Личноста што го одгледува детето додека родителите се на работа мора на соодветен начин да го осигури неговиот раст и развој, уважувајќи ги и индивидуалните потреби и можности, но како да се знае дали е тоа дадилка или „тетката“ од градинката? Одговорот ви е пред очи…
Неретки се дилемите на родителите дали да ангажираат дадилка или да го запишат детето во градинка. Сè си има свои предности и недостатоци, па така и престојот на детето во градинка или престојот со дадилка. За вашата одлука да биде полесна, поставете си ги прашањата: „Што сакам за моето дете? Што ми е најважно?“
Секако, пред да ја донесете одлуката важно е да ја имате на ум индивидуалноста на детето. Родителите, воспитувачите и дадилките мора да дејствуваат и да ја обезбедат личната, емоционалната, телесната, образовната и социјалната благосостојба на детето. Бидејќи тоа е право и потреба на детето. Личноста што одгледува дете мора на соодветен начин да го осигури развојот и растот на детето уважувајќи ги неговите индивидуални потреби и можности. Пред самата одлука важно е да се има на ум следното:
– Првите три се најважни
Многу истражувања покажуваат дека првите години од животот во голема мера влијаат врз постигнувањата во возрасниот период. Мозокот на детето во тој период се развива со брзина која нема да се повтори во ниту еден друг период од животот. Д-р Пиа Ребело Брито истакнува: „Само во првите неколку години од животот во мозокот се создаваат речиси илјада невронски врски секоја секунда! Тоа е многу побрзо отколку во кој било друг период од животот и затоа првите години се извонредно важни“. Пропуштените работи во тој период тешко се надоместуваат, па затоа од големо значење е да се осигури најдобриот можен почеток за секое дете. За да му обезбедите на детето соодветен развој, важно е да се знае како да се поттикне развојот на детето, како да се комуницира со него, што да му се чита, кои поттикнувања да се понудат итн.
Целосен развој, воспитување и учење на детето, како и развој на компетенции
Улогата на родителот, градинката и дадилките е да го подготват детето за „свет“ и животни предизвици. Животот и работата во современото општество бараат нови знаења, вештини, способности, вредности и ставови, односно компетенции на поединецот. Компетенциите се повеќе од знаења и вештини. Да се биде компетентен значи да се биде способен, флексибилен, да се има авторитет и, исто така, не само да се поседуваат одредени вештини и ставови, туку да се знае како да се користат. Тоа значи дека треба да се знае да се дејствува во одредени ситуации и да се знае да се влијае врз промените што се случуваат. Компетенциите се развиваат со учење, бидејќи со учењето децата стекнуваат искуства и усвојуваат знаења.
Има 8 темелни компетенции за целоживотно образование кое е потребно да се развива кај детето: комуникација на мајчин јазик, комуникација на странски јазици, математичка компетенција и основни компетенции во природните науки, дигитална компетенција, компетенција „да се учи како да се учи“, социјална и граѓанска компетенција, иницијативност и претприемништво, културна свест и изразување.
Емоциите се наши двигатели или кочници
Најважен е социо-емоционалниот развој, кој е основа за развој на другите подрачја. Тоа е подрачје за развој кое се развива во текот на целото детство. Првите три се најважни токму поради развојот на емоционалната состојба на детето. Семејството тука има најважна улога. Семејната средина му овозможува на детето топлина, чувство на приврзаност, љубов, сигурност, стабилност, заштита. Од друга страна, самиот збор: социо-емоционален развој ни говори за две подрачја, а тоа се социјализацијата и емоциите. Социјализацијата и социјалните вештини децата ги учат преку интеракција со околината, семејството и другите деца. Тоа се можности кога детето учи за емоциите, исто така, и за развојот на трпението, толеранцијата, емпатијата, соработката, комуникацијата, договорот итн.
И, за што да се одлучиме?
Можеби и сега кога читате си мислите: Ах, сè убаво пишува на хартија, но во практика е многу тешко да се постигне. Може ли тоа да се обедини? Да се задоволат потребите на детето, да се обезбеди соодветно воспитување и образование во денешното забрзано животно темпо? И да се задоволат потребите на родителите? Го нуди ли тоа градинката или дадилката? Целата тајна на успешниот живот е да се дознае што треба да направиме, а потоа да го примениме. Набљудувајте го и гледајте го детето, тоа ви ги дава одговорите на вашите прашања.
Автор: Лана Кихас