До третата година децата сѐ уште учат како да комуницираат со возрасните и со врсниците, но тоа често не оди како што треба поради недоволно развиениот говор и малиот фонд на зборови, па посегнуваат по методи на невербална комуникација. За жал, во нив спаѓаат и туркање, удирање, гребење, кубење, па дури и гризење. Сѐ додека оваа фаза не помине, ќе страдаат и родителите и другите деца.
Иако вакво однесување може да се појави без непосреден повод, постојат случки што го поттикнуваат, како раѓање на брат или сестра, губење член на семејството, преселба, промена на градинката или на воспитувачката. Сѐ што им ја менува нивната рутина и ги дестабилизира се одразува врз нивниот апетит и нивниот сон, па стануваат раздразливи. А бидејќи својата фрустрација не успеваат ни да ја вербализираат, ниту можат да се изборат со неа, почнуваат да касаат и физички да ги напаѓаат врсниците и возрасните.
Тогаш треба да се земе предвид дека децата што се однесуваат така не сакаат никого намерно да повредат, туку сакаат да привлечат внимание или да се изборат за место меѓу врсниците.
Ваквото однесување речиси секогаш престанува по одреден период, а колку ќе трае, зависи од детето и од условите во кои расте, но и од реакцијата на околината. Нема место за паника, но родителите и воспитувачите мора да реагираат за да се смири детето.
Доколку детето ги удира, кубе или ги гризе родителите, браќата, сестрите, бабите и дедовците, треба да му покажете дека тоа е погрешно, но важно е да не западнете во замка. Бидејќи детето со непосакуваното однесување сака да привлече внимание, треба да му го скратите тоа. Ако по инцидентот се фокусирате на него и почнете да го карате, тоа ќе ја постигне својата цел. Затоа, вниманието насочете го кон „жртвата“ и не санирајте ги штетите, а со „агресорот“ пресметајте се подоцна.
Карање и казнување не се дозволени. Мора да му објасните дека тоа боли и дека со своите постапки повредува други луѓе, а тоа ќе му помогне да се стави во улога на нападнатиот. Учете го на емпатија, сочувство и на вештини на комуникација. Научете го на примерен начин да ги изразува своите потреби и желби наместо да го привлекува вниманието на околината со гризење.