одредени од претседателите на синдикалните организации, во договор со директорот на установата.

СОНК бара зголемување на платите за 18,5 проценти, односно нивно усогласување со минималната плата која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.



912

X