Ако подобро погледнеме околу себе, можеме да видиме родители кои безуспешно бараат нивното дете да (не) направи нешто и кои притоа не се претерано ефективни. На кој начин да се постават граници, толку нужни за правилен раст и развој на нашите малечки – на што да се каже ДА, а на што НЕ, на кој начин да се изговорат, а да не се повреди детето, како да се процени дали се поставени праведно и што да се стори ако детето не ги почитува (попуштање, објаснување, казнување, викање, тепање).

Ова се прашања на кои секојдневно се бара одговор. Јасно е дека растењето во позитивно поставени граници е најдобар начин детето постепено да развие животни вештини и да научи да се носи со секојдневните предизвици, па согласно на тоа потребно е вистинско време за да се постават. Исто така, важно е да се направи атмосфера на љубов и прифаќање, но претходно, а не откако ќе се појави проблем. Границите се рамка, насоки кои покажуваат кое однесување е прифатливо, а кое не, па мора да бидат јасни, конкретни и добро дефинирани.

На детето мораме јасно да му кажеме што сакаме од него, на кој начин може да го реализира тоа и што е позитивен исход од соработката. Потоа, добро поставените граници мора да ги уважат и потребите на родителот и на детето.

Разлика помеѓу детските желби и потреби

На прашањето на што да кажете ДА, родителите треба сами да го пронајдат одговорот, преиспитувајќи се до кои вредности и правила тие и нивното семејство се држат. Секако, пред да кажеме НЕ, потребно е добро да се размисли, за да не се менуваат секогаш правилата, додека повторно, од другата страна, потребно е да се има на ум дека границите не се поставуваат „еднаш засекогаш“, туку со текот на времето треба и да се менуваат, односно да се приспособуваат на развојната доба на детето.

Во текот на поставувањето на границите мораме да знаеме да ги разликуваме детските желби и потреби. Децата често не се свесни за своите потреби, но речиси секогаш знаат што сакаат. Ако родителите само ги задоволуваат детските желби, тогаш децата одлучуваат, за што се разбира, не се подготвени. Притоа мораме да знаеме на што никогаш не смееме да кажеме НЕ, а тоа се основните детски потреби за храна, облека, чевли, здравје, спиење, љубов и социјални односи. На сè друго може да се каже НЕ, ако сметаме дека во тој момент така е најдобро.

Следна важна работа е доследноста. Ако сте доследни, детето ќе знае дека за границите нема да може да преговара кога било и каде било. Тоа, се разбира, не значи дека треба да се биде ригиден, но понекогаш треба да се биде флексибилен, особено ако детето наведе добар аргумент – така му даваме до знаење дека го уважуваме неговото мислење.

Побуна против правила

Кога сепак велиме НЕ, децата се разочаруваат, тажни се, лути и почнуваат да плачат. Тоа е нормален начин на детско реагирање на фрустрација и треба да се знае дека е нужно за растењето. Кога децата се лути и фрустрирани, не смееме да ги исмејуваме, да им се смееме, да ги обвинуваме, да ги критикуваме, тешиме, да ги уверуваме во тоа да мислат/да се чувствуваат виновни или да ги стопираме во искажувањето на емоциите, а особено да не ја менуваме својата одлука. Потребно е да се прифатат детските чувства, да се сочувствува со нив, да му се помогне на детето да ги насочи своите емоции и да се остане доследен.

Важно е да не се попушта кога детето моли, плаче, вика или на кој било начин се буни против правилата што сте ги поставиле.

Ако попуштиме, детето ќе научи дека со такво однесување може да добие што сака и следниот пат ќе го применува истото. Ако во семејството научило дека сè ќе биде како што сака кога плаче, вреска, се фрла на под, истото однесување ќе го користи и во градинка, што ќе ја отежни социјализацијата. Со поставувањето граници, потребно е да се уверите дека детето ве слуша и ве разбира, па затоа е најдобро да седнете до него (да се спуштите на негова висина), да го погледнете в очи и со едноставен и јасен речник да му кажете што се очекува од него. Кога на детето му објаснувате за поставувањето граници и правила, користете „јас“ пораки, наместо „ти“ пораки. „Јас“ пораките значат отворен и искрен начин на комуникација, додека „ти“ пораките се проценувачки, обвинувачки и критикувачки. Никогаш не треба да се ветува, ниту да се заканува со она што не може да се исполни. Не попуштајте ниту на притисоците на детето бидејќи така ќе му покажете дека не го мислите она што го зборувате. Ако сакате да бидете флексибилни, направете го тоа пред вашето дете да бара да попуштите.

Кога и да е можно, барајте однесувања кои сакате детето да ги повторува, а не да ги истакнувате однесувањата што не ги сакате. Наместо: „Нема да играш игри додека не ја наместиш собата!“, подобро е да кажете: „Штом ќе ја наместиш собата, можеш да играш игри“. Иако е кажано исто, сепак, пораката е сосема различна. Добро поставените граници се насочени на позитивен исход од детската соработка – треба да се постават како ветување, а не како закана.

Кога родителите доследно се држат до границите и последиците што ги поставиле, тогаш децата полесно ќе учат да ги почитуваат другите, да градат подобра самоконтрола, да развиваат способност за толеранција на фрустрација, па да преземаат одговорност за своите постапки.

Автор: Ана Каракаш, дефектолог

Извор



912

X