„ Да земеме пример ситуација во која детето паѓа од кревет. Доколку веднаш заплаче, значи има проток на воздух и дише, но ако има крвавење и повреди на главата, веднаш повикајте итна помош“, советува педијатарот

Има многу ситуации со децата кога родителите остануваат без здив. За среќа, поголемиот дел завршуваат со солзи, трчање на лекар и без трајна последица. Но, има и многу ситуации кога родителите мора да знаат како да изреагираат за да му помогнат на детето, да го спасат или, едноставно, да не паничат.
Д-р Александра Михајловска, педијатар во ПЗУ „Д-р Михајловска“, ординација по педијатрија во Битола, издвои седум состојби во кои родителите веднаш треба да го однесат детето на доктор, а советува и како да реагираат додека стасаат дотаму.

Д-р Александра Михајловска

1.Опструкција на дишни патишта-ларингитис
Таа настанува на горните дишни патишта и најчесто станува збор за laryngitis subgloitica, кој се препознава по инспираторен стридор (тешко дишење со звук, свиреж). Т.н. кучешка кашлица (длабока, со остар звук) настанува во 2 -3 часот по полноќ и го буди детето од сон. Најчест предизвикувач е вирусот параинфлуенса. Потребно е да се побара педијатриска помош доколку се појави синило околу устата (цијаноза), промена на бојата на кожата и неможност детето да земе воздух. Родителот му помага на детето со тоа што веднаш го изнесува надвор на свеж воздух.

2. Опструктивен бронхитис и aстма
Тие исто така бараат соодветен третман во акутна фаза на влошувањето на здравјето и можат да бидат ургентни поради глад за воздух и отежнато дишење.

3.Вдишување или голтање предмет
Децата ставаат предмети во устата бидејќи на тој начин го истражуваат светот. Доколку ги проголтаат, малите предмети во текот на 24/48 часа ќе поминат низ органите за варење и детето може да ги исфрли преку изметот.
Ургентна состојба е и ако детето проголта предмет со остри рабови, ако тој заглави во стомакот, па детето почне да повраќа и има болка во стомакот. Првата работа што ќе ја стори докторот е да открие каков бил предметот, потоа да побара рендген-снимање и со инвазивни или неинвазивни техники да се отстрани предметот.
Туѓо тело во дишните патишта исто така е ургентна состојба и бара итна посета на педијатар. Доколку детето вдише туѓо тело и не може да го искашла, а тоа заглави во душникот или во други органи за дишење, станува збор за ургентна состојба што бара итна помош. Родителите може да се посомневаат на вдишан предмет по интензивното кашлање, јака вознемиреност, цијанотични промени околу устата, глад за воздух. Тогаш се прави посета на педијатар, првата работа е рендген-снимање и со специјални уреди може да се утврди проодноста на дишното стебло и негово ослободување. Доколку се превиди оваа фаза, тогаш пациентот влегува во латентна или фаза на мирување, која трае од неколку седмици до неколку месеци, за потоа да заврши во терминална фаза на трајно оштетување на дишното стебло со појава на белодробен апсцес или бронхиектазии за кои е потребна и хируршка интервенција.

4.Конвулзии или грчеви
Во детска возраст тоа се најчесто фебрилни (од висока телесна температура). Станува збор за реакција на мозокот при нагло и брзо покачување на температурата. Се јавуваат на возраст од 6 месеци до 5 години, траат од неколку секунди до 20 минути, но најчесто завршуваат за 1-2 минути. При грчеви или по нив е потребна консултација со педијатар за да се исклучат интрактанијални (централни) повреди, инфекции на мозок. Неопходно е да се направат неколку лабораториски анализи, да се советува родителот како да се однесува во таквата ситуација доколку се повтори. Имено, веднаш при напад се става чепче „дијазепам“, се поставува детето во бочна позиција и не се прави никаква манипулација на влечење јазик и слично додека не помине нападот.

5.Силна алергиска реакција
Состојба кога се појавува црвенило по телото, чешање, оток во пределот на лицето, дланките и стапалата, а детето може и да се задуши. Веднаш побарајте доктор!
Има многу алергени. Може да се појави алергија на храна, на убод од инсекти, на лекови, маче, куче, полени и треви… За алергијата денес не се смета дека е болест, туку епидемија на 21 век.
Во зависност од тежината на клиничката слика се применуваат протоколи за работа за ослободување на дишните патишта, со кислородна поддршка, се дава антихистаминик и доколку е потребно, и кортикостероиди.

6.Интензивна болка во стомак и повраќање
Најчесто се тоа диспепсии или рота вирусна инфекција, но на повраќање и болка во стомак треба да се посомневаме и при труење со лекови и со хемиски средства.
Исто така, ова е состојба при која треба да се вклучи педијатриски преглед за да се исклучи воспалено слепо црево, илеус или торзија на тестиси. Особено ако детето е во доенечка возраст, кога е речиси невозможна комуникација на родителот со детето поради возраста, а ќе започне со повраќање во млаз со одбивање да цица и поспаност, веднаш да се побара консултација со педијатар. Со преглед и лабораториски анализи да се утврди причината за евентуален понатамошен третман.

7.Пад од височина
Да земеме на пример ситуација кога детето паѓа од кревет. Доколку детето веднаш заплакало, значи има проток на воздух и диши, но доколку има крвавење и повреди на главата, веднаш повикајте итна помош. Ако малечкото по неколку часа од падот почне да повраќа, веднаш консултирајте доктор. Понекогаш повредите на мозокот даваат симптоми по 12 часа од падот. Ако по 24 часа нема никакви симптоми, тогаш може да бидете спокојни.



912

X