Колку гушкање е доволно и што значи здрав однос и вистинско емоционално поврзување родител-дете го прашавме Станислав Петковски-Сашо, спец. медицински психолог

Новите родители добиваат многу совети, а тие често се збунувачки – едни велат дека детето треба почесто да се гушка, други сметаат дека тоа води кон разгалување, трети оти детето се „учи на раце“… Забуната знае да направи нервоза, а таа е сосема непотребна во услови кога родителите се соочуваат и со многу обврски и со неспиење.
Колку гушкање е доволно и што значи здрав однос и вистинско емоционално поврзување родител-дете, го прашавме Станислав Петковски-Сашо, спец. медицински психолог, сертифициран трансакциски аналитичар, семеен психотерапевт и тренер за процес-комуникациски модел, како и обучувач на обучувачи.

Децата не се „мали возрасни луѓе“

– Првата година од животот на детето е неговата најважна година. Дијадата мајка-дете има доминантна улога во развојот. Сепак, таткото особено во втората половина од таа година има значајна улога во разбирање, прифаќање и испорака во сигнализацијата и дразбите (контактите) со детето (бебето). Има и посредна улога, а тоа е неговиот однос со мајката и емоционалното поврзување кое влијае врз капацитетот за врзување на мајката со своето дете – објаснува Петковски.

Поврзаноста или врзувањето, според психологот, е феномен за кој до денес спорат експертите од оваа област, а тоа е прашањето дали тоа е стекнато или наследено?

– Се разбира дека и двете тврдења се точни. Околу наследеноста – ќе зависи од тоа каков темперамент ќе има детето, тоа е биолошка матрица дали ќе биде екстровертно или интровертно. Според тоа ќе зависи и дистрибуцијата и потребата за дразби. Бидејќи темпераментот е биолошка матрица, на него не може социјално да се влијае во однос на неговиот интензитет и енергија, но квалитетот на дразбите, како и нивниот квантитет, го обезбедуваат родителите – вели Петковски.

Токму поради тоа, додава нашиот соговорник, нивното влијание е предмет на социјалната психологија.

Психологот објаснува дека доколку детето има јак темперамент, тогаш тоа ќе има поголема потреба за многу дразби. Дете со послаб темперамент ќе има помала потреба за дразби.
– Така, и покрај најдобрата намера на родителот, потребно е тој да знае каков темперамент има неговото дете бидејќи и „преплавувањето“ со дразби, како и недостигот, може подоцна да направи комуникациски проблеми кај детето – вели нашиот соговорник.

Станислав Петковски – Сашо

Идејата „гушкајте ги своите деца“, се разбира, има своја хумана и добра намера. Но, ова ако се разбере метафорично, може да го „преведеме“ вака:
– Бидете во контакт со своите деца, тие се деца, тие не се „мали возрасни луѓе“, тие размислуваат симболично, особено на мала возраст до две години. Гушкајте ги, би значело во овој случај: разберете ги, бидете во контакт со нив и тогаш вие први ќе забележите кои потреби сакаат да им бидат задоволени. Тоа правете го континуирано и константно, без напливи на отсуство и перманентно присуство. Обезбедете им луѓе и деца околу нив, бидејќи тие ќе им дадат нешто друго што вие не можете. Обезбедете им адекватен простор и играчки за играње. Играјте со нив, тоа е најголемото гушкање! – советува Петковски.

Проблемите со однесувањето се поврзани со односот со родителите во најраните години

Основач на теоријата за поврзаност е англискиот психијатар и психоаналитичар Џон Боулби, кој смета дека проблемите во однесувањето на децата, нивната адаптација во општеството и агресијата на адолесцентите се вкоренети во некои нарушувања на детскиот однос со родителите во најраните години од детството.

Ерик Берн, врвен психотерапевт и основач на трансакциската анализа во својата книга „Која игра ја играш“, објаснува дека тeоријата на социјалното општење може накусо да се прикаже на следниот начин: „Елен Хендлер Спиц откри дека децата што подолг период ќе проживеат без непосредна нега, покажуваат знаци на неповратно пропаѓање, наречено анаклитичка депресија и стануваат неотпорни на првата болест на која ќе наидат. Всушност, тоа значи дека она што тој го нарекува недостиг на чувства може да има смртоносни последици. Овие забележувања водат до идејата за глад за дразба и потребата за врзување и укажуваат на тоа дека најомилените форми на дразби се оние што ги дава физичката блискост, особено во првите 6 месеци по раѓањето – заклучок што лесно може да се прифати врз основа на секојдневното искуство. Слични појави можат да се видат и кај возрасните лица што се лишени од сетилни дразби. По експериментален пат е покажано дека таквото лишување може да предизвика психоза во преодна форма или барем привремени психички нарушувања. Од историјата е познато дека кај лицата осудени да поминат подолг период во самица, лишувањето од социјални контакти и сетилни дразби имало слични последици. Всушност, самицата е една од казните од која ги фаќа ужас дури и затворениците што се отапени на физичките грубости, па редовно се користи за кршење цврсти политички убедувања. (Обратно, цврстата организација е најдоброто оружје за зачувување на политичките убедувања).“

Прејадувањето има свој пандан во пренадразнетоста

На биолошки план, пишува Берн, лишувањето од емоционални и сетилни дразби веројатно предизвикува или забрзува органски промени. Ако ретикуларниот активирачки систем во мозокот не е доволно стимулиран, може да уследат дегенеративни промени во нервните клетки, макар и посредно.
„Ова може да биде и секундарен ефект од слабата исхрана, но и самата слаба исхрана може да биде производ на апатија, како кај дечињата што патат од маразам. Според тоа, можно е да се замисли еден биолошки синџир кој води од лишување од емоционални и сетилни дразби, преку апатија, до дегенеративни промени и смрт. Во таа смисла, за биолошкиот опстанок на човечкиот организам гладот за дразба има иста вредност како гладот за храна.
Навистина, не само во биолошка, туку и во психолошка и општествена смисла гладот за дразби оди паралелно со гладот за храна. Изразите, како што се недохранетост, заситеност, гастроном, гурман, џимирија, аскет, кулинарски вештини и добар готвач – лесно можат да се пренесат од областа на исхраната во областа на сетилната перцепција. Прејадувањето има свој пандан во пренадразнетоста. Во обете сфери, во нормални услови, кога снабденоста е добра и кога се располага со разновидно мени, изборот ќе биде под силно влијание на личните афинитети. Можно е тој афинитет да е во помала или поголема мера одреден од конституцијата, но и раното искуство во хранењето“, се вели во книгата.

За социјалниот психијатар, како и за клиничкиот психолог, е интересно она што се случува по одвојувањето на доенчето од мајката во текот на нормалното растење.
„Она што досега беше речено може да се сведе во изреката: Ако не те погалат, може да ти се исуши ‘рбетот. Според тоа, кога ќе заврши периодот на голема блискост со мајката, во остатокот од животот човекот е соочен со една дилема од која му зависи судбината, па и опстанокот. На едната страна се сите оние општествени, психолошки и биолошки сили што го попречуваат одржувањето на физичката блискост во стилот на мало бебе, а на другата е постојаната жед токму за таквата блискост. Во повеќето животни ситуации човекот е принуден на компромис“, објаснува Берн.



912

X