На колку метри треба да се постават креветчињата, како ќе играат децата, какви патеки на движење се прават, што сега се прави во градинките… За тоа што се презема за отворање на градинките разговаравме со д-р Ангелчо Андоновски, член на Комисијата за заразни болести, кој ни објасни за дел од препораките што ова тело ги дало за да се направат протоколите за работење, прашавме и во МТСП, директори и вработени во установите за деца…
Повеќе од извесно е дека градинките наскоро ќе се отворат. Подготвувањето на овие установи да ги прифатат дечињата вчера го потврди и министерот за здравство Венко Филипче, кој го најави денешниот почеток на тестирање за коронавирус на околу 2.000 вработени во градинки. И покрај тоа што речиси сите се подготвуваат за работа по двомесечна пауза, сè уште немаат добиено насоки и протоколи за тоа како ќе изгледа заштитата на децата и на кадарот. Вработени и родителите кои ќе мора да ги носат децата во градинка се прашуваат и колку е можно да се одржува безбедноста на здравјето.
За тоа што се презема за отворање на градинките разговаравме со д-р Ангелчо Андоновски, член на Комисијата за заразни болести, кој ни објасни дел од препораките што ова тело му ги дало на Министерството за труд и социјална политика – МТСП за правење на протоколите за работење, прашавме и во МТСП, директори и вработени во установите за деца…
Kоридори на движење, дезинфекција, игра на далечина…
Д-р Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата, е и член на Комисијата за заразни болести. Вели дека Комисијата дала препораки за МТСП да изготви протоколи.
– Тие се во насока на правилно одржување растојание, организација на исхраната, хигиената… Така се препорачува растојанието меѓу децата во текот на играта да е 1,5 – 2 метра. Креветчињата за спиење треба да се оддалечени 1,5 метар, а децата да се легнуваат едното од една страна со главата, а тоа до него да е со нозете. Исхраната треба да се одвива во 2 етапи во различни периоди, а треба да има правилен распоред на деца во групите, т.е. тие да не се пребројни. Тука градинките ќе треба да направат соодветен распоред. Треба да се прави редовна дезинфекција на просториите, како и на рачињата на децата, меѓу другото, и по секоја игра или активност, и да се одредат коридори на движење. Децата не можат да носат маски, но вработените треба да имаат заштитна опрема – вели д-р Андоновски.
Д-р Ангелчо Андоновски
Тој објаснува дека сите препораки се за да се нормализира функционирањето без да се прави паника.
– Сите треба да сме свесни дека живееме во овие услови и дека полека животот се враќа во нормала, но мора да се заштитиме – вели д-р Андоновски.
Колку деца би пошле во градинка по нивното отворање? Еве што покажаа анкетите во градинките
Од МТСП засега не откриваат како ги кројат протоколите. Неодамнешната анкета на родителите чии деца одат во градинка, која ја спроведуваше секоја државна градинка, покажала дека 22% од вкупно запишаните деца имаат потреба веднаш да почнат да одат во градинка, додека 45% од вкупно запишаните деца имаат потреба да почнат да одат во градинка откако ќе се укине мерката за платено отсуство на еден од родителите на дете до 10-годишна возраст, велат оттаму.
Многу прашања
Најавеното отворање на градинките предизвика страв и кај вработените и кај родителите, иако нема кој да им ги чува децата кога ќе тргнат на работа. Се соочуваат со цела низа прашања: Дали ќе се тестираат и децата што ќе тргнат во градинка, што со помалите дечиња кои по два месеца дома повторно може да имаат период во кој е потребна адаптација, на колку време би се повторувале тестовите… Има градинки со само два влеза и преку нив ќе треба да влегуваат деца од повеќе групи – како ќе се одржува дистанца во тие случаи. Во некои градинки најавено е и големо присуство на децата, а групите се големи, па како во таков случај ќе се одржува дистанца.
– Кога доаѓаат, децата често плачат, ги гушкаме, тие се гушкаат меѓу себе. Тоа се дечиња, се сакаат и потребна им е нежност. Јас долго сум воспитувачка, си ја сакам работата, но искрено, навистина сум исплашена како ќе ја одржиме безбедноста. Во групата имам 35 дечиња. Од друга страна, децата ги ставаат прстите в уста, а предмети исто така. Ние ќе сториме сè што е во наша моќ, не се штедиме, но има многу ризични моменти и мислам дека со право се плашиме – вели воспитувачка во скопска градинка.
Се уредуваат дворовите, се менуваат прозорци, се чистат објектите, играчки…
Директори на градинки велат дека иако немаат насоки за тоа како би се работело, се подготвуваат за пречек на децата. Снежана Тодоровска, директорка на „Мајски цвет“ во Битола, градинка со 7 објекти, од кои 2 големи, вели дека според анкетата, би имале по околу 10 деца во група.
Снежана Тодоровска
– Сметам дека имаме можност да се одржува дистанца меѓу децата, а има и дворови во кои може да се организираат дел од активностите. Ги немаме добиено протоколите, но ние мора да се погрижиме за безбедноста на децата – вели Тодоровска.
М-р Павлинка Топузоска, директорка на скопската градинка „8 Март“, вели дека како и досега, ќе ги почитуваат сите дадени инструкции од надлежните органи и ќе ги запазат сите протоколи за зачувување на здравјето и безбедноста на децата, вработените и родителите.
– При спроведената анкета најголем број од родителите се изјаснија дека ќе почнат да ги носат децата по завршувањето на владините мерки, со реално висок процент. Досега е направена целосна дезинфекција на сите објекти, во подготовки сме за целосно уредување на просторот, повторна дезинфекција на сите објекти и запазување на протоколите, доколку според пријавениот број деца тоа е изводливо – вели Топузовска.
Овој период бил искористен за реновирање на еден од најстарите објекти „Расадник“ со промена на прозорците, бојадисување на целиот објект и обновување на фасадата.
Катерина Бојковска-Јовчевска, директорка на „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, објаснува дека периодов се прави дезинфекција, темелно се мијат сите играчки, се перат завесите, теписите, се бојадисуваат ѕидовите…
– Околу 40 проценти од родителите пријавија дека децата би тргнале во градинка. Нашиот објект е голем и имаме голем двор. Дел од него е исцртан со интересни игри, а сега го цртаме и другиот дел. Ќе се погрижиме да ги спроведеме протоколите што ќе ги добиеме – вели таа.
Во градинката „Буба Мара“ во скопската населба Аеродром се подготвуваат и катчиња во дворовите за децата да може безбедно да играат надвор, вели Елена Устамитова, директорка на оваа градинка.
Елена Устамитова
– Насоки уште немаме. Разговарав со колеги од регионот и разменивме искуства. Ние интензивно уредуваме за да може престојот да биде што побезбеден, а се прави и мини-игралиште. При анкетирањето една петтина од родителите рекоа дека децата имаат потреба веднаш да појдат во градинка, а половина откако ќе се укине мерката за дозволено отсуство на еден родител кој има дете до 10 години во нашата група – вели Устамитова.
Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени на крајот од февруари годинава, во 2019 година (состојба на 30 септември) вкупниот број деца во установите за згрижување и воспитание на деца − детски градинки/центри за ран детски развој изнесува 38.094, што претставува зголемување за 1,3 % во споредба со 2018 година.
912