Родителите чии деца се на листа на чекање ги ангажираат бабите, дедовците, па и прабабите да им ги чуваат додека тие се на работа. Отворени се нови занимални, реновирани се постојните објекти, но проблемот треба да го реши изградбата на две нови градинки

Повикај го сервисот баба и дедо, а по можност вклучи ја и прабабата, доколку е жива, вака неколкумина родители од Битола се шегуваат на алтернативите што ги наоѓаат за да ги згрижат децата додека се на работа, во услови кога градинките се исполнети до последно место. Над 700 деца се на листата на чекање за згрижување во државните детски градинки во Битола. Тоа се 37 проценти од вкупниот број дечиња на претшколска возраст чии родители пријавиле дека имаат потреба од градинка. Згрижени се 1.217 деца во 15 градинки во Битола, со што се исполнети капацитетите, а протоколите за заштита од ковид-19 не дозволуваат групите да се зголемат.


Баби, дедовци, прабаби… на готовс

– Мојот син го чува баба му од сабајле до 13 часот, потоа мојот сопруг излегува порано од работа од семејната фирма. Немаме пари да плаќаме жена да го чува дома зашто за таква услуга наплаќаат над 6.000 денари. Во приватна градинка цените се од 7.000 до 9.900 денари, па најсоодветно е во државна каде што месечната цена е 1.490 денари, а добиваат 4 оброци на ден. Но, нема место. И голем дел од игротеките се затворија, а и не се решение зашто ги чуваат до 12 часот – вели Марија Митревска, мајка на четиригодишно дете од Битола.

Во некои семејства баби и дедовци кои имаат сериозна болест се нафатиле да ги гледаат внуците додека не се најде место во градинка.

– До пред четири години примав хемотерапија, па иако ми беше препорачано да не се заморувам, морам да ѝ помогнам на ќерка ми со внуците. Напорно ми е, но и мислата од болеста ја оттргнувам со нив – раскажува 61-годишна битолчанка.

Сместување во друга градинка како алтернатива

Директорките на детските градинки во Битола велат дека заинтересираноста на родителите да ги запишат децата е огромна. Протоколите засега дозволуваат во јаслите да бидат до 15 деца, а групата од 2 до 6 години да брои 25. Во Битола има две главни градинки под чија надлежност се сите други, и тоа, „Мајски цвет“, каде што се сместени 670, а на листа на чекање се 353, и „Естреја Овадија Мара“ со 547 деца по протокол, а на листа на чекање биле 480, сега намалени на 364. Во рамките на оваа установа отворени се четири нови занимални и плус две во новата градинка во Кравари.

– Запишавме многу деца оваа година. Исполнет е капацитетот. Сакаме да им помогнеме на родителите, ја сфаќаме нивната потреба. Излегуваме во пресрет нудејќи алтернатива. Ако има потреба во централно подрачје, а нема место, нудиме градинка во друга населба. Родителите прифаќаат додека не се ослободи место таму каде што им е блиску. Но, тешко се ослободува. И да е болно детето или, не дај боже, позитивно или да имаат позитивен член во семејството, нема да го носат додека се болни, во утврдените рокови, а потоа си се враќа во градинка. Од листата на чекање запишавме 150 деца оваа година на места на деца што заминаа во училиште – рече Лидија Тфирст Митревска, директорка на „Естреја Овадија Мара“.

Се градат две нови градинки

Се очекува проблемот да се реши со двете нови градинки за чија изградба веќе е започната процедурата. Едната е во населбата Нова Битола, дел од проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, поддржан од Светска банка, а другата во Касарната – инвестиција на истото министерство, германска компанија и Општина Битола.

– Интересот е голем, тоа го покажува и листата на чекање, која брои над 300 деца, но со зголемувањето на групите до 25 деца притисокот се намали. Предност имаат децата на двајца вработени родители. Листите на чекање се проблем од порано во Битола, не само сега во пандемијата, па затоа веќе се градат две градинки со капацитет за околу 400 деца, со што се надевам дека ќе се реши овој проблем во Битола – вели Снежана Тодоровска, директорка на „Мајски цвет“- Битола.

Од Општина Битола соопштија дека новата градинка наспроти ОУ „Климент Охридски“, како дел од ЈОУ „Мајски цвет“ од Битола, ќе биде со површина од 810 квадратни метри и ќе згрижува околу 150 деца, организирани во неколку воспитни групи. Вредноста на градежните зафати за градинката се во висина од 56.650.000 денари. За градинката во Касарната спроведена е јавната набавка за изградба на целосната конструкција на објектот со поставена дограма. Објектот е предвиден да зафаќа површина од 2.012 квадратни метри и ќе биде наменет за прием на околу 250 деца.

Навалица и во приватните градинки

– Може да се каже дека речиси нема место. Тоа се должи на добрите услови за нега, храна, грижа, квалитетен персонал, добар однос кон децата, воспитен кадар на високо ниво, голема посветеност и работа на програмите за рано учење и развој кои целосно се исполнуваат во нашата градинка – вели Валентина Мулоска од градинката „Твити“.

За реновирање на градинките вложени половина милион евра

Долгите листи за чекање се проблем кој се провлекува децении наназад во Битола како последици на зголемениот интерес на родителите децата да им посетуваат претшколски установи и неотворање нови градинки во минатото. Во изминатите четири години локалната власт вложи половина милион евра во нови занимални и за реновирање на постојните објекти.


Во изминатиот период за реновирање на постојните објекти беа вложени над половина милион евра, средства од Општина Битола и од државниот буџет. Се реновираа покриви, дограма, занимални, инвентар, тоалети и уште многу други работи, кои во најголем дел не беа променети 40 години.

– Сите интервенции во градинките на „Естреја Овадија Мара“ чинат 321.087 евра, додека во градинките на ЈОУДГ „Мајски цвет“ се над 260.000 евра – додаваат од Општина Битола.

Фото: градинка „Естреја Овадија Мара“ – Битола 



912

X