Се надеваме дека со оваа шега нема никој да се навреди бидејќи служи за да се насмееме. Имено, постои една изрека која вели: „Децата се како палачинки – првата е секогаш малку чудна“.

И речиси секој родител на две или повеќе деца ќе се насмее на оваа изрека. Но, што ако во семејството не се роди второ дете и детето остане единец?

Тоа не значи апсолутно ништо, исто како што шегата не значи ништо. Но, нека послужи како вовед во темата за воспитување деца-единци. Шегата настрана, воспитувањето дете-единец може да биде посебен предизвик за родителите бидејќи тие немаат претходно искуство што ќе ги води, ниту пак некаков баланс што би го обезбедил другото дете.

Едно од мислењата кога станува збор за деца-единци е тоа дека се разгалени и тешко се социјализираат. Се разбира, тоа е мит, но можно е родителите на овие деца да направат некои грешки што ќе влијаат врз воспитувањето. Ова се најчестите грешки.

Претерана заштита

Претераната заштита е една од најчестите грешки во воспитувањето деца-единци, а причината често е немањето браќа и сестри со кои може да се сподели вниманието. Со цел да се избегнат ситуации кои не се пријатни за детето, родителите почнуваат да го прават она што детето може да го направи само. Претераната заштита на детето од секаква можна опасност може да има негативни последици и да ја ограничи неговата независност и самостојност.

Решение: На детето треба да му се дозволи да го истражува и доживее светот самостојно, со соодветен надзор и слободата. Клучот е да се најде рамнотежа помеѓу безбедноста и можностите.

Нереални очекувања

Ова е уште една вообичаена грешка во воспитувањето деца-единци – родителите имаат нереални очекувања за постигнувањата и однесувањето на нивното дете, што создава непријатни и непотребни притисоци. Очекувањето од детето да биде најдобро во училиште, спорт, музика и други области му предизвикува преголем напор кој преминува во стрес и анксиозност.

Решение: Важно е да се запомни дека секое дете има свои таленти, силни и слаби страни.

Недостиг на социјална интеракција

Без браќа и сестри, децата-единци имаат, објективно, помалку можности за социјална интеракција, а со тоа и развој на социјални вештини со врсниците. Во денешната трка со времето лесно е ненамерно да се прават грешки и да не им се обезбеди простор на децата да комуницираат со другите деца. Социјализацијата на децата не зависи од бројот на членовите на семејството, туку од ситуациите на кои се изложени кога се со други, нивниот однос со родителите и во градинка/училиште.

Решение: Родителите на децата-единци играат важна улога во олеснувањето на интеракциите на нивното дете со другите. Иако е заморно, важно е на детето да му се најдат и да му се обезбедат ситуации во кои тоа ќе комуницира со други деца.

Премногу активности

Важно е родителите да знаат дека балансот е многу важен. Некои родители се обидуваат на секаков начин детето да не биде осамено, па сакаат тоа постојано да се занимава и да биде окупирано со нешто. Но, исполнувањето на секој минута од денот со активности може да го исцрпи детето и да не му остави доволно простор за игра, релаксација, па дури и моменти кога треба да му биде досадно.

Решение: Родителите треба да најдат рамнотежа помеѓу структурирани активности и неструктурираната игра.

Немање граници

Во некои семејства со само едно дете постои тенденција да се претера за да се надомести отсуството на браќа и сестри. Понекогаш е тешко за родителите да постават граници или да премолчат нешто пред своето дете без да се чувствуваат виновни. Иако е разбирливо да се сака детето секогаш да биде среќно, немањето јасни граници може да има негативни последици. Ако им ја скратиме можноста на децата да научат да се справуваат со фрустрацијата и да практикуваат саморегулација, тоа може да влијае врз нивниот развој.

Решение: За да се избегне оваа грешка, родителите мора да преземат одговорност за поставување јасни, едноставни, соодветни граници за возраста. Овие ограничувања не само што се здрави, туку и нудат сигурност, го организираат нивниот свет и поттикнуваат рамномерен раст.

Непоттикнување детето да споделува

Нормално е децата-единци да сметаат дека сѐ во домот е нивно и само нивно. И играчките и вниманието на родителите. Една од најчестите грешки во воспитувањето на детето е тоа што не го учите да ги споделува своите работи. Иако е точно дека многу од работите што ги поседуваат се само нивни, важно е да разберат дека ќе има ситуации кога ќе мора да ги споделат. Тие треба да научат да го прават тоа без чувство на обврска, да бидат флексибилни и да ги гледаат придобивките од тоа.

Решение: Важно е на детето да му се всади вредноста на добрината кон другите уште од рана возраст. Имајќи можност да го научи и усвои ова со членовите на семејството или врсниците во паркот, детето ќе развие емпатија и ќе се подготви да споделува без да чувствува обврска.

Немање приватност

Понекогаш родителите на децата-единци можат да направат грешка со тоа што ќе ја нарушат нивната приватност. Во нивната желба да бидат вклучени во сите аспекти од животот на детето или прекумерната грижа за детето, понекогаш родителите на овие деца не знаат да го почитуваат просторот на своето дете.

Решение: Важно е да се признае оваа грешка и да се препознае правото на детето на сопствен простор и време и да носи одлуки, секогаш во границите соодветни за неговата возраст.

Извор



912

X