Нашата позната новинарка Гордана Дувњак, која сега е дел од тимот на телевизијата „1ТВ“, ни ги опиша слатките маки на родителството – првите најлуди три месеци од раѓањето на нејзините синови Мартин и Стефан

Гордана, Мартин и Стефан Дувњак

Имала 25 години и била на почетокот на новинарската кариера кога се соочила со реалноста дека ќе стане мајка. И тоа не на едно, туку на двојајчани близнаци. Ги родила природно, со нормална тежина од над 2.900 грама, 51 сантиметар должина и со пет минути разлика.
Нашата позната новинарка Гордана Дувњак, која сега е дел од тимот на телевизијата „1ТВ“, ни ги опиша слатките маки на родителството – првите најлуди три месеци од раѓањето на нејзините синови Мартин и Стефан.
– Беше топол јунски ден пред речиси 28 години, кога на денот на отворањето на Светското фудбалско првенство во Италија го слушнав најпрво плачот на првиот син Мартин, а пет минути подоцна и на Стефан. Синовите знаат да кажат дека и во тоа има некаква скриена симболика и не е случајно тоа што се толку големи фанови на „фудбалската бубамара“ и што толку сакаат да гледаат и да играат фудбал – раскажува Дувњак.

Стефан и Мартин

Изгледаа мали и немоќни, но брзо се уверивме во нивните продорни гласови

Бебешката физиолошка жолтица што ја добиваат голем број бебиња ги оставила во болница некој ден повеќе од предвидените три. Затоа, првородениот син, Дувњак можела да го види еден ден подоцна. Истата вечер по породувањето в раце го зела второродениот син.
– Беше чудесно бело бебенце за едно новороденче, на чие тркалезно лице паѓаа в очи долгите, виткани трепки на залепените очиња. Жолтилото на лицето на другото бебенце ми внесе немир и ме уплаши од помислата за одговорноста што ме очекува. Кога ги донесовме дома во малиот потстанарски стан во Ново Лисиче, ни изгледаа толку мали и немоќни. Но, затоа набрзо се уверивме во нивните продорни гласови бидејќи не престануваа да плачат од моментот кога ја затворивме вратата. Имав воспаление на едната града, кое прерасна во голема рана, и немав доволно млеко за двете гладни устиња. Се смирија и заспаа дури откако го испија шишенцето со вештачко млеко – раскажува Дувњак.

Стефан и Мартин

Нѐ фаќаше паника ако резервите на млеко се намалеа на 10 кутии

Во следните неколку месеци „лактовитот“ ѝ станал најверен сојузник. Вели дека ја фаќало паника доколку домашните резерви се намалеле под десет кутии.
– Ги набавуваше кој ќе стаса, а одеа на рецепт. Како сега ги паметам многубројните анегдоти од тоа време, на кои сѐ уште живо се сеќавам како да е денеска. Ливчиња со испишани први букви М и С, на кои точно беше наведено времето на јадење. Божем станува збор за табланет, а не за распоред за јадење. Се случуваше во ноќното бунило, онака сонливи, двапати по ред да му дадеме млеко на едниот од близнаците, па да се чудиме зошто е толку гласен другиот, кој штотуку се разбудил од спиење – вели таа.
И нејзиниот сопруг активно бил вклучен во ангажманите околу бебињата. Дувњак раскажува дека често тој го подготвувал млекото за гладните расплакани устиња додека таа ги смирувала во спалната. Но, не се враќал брзо.
– Неколку пати, преморен од ноќната смена, го наоѓав заспан со главата на маса, додека в раце држеше шишенце со млеко кое претходно го стерилизирал и наполнил.

Ретко спиеле во исто време

На почетокот близнаците, небаре биле програмирани, се буделе на секои три часа. И покрај помошта што ја добивав од најблиските, се сеќава Дувњак, ѝ се чинело дека денот и ноќта се споиле во едно.
– Во една непрекината низа без почеток и крај. Често помислувам колку им е полесно на денешните родители бидејќи во „мое време“ пелените не беа за една употреба. Не беа книжни како сега, туку платнени и мораа да се перат, сушат, а потоа и да се пеглаат. Тоа бараше дополнителен ангажман од моите најблиски, кои откако ќе завршеа со своите редовни работни обврски, доаѓаа да помогнат.
Најчестиот совет што го добива секоја мајка е дека треба да го користи времето кога спие бебето за да се одмори. Пижамите стануваат непотребни бидејќи наместо сон, ви останува само прилегнување меѓу два оброка, и тоа во облеката во која сте биле преку целиот ден, неретко извалкана од млеко и од бебешки повраќаници – вели таа.
Но, како да се одмори кога се во прашање близнаци?
– Ретко се случуваше да спијат во исто време, а доколку едното бебенце го мачеше стомачето и почнеше да плаче, го будеше и другото.

Секогаш подготвувала домашни кашички

Не било полесно ниту кога почнале да се заменуваат оброците на млеко со храна. Дувњак вели дека како секоја млада и амбициозна мајка, се придржувала до советите дадени во незаобиколната книга за сите мајки почетници – „Моја беба и ја“.
– Голема, со тврд повез и со илустрации во боја. Тоа значеше постепено воведување различни видови храна, кои одговараа за определена возраст на бебето. Без да се мешаат, за да се види како ќе реагираат, за да не се случи алергија. Не ми беше тешко да подготвувам најразлични миксирани кашички, па дури и да им правам „зимница“ во мали кесички уредно замрзнати во фрижидер. Се случуваше и да заборавам да јадам, но за нив секогаш мораше да има свежо направено јадење. Готовите кашички обично ги користевме кога одевме на гости, што не се случуваше многу често бидејќи водевме грижа дома да бидеме рано. Сето тоа со цел да не го нарушиме нивниот ред за бањање и за спиење.
Ноќното станување (испотена и мамурна) во комбинација со преморот си го зело данокот. Честите лекарски прегледи завршиле со дијагноза бронхитис, кој набрзо прераснал во бронхијална астма.
– Таа се повлече дури откако близнаците наполнија три години. Но, за ништо не жалам. Сѐ се заборава, а останува само убавото чувство на родител кој гледа како децата му растат и напредуваат пред негови очи. Тоа нема цена – завршува Дувњак.



912

X