Според Пијаже, доживувањето на телесната целост се изведува во вид на пластови. Базичното или примарно доживување на телесната целост се одвива во текот на првите месеци од животот на детето, па сѐ до втората година. Главно се изведува преку кинестезијата и по пат на имитација со другите лица. Овој пласт на откривање на телото Пијаже го именува како „сензомоторна телесност“, кој е определен преку „откривање на телото како движење кое дејствува во просторот“.

Вториот пласт се изведува од 2 до 6 години, кога детето открива определена топографија, со тоа што именува делови од телото, прво видливи, а потоа невидливи, Пијаже го именува како „предоперативно тело“. Тој му припаѓа на периодот на предлогичното мислење.

На крајот, се јавува третиот пласт од 6 до 8 години, кој Пијаже го именува како „оперативно тело“, кое одговара на фазата на развојот на оперативното мислење. Тогаш детето е во состојба да ја разоткрие латерализираноста на своето тело и во просторот. Трите пласта на доживување на телесната целост се испреплетуваат меѓу себе.

При клиничките анализи на децата со дисхармоничен развој, како и кај возрасните кои покажуваат разни невролошки или психијатриски растројства, се наметнува потребата и од анализа на организацијата на телесната целост во целата нејзина тродимензионалност. Само при добро интегрирана телесна целост кај лице кое се наоѓа при полна свест, можно е да се изведе интеграција на дразбите што доаѓаат од внатрешниот дел на телото и од надворешниот свет, во целосно доживување на сопственото постоење.

Совладувањето и одржувањето на телесната шема кај детето е една од првите когнитивни шеми и тоа би требало да се постигне во рана возраст. Подоцна постојат ситуации во кои детето било изложено на трауматски настан по кој нема јасни психолошки граници. Во такви случаи, неопходно е да се отпочне со работа со телото, да се градат „физички“ граници и тие се спроведуваат во практично и стручно организиран простор и програма.

Овде ќе споделам неколку едноставни начини кои може да се спроведат и во домот преку релацијата родител-дете:

– Врзете му ги очите на детето и почнете да допирате различни делови од неговото тело. Детето треба да го разбере и да го именува местото што сте го допреле. Потоа од него барате да ја одреди неговата функција, на пример, очите ми служат за да гледам итн.

Следнава игра е слична на претходната, единствената разлика е во тоа што треба да земете два молива. Со еден или два молива допирајте различни делови од телото: усни, раце, стапала, уши, грб, дланки итн. Детето треба да погоди колку од нив чувствува на телото. На некои места каде што има две (на пример, две раце, две уши, две очи), можеби детето ќе почувствува само едно, а потоа полека ги раздвојувате додека детето не сфати дека има точно две.

Оваа игра ја развива и фината моторика бидејќи се прави со помош на штипки за алишта. Закачете ги штипките за облеката на детето, именувајќи ги различните делови од телото. Детето треба да се ослободи од сите штипки за алишта. Потоа сменете ги местата и спроведете го истото со сменети улоги.

Можете да носите и да одите со предмет на главата, да тркалате топчиња, да прескокнувате или да вртите хулахоп, со што ќе се развие координација на движењата и способност за балансирање на сопственото тело.

– Оваа игра ќе го опушти детето. Земете молив и почнете да цртате различни слики на грбот на детето. Детето мора да погоди што сте нацртале. Потоа сменете ги местата, сега детето нека црта на вас.



912

X