Секоја нова година во нашето училиште доведуваат и нови ученици – првачиња! Но, исто така и деца од шесто одделение! За нивниот голем ден полн со грижи и несфатливи случувања, секогаш многу придонесуваат родителите и околината, а и самото училиште, пишува Аднела Хамзакадиќ за obrazovniportal.ba.

Родителите се загрижени, децата уште повеќе, а некогаш и самите учители и наставници. Што е важно за првачињата? За децата од шесто одделение? Како што времето поминува, полека сè си доаѓа на своето место, па така и самото прваче. Детето од шесто одделение… можеби малку потешко… или само ми се чини? Ја сфаќаат суштината на училиштето, обврските и важноста на учењето, запознаваат различни карактери… бидејќи иако неминовно растат, тие само со учењето стануваат големи луѓе.

Она што е забележливо е дека задачата од првото полугодие со секоја нова генерација на првачиња се менува, бидејќи примарната цел на учителот е индивидуално да му пристапи на секое дете за да се олесни самиот престој на училиште, како и стекнувањето знаења и воспитни вредности.

Некогаш како учителка интензивно работев на гласовна анализа и синтеза и на развојот на говорот во првото полугодие, меѓутоа, согледувам дека тоа кај оваа генерација се променило. Се разбира, гласовната анализа и синтеза и развој на говорот се примарна цел и понатаму. Меѓутоа, во фокусот се и некои други работи. Кој е виновен за ова?

1. Социјализацијата на претшколска возраст кај децата е многу важна за мирен почеток на училишниот период. Кој придонесува за таа социјализација? Кој прв би требало да ги увиди одредените проблеми кај децата? Учителката? Тетката во градинката? Педијатарот? Родителите?

2. Навикнување на децата на работни обврски… примарна задача за кого? Од големите задачи околу собирањето играчки, па до самостојното миење на забите, што во голема мера го олеснува самиот почеток на училишниот период и неговото совладување.

3. Осамостојување во текот на облекувањето – ДА. Родители, многу е важно детето да знае самостојно да се облече и да ги собере работите околу себе – тоа му е потребно на првачето, буквите секако ги учиме потоа.

4. Развојот на моториката е голема работа за учителот, а ќе биде полесна доколку родителите го сфатат своето значење и улога во процесот на подготовка на првачето за почетокот на училиштето и училишните обврски. Обликувањето на различните имагинативни фигури од пластелин, глина, па дури и играта со тесто, многу помагаат во развојот на моториката на дланките. Она што мене ми е интересно во сето ова е фактот за првата средба со ножичките и сечењето хартија. Од преголемата грижа детето да не се повреди, ножиците се прогласени за многу опасен предмет, па често не им се достапни на децата. Зошто? Играта со ножици е многу забавна, детето може да создава, а истовремено и да ја вежба и зајакнува моториката на дланките, која е основа за „уредноста и прецизноста“ за совладување на буквите.

5. Развојот на вниманието и следењето упатства, контролата на емоции е исто така предизвик за оваа генерација. Напредокот на техниката и технологијата, како и многу раната нивна достапност до децата, придонесува за разлевање на вниманието и неможност за фокусирање на одредени задачи. Свесна сум за тој факт, па планирањето на содржините во текот на наставниот ден е нешто поразлично од порано, бидејќи на почетокот увидов дека она што некогаш изгледало како многу ефикасно, со новата генерација се покажува како многу површно, недефинирано и што е најважно – не е интересно. Што може да се направи? Да се промени односот кон содржините и начинот на планирање, како и самиот фокус на детали и важни содржини. МЕНУВАЈ СЕ СЕБЕСИ ЗА ДА ГО МЕНУВАШ СВЕТОТ! Родителите, иако свесни за фактот на штетноста од неконтролираното користење паметни уреди и интернет, ретко го менуваат својот став, па останува на нас да ја имаме задачата и да се обидеме да го насочиме вниманието на децата и да научиме како да се контролираат себеси и своите емоции и како да го насочат своето внимание. Морам да признам дека во некои случаи оди тешко, но навистина ме радува фактот дека веќе сега, по повеќе од два месеца на училиште, видов придвижување во некои случаи. Се разбира дека соработката помеѓу родителите и мене континуирано беше присутна, па сето тоа придонесе за напредок.

6. Дебелеење, слаб вид, неправилно држење на телото и тиковите се голем проблем и со секоја нова генерација се сè поизразени. Мораме сите да бидеме свесни за проблемите и да се обидеме да реагираме навреме за да нема трајни последици врз детето. Во разговорот со родителите забележувам дека се свесни за фактите, но многу од нив се пасивни и очекуваат проблемот сам да се реши, не сфаќајќи дека веќе утре за некои проблеми би можело да биде доцна… затоа да се разбудиме, навреме!

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што се грижам! Соработката и заемната помош и индивидуалниот советодавен разговор многу придонесуваат за подобри резултати, за подобро меѓусебно разбирање, помагање за доброто на децата, за доброто на новите генерации!

Наставници, имајте на ум дека вие сте медијатори и организатори на наставниот процес, чија цел е и понатаму индивидуалниот и флексибилен пристап кон секој ученик, па и следење на напредокот на секој ученик поединечно… Учениците во шесто одделение го менуваат своето доживување на училиштето со учителката која ги водела пет години, за нешто многу подинамично и различно, па потребно им е време. Наставници, тие и понатаму во главата ја имаат пораката за својата учителка: Голем свету, јас сум уште дете!



912

X