Потребата од образовни асистенти во европските држави, но и кај нас е сѐ поактуализирана. Луѓето, особено родителите, ја разбираат и ја прифаќаат нивната улога во образовните установи. Во минатото беше табу-тема и апсолутна стигматизација потребата од образовни асистенти во училиштата. Денес, за среќа, тоа е променето и значително подобрено преку практиката која ни покажува дека присутноста на образовен асистент во секое училиште доведува до поквалитетна настава и подобар развој кај учениците. Не само што наставникот може регуларно да ја спроведе наставата, туку и оние ученици што имаат посебни образовни потреби можат да ја следат наставата со помош на образовниот асистент. Тоа придонесува до целокупен образовен напредок и цврст образовен систем во една држава.

Улогата на образовниот асистент е специфична. Одговорноста и тежината што ја носи асистентот е огромна. Неговата задача е да одговори позитивно на барањата на ученикот кој има потреба од него. Етичноста и моралот се на највисоко ниво. Да се биде образовен асистент, значи да се поседува хуманизам. Солидарноста наспроти себичноста. За да бидеме сакани, треба да сакаме. Несебично да ја споделуваме љубовта. Трпението треба да го има највисокиот степен од скалилото.

Зближување со ученикот со ПОП – Како еден образовен асистент може да се зближи со ученикот со ПОП? Да си даде себеси и на ученикот време за запознавање. Да споделат слични интереси, зацртани цели, скриени желби и фантазии, омилено хоби, активности кои ги прават среќни. Да се изгради топол и близок однос. На ученикот да му се обезбеди и гарантира сигурна бариера за да се почувствува безбедно. Наставата да не биде проследена на ладен и суров начин, туку да биде пренесена преку игра или интересна асоцијација. Ученикот полесно ќе се вклопи и тоа ќе влијае врз неговиот понатамошен раст и развој.

Споделување на приватноста – Раскажување на некоја значајна случка или настан од животот, која за вас е интимна и која малкумина ја знаат. Така ќе изградите цврста доверба во вашиот однос. Децата знаат да препознаат кога возрасните се искрени. Дозволете му да sирне во вашата приватност. Споделете со него информации за вас и вашето семејство. Раскажете му за вашето милениче, опишете му го вашето секојдневие, како ви започнува утрото, како ви се одвива денот и како ја завршувате ноќта.
Дајте му до знаење дека е дел од вас и вашиот живот, дека ви е мило што поминувате време со него. Како успеал да ве промени на подобро и како едвај го чекате наредниот ден за повторно дружење.

Однос со другите деца – Откријте каков е неговиот однос со другарчињата и врсници од неговото одделение. Бидете проникливи и видете дали има некаков проблем меѓу него и соучениците. Дали паралелката е трпелива кога има ученик со ПОП. Зближете се и со другите, излегувајте заедно на мали и големи одмори.
Потекло на семејната средина – Клучен елемент е од каква семејна средина потекнува ученикот со ПОП. Семејната комуникација меѓу членовите, потсистемите на браќа и сестри, целокупната кохезивност во семејството. Дали некој работи со ученикот дома, дали заеднички со некого ја пишува домашната работа, дали имаат заеднички семејни активности, како се поделени задачите меѓу членовите дома. Колку се свесни родителите за потребата од посебна образовна програма за нивното дете.

Социјализација – Дали ученикот има ,,живот” надвор од училишната средина. Дали се дружи и со други деца освен со другарчињата од одделението. На колкаво ниво и до каде е напредната социјализацијата надвор од училишниот двор. Дали детето е мешано со други лица освен со неговите родители. Дали детето игра со други деца од неговото маало.

Мали гестови – Одвреме-навреме потрудете се на ученикот да му подарите нешто. Честитка за добар ден направена од хартија. Украсна салфетка во форма на негово омилено животно, цртеж со неговите омилени суперхерои. Така кај него будите позитивна енергија и ќе зрачи со топлина.

Бидете му најдобриот пријател!

Автор: Елена Михајловска, дипломиран семеен едукатор



912

X