Викањето, шлаканиците, саркастичното обраќање и повторувањето на старите грешки лесно може да ја нарушат самодовербата на детето и да предизвикаат пркос.

Секој родител сака да придонесе за развивање на самодовербата на детето, која често ја нарекуваме самопочит, односно всадено чувство за вредност. Тоа е основа која силно влијае врз тоа како детето ќе се гледа себеси во текот на растењето, а подоцна и во улогата на возрасен и му помага полесно да се справи со предизвиците во односите со другите луѓе, во прифаќањето на промените и новитетите што ги носи животот, вели д-р Џефри Бернштајн, психолог и колумнист.

Колку и да го сакате најдоброто за вашето дете како родител, сигурно е дека повремено ќе погрешите во воспитувањето, што понекогаш може сериозно да го наруши чувството за самопочит, без разлика дали тоа се случува на рана возраст, за време на пубертетот или младоста. Донесуваме неколку лоши навики или грешки на родителите кои можат негативно да влијаат врз детето.

Кога ќе ви се случат такви ситуации, важно е да бидете свесни за нив и да му се извините на детето. Важно е да му укажете дека не заслужило ваква реакција од вас и дека тоа е резултат на момент на слабост – затоа што сте уморни и исцрпени, бурно реагирате.

Еве кои навики треба да ги прекинете доколку не сакате да ја нарушите самодовербата на вашето дете.

Викање и удирање

Ништо не може да ја наруши самодовербата на детето толку колку удирањето и викањето. Со таквото однесување се претставувате како личност која не го контролира својот темперамент во обид да му ја одземе власта на детето.

Краткорочно, можеби ќе ја постигнете посакуваната промена во однесувањето на детето, но со викање и удирање сте го понижиле детето, што секако долгорочно ќе има многу негативни последици и лошо ќе се одрази врз неговата самодоверба.

Повторување на старите грешки

Откако ќе го решите проблемот, немојте повторно да му го споменувате на вашето дете. Дајте му шанса да започне повторно, без товарот од минатото. Наместо постојано да се враќате на негативното, почесто фалете ги позитивните навики на детето бидејќи тоа ќе придонесе детето да се чувствува подобро во своја кожа. На тој начин природно ќе стекне чувство за тоа што се очекува од него и почесто ќе го повторува, што е пример за позитивно воспитување.

Всадување чувство на вина

Можете да го прашате вашето дете како би се чувствувало кога би било во ваша кожа, но не правете го тоа премногу често. Родителите често ја преминуваат таа граница во обид да го натераат своето дете да „сфати“ дека е негова „вина“ за тоа како се чувствува. Често сме убедени дека тоа е за доброто на детето, но ова верување е многу погрешно. Со постојано всадување чувство на вина детето ќе почне да се чувствува како „неуспех“. Со тој пристап, всушност, би можеле да го турнете далеку од себе, вели д-р Бернштајн.

Саркастични коментари

Користиме сарказам кога го кажуваме она што не го мислиме, често спротивно од она што го кажуваме, што се препознава во начинот на кој го кажуваме. Еден пример би бил кога родителот ќе каже нешто како „О, тоа беше многу паметно од тебе“, откако детето ќе направи нешто многу лошо. Со таа забелешка ќе го повредите детето бидејќи правите да се срами, наместо конкретно да му објасните што е проблемот со неговото однесување.

Ако сте навикнати да реагирате саркастично, детето може да почне да молчи кога ќе му се случи вакво нешто за да не биде предмет на вашиот потсмев.

Не станува збор само за самодовербата

Овие примери може да влијаат врз развојот на самодовербата, но и да го поттикнат детето да развие пркос. Со текот на времето, ова може да доведе до пркосно однесување поради негативните емоции што детето ги развива откако родителите ќе ги повредат нивните чувства.

Извор



912

X