Грозјето е плод на виновата лоза и се огледува низ целиот свет. Уште во античко време Египќаните, Феникијците, Грците и Римјаните одгледувале винова лоза, исклучиво заради лековитото дејство на неферментираниот сок од грозје.

Свежо, сушено, во вид на сок, оцет или масло… секоја средба со грозјето благотворно влијае врз нашиот организам. Иако е навидум лесна намирница, грозјето, според својот енергетски потенцијал, е вистинска мала бомба.

Во сто грама свежо овошје (тоа е количина која може да ја собере во женска дланка со средна големина) има 70 калории, еден грам протеини, 0,2 грама масти, 20 грама јаглехидрати (од кои 15,5 грама шеќери) и еден грам диетални растителни влакна. Неверојатно, нема што. Добар извор е на витамините А, Е и Ц, како и на минералите – магнезиум и калиум.

Благодарение на изразената концентрација на растителни пигменти (биофлавоноиди), кои му даваат и боја, грозјето спаѓа во намирници со изразен антиоксидантен потенцијал. Тие особини му даваат способност да се бори против зрачења, чадот од тутунот, лековите и другите материи што ги оштетуваат нашите клетки, а со тоа и целиот организам.

Еден грозд, здраво срце…

Постојат многу докази за влијанието на грозјето врз здравјето и врз крвните садови. Полифеноли, ресвератоли, антоцијани, катехини и кварцетини (растителни пигменти) се компоненти кои со меѓусебното дејство се превенција при појава на срцеви заболувања и болести на крвните садови, но и ја спречуваат веќе напреднатата болест. Сите овие состојки се наоѓаат во само еден грозд. Со ферментација, готвење и сушење се намалува нивната концентрација, а со тоа и нивните одбранбени својства.

Чаша вино со ручекот

Често сме ги слушале овие совети упатени на нашите родители, пријатели и соседи што имаат проблем со високиот притисок. Како потврда на ова тврдење, наведени се жителите на Медитеранот, како популација со најмала стапка на срцеви заболувања. Но, не е разгледуван фактот за останатите квалитетни намирници што тие ги консумираат во текот на целата година (маслинки, риба, смокви…) кои им обезбедуваат антиоксиданти и ги надоместуваат пигментите на грозјето изгубени во процесот на ферментација и правење вино. А каде е влијанието на морето, сонцето и другите предности на околината и тоа поднебје? Сето тоа, со другите квалитети на животот, може да обезбеди поздраво срце на популација каква што е нашата. Чаша вино како предлог е евтин начин за оправдување на лошите навики. Затоа е подобро да се јадат свежи плодови од грозјето отколку да се пие сок, а подобро е да се пие сок од грозје отколку вино.

Во грозјето е лекот…

„Антиоксидансите од овошјето и зеленчукот, како што се витамините А, Е и Ц, кои ги има во грозјето, значително придонесуваат за зачувување на видот“ – ова е објавено во студија од Офталмолошкиот архив во Србија. Три оброка со ова овошје на ден го намалуваат ризикот за појава на катаракта. Кожата на гроздовите е богата со влакна кои го подобруваат варењето. Од нив може да се прави и чај, кој успешно се бори против речиси 14 вида бактерии, вклучувајќи ги и ешерихија коли и стафилококус ауреус. Семките од грозјето треба внимателно да се џвакаат бидејќи е докажано дека го намалуваат нивото на холестерол во крвта.

Грозјето во служба на убавината

Ставете две полни раце зрна грозје во блендер. Ќе добиете тоник, со кој треба обилно да ја натопите кожата на лицето, а потоа да го прекриете со тенка газа. По 10 минути измијте го лицето со вода. Доколку овој третман го повторувате двапати неделно, ќе забележите посвеж изглед на кожата и намалување на ситните брчки.

Рецепти:

Салата од туна и грозје

Потребно е: 170 грама зелена салата, 100 грама бело грозје, помала конзерва туна и за прелив сенф, малку сол, јогурт и мајонез.

Подготовка: Салатата искинете ја на парчиња, туната исцедете ја од маслото, па измешајте ги. Додајте го преливот и украсете со грозје. Изладената салата послужете ја со тост-лепчиња.

Необични раженчиња

Потребно е: 100 грама свежа црвена пиперка, 100 грама тиквички, 100 грама домати, 200 грама печурки, 150 грама грозје, босилек, маслиново масло и сол.

Подготовка: Зеленчукот исечете го на поголеми коцки. На стапчиња за раженчиња наизменично редете ги зеленчукот и грозјето. Премачкајте ги со масло и зачинете. Печете во тава која е премачкана со масло – од секоја страна или на скара.

И, се разбира, уживајте во грозјето сега, додека му е сезона.

Автор: д-р Ријалда Остојиќ



912

X