Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Фондот на зборови се збогатува

На оваа возраст се јавува експанзија во говорниот развој и комуникацијата со вашето бебе станува уште поинтересна. Фондот на зборови се збогатува. На почетокот на овој развоен период бебето располага со 20-ина збора, за кон крајот на втората година да се очекува во фондот да има околу 200 збора. Бебето постојано ги користи и почнува да ги комбинира во кратки т.н. телеграфски реченици од два збора.

Што се очекува во поглед на говорните и јазичките вештини:

– Вербално изразува желби и потреби (Дај тоа…);
– Ги усовршува имитациите и ономатопеите од претходниот период;
– Кога покажува со прст да му се даде нешто, покажувањето е придружено со гест за давање или збор (гест+збор комуникација);
– Покажува на барање каде му се некои делови од телото (носе, очи, уши…);
– Извршува посложени вербални налози (Донеси ги патиките да одиме надвор, при што патиките не му се во видно поле);
– Пее едноставни песнички со зборови и движење;
– Составува реченици од зборови со значење со негови зборови;
– Додека игра, си зборува, си ги вежба зборовите со повторување;
– Именува слики во сликовница;
– На барање може да повтори нов збор;
– Почнува да разликува еднина од множина;
– Говорот станува поразбирлив за околината;
– Изговорот не мора да биде чист;

Како да го стимулираме бебето да ги развие своите говорни и јазички вештини:

– Читањето детски книги продолжува. Тоа е одлична алатка за стимулирање на јазичните и говорните способности;
– Поставувајте му прашања на детето, од типот: Што е ова? Каде е медо?
– Проширувајте му ги изјавите, на пример, ако каже маче, вие продолжете: Да, тоа е мало маче;
– Внимателно слушајте го кога ви зборува и настојувајте да му го откриете значењето.

Знаци на кои треба да се внимава, а кои покажуваат дека нешто не е во ред со говорниот развој на бебето се:

– Не го разбира вербалниот налог доколку не е придружен со гест;
– Не повторува често зборови;
– Не може да седи мирно барем накратко со книга;
– Доколку не му ги разбираат зборовите, не пробува да објасни со гест и покажување;
– Фондот на зборови му е од 20 до 50 на крајот на овој период;
– Не комбинира по два збора во реченица.

Доколку забележите некои од овие знаци кај вашето дете, обратете се во службите за развој и советување и побарајте да се направи процена на неговиот развој.



912

X