Разделувањето на сопружниците некаде поминува во мир, со спогодба околу старателството, начинот на гледање на децата и висината на сумата за алиментација. Но за други, тоа е почеток на нова голгота во животот. Нивниот број не е мал. Адвокати велат дека во последно време сè почесто работат со брачни другари што се прилично закрвени
Разводот менува многу работи во животот на сите членови во семејството, а најчесто е најголем шок за децата. Некои од нив полесно го пребродуваат и релативно брзо се приспособуваат на промените, а други, пак, сето тоа го доживуваат многу стресно и живеат со трауми предизвикани од разделбата на мама и тато.
Разделувањето на сопружниците некаде поминува во мир, со спогодба околу старателството, начинот на гледање на децата и висината на сумата за алиментација. Но за други, тоа е почеток на нова голгота во животот. Нивниот број не е мал. Адвокатите со кои поразговаравме велат дека во последно време сè почесто работат со брачни другари кои се прилично закрвени, па затоа им е и поголем бројот на предметите во кои бракот се разведува со тужби наместо по мирен пат, кога се „борат“ и за висината на алиментацијата.
– Многу често работам предмети во кои оној што треба да плаќа алиментација за детето, не го прави тоа. За неплаќање реагираат мајки кои се жалат дека таткото не плаќа, а помош од мене бараат и татковци на деца чии мајки не плаќаат алиментација. Исто така, за неплаќање реагираат и мајки на вонбрачни деца кои законски си имаат право на алиментација иако нивните родители не биле во брак. Едно треба да биде јасно. Законодавецот предвидел дека ако тој што треба да плаќа алиментација нема пари на сметка (не е важно дали има кредит за отплаќање или слично), при првиот прилив на пари извршителот повлекува најпрво пари за алиментација, а потоа за кредит и за сè друго. Детето било, е и секогаш ќе биде приоритет и тука нема компромиси – вели адвокатот Дејан Костиќ.
Магично се наоѓаат пари кога има пресуда за затвор
Адвокатот вели дека меѓу неплаќачите има угледни личности кои заработуваат солидно, но сепак ете, најчесто од инает, не плаќаат издршка за децата.
– Во многу случаи не плаќаат поради инает кон поранешниот брачен другар. Има богати луѓе што не плаќаат, сакаат да водат судски борби. Има и такви што мислат дека поради други трошоци, како на пример рати за кредит од банка, долгот за алиментација ќе им се намали или ќе им се прости. Но, таа обврска кон децата едноставно не може да се избегне – објаснува Костиќ.
Тој додава дека неплаќањето алиментација е кривично дело и за тоа е предвидена затворска казна. Нејзината висина зависи од тоа дали лицето било осудувано, дали има други кривични дела и слично.
– Во практика, кога се стигнува до фазата затворска казна, најчесто тој што треба да оди во затвор веднаш наоѓа пари, ги плаќа сите заостанати долгови и сè се средува пред пресудата да стане правосилна – вели Костиќ.
Неплаќањето алиментација е кривично дело и за тоа е предвидена затворска казна. Нејзината висина зависи од тоа дали лицето било осудувано, дали има други кривични дела и слично, вели Костиќ
Адвокатот потенцира дека некои родители мислат и дека ако, на пример, овој месец му купат лаптоп на детето, на тој начин ќе компензираат за месечната алиментација.
– Судот точно специфицирал. Не може патики, таблет или телефон да биде замена за пари за алиментација. Родителот што го има старателството знае што му е потребно на детето. Можеби во моментот му се потребни пелени, па апсурдно е таткото да му купи, на пример, телефон – вели Костиќ.
Кога станува збор за спогодбена разделба, едниот од родителите може да каже дека не сака другиот да плаќа плаќа алиментација.
– Морам да потенцирам дека мајката или таткото старател не смее да ги одбие парите. Родителот кој нема да прифати пари за алиментација може да одговара пред Центарот за социјални грижи затоа што тоа е практично негрижа за детето. Колку и да е родителот/старател добро ситуиран, тие пари се на детето и тоа има законско право на нив. Нека му ги става на штедна книшка, тоа се негови средства – појаснува Костиќ.
Во странство може да заработува и милиони, но овде е невработен
Практиката на неговиот колега, адвокатот Васил Панчевски, покажала дека брачните партнери спогодбено најчесто се договараат на мала сума за алиментација.
– Јас не сум имал предмет во кој е решено сумата за алиментација да е повисока од девет илјади денари. Има и луѓе со солидни примања, но не плаќаат повеќе од таа сума. Инаку, неплаќањето е кривично дело. Се даваат рокови да се намири насобраниот долг. На крај се дава условна казна и рок од една година. Aко во тој законски рок не се исплати сумата, условната се повлекува и се оди во затвор. Парите најчесто не можат да се наплатат затоа што тој што треба да плаќа работи на црно или, пак, работи во странство. Таму може да заработува и милиони, но овде се води како невработен – вели Панчевски.
Разводите се стресни и за адвокатите
Утврдувањето на висината на алиментацијата, поделбата на имотот, битката за старателство се процеси кои се најтешки и во кои има многу емоции, а на кои адвокатите не се имуни, нагласува адвокатот Костиќ.
– Имате драма, имате ситуација кога еден родител останува без детето, сето тоа е многу трауматично, тешко и жално. Пред неколку години имав случај кога моја клиентка се самоуби. Имаше судска пресуда старателството над децата да не го добие таа. Со месеци не можев да се соземам. Инаку, секој адвокат ги смирува брачните другари. Ги прашувам дали се сигурни дека сакаат да се разделат. Некогаш, иако не е често, се случува да размислат и да се премислат. Како и да е, разводите почесто се решаваат со тужби. Има ситуации кога се бркаат од дома, кога се закануваат со „нема повеќе да го видиш детето“, има малтретирања, има сешто. Еве скоро имав предмет во кој причина за развод беше тоа што мајката секое утро се враќаше пијана од град. Со таткото се согласни старателството да го добие тој, таа е свесна дека не може да се грижи за детето – потенцира Костиќ.
Бројот на разводи во постојан пораст
Пред точно 10 години бројот на разводи што го евидентирал Државниот завод за статистика изнесувал 1.209. Според последното соопштение, лани имало 1.994 разведени бракови. Ако се погледнат бројките, се забележува дека разводите се во постојан пораст.
Родителот кој нема да прифати пари за алиментација може да одговара пред Центарот за социјални грижи затоа што тоа е практично негрижа за детето. Колку и да е родителот/старател добро ситуиран, тие пари се на детето и тоа има законско право на нив
Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во споредба со една година претходно пораснал бројот и на бракови и на разводи. Имено, бројот на склучените бракови во 2017 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 4,4 отсто и изнесува 13.781, а бројот на разводи е зголемен за 0,5 отсто.
Психолозите се јасни: разводот ги погодува сите во семејството.
912