Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Навистина ме загрижува однесувањето на син ми, кој има 2,5 години. Отсекогаш го воспитувам со љубов и внимание и постојано разговарам со него како со возрасен, на начин за секоја ситуација да ја разбере. Но тој одвреме-навреме има некои изливи на инает, па плаче бесконечно за да добие нешто што можеби е бесмислено во моментот, но нему му се завртело во глава. На пример, ако сме некаде отидени, бара да оди дома да спие и ќе плаче можеби 2 часа без престан, ќе вика и ќе се дере сè додека не го постигне тоа. Сум се обидела со игнорирање, со тивок разговор, со карање и ништо не успева сè додека не се исцрпи целосно за да заспие. Не знам како да реагирам на следниот тантрум ако е тоа ова што го опишувам. Многу е паметен и е послушно дете во најголемиот дел од времето, но во некој момент кога ќе дојде ова целосно лудило, не го препознавам и не знам како да се справам. Ве молам за совет.

Прашува: Ирена

ОДГОВОР: Навистина е родителски предизвик да се постават граници и да се истрае во родителската одлука при изливите на бес кај детето. Тантрумите или изливи на бес се нормален дел од растот и развојот на детето. Имено, децата по првата година од животот, кога веќе стануваат поактивни, се соочуваат со првата препрека, а тоа е да не им бидат задоволени сите желби. Детето е шокирано и во тој момент смета дека неговите родители повеќе не го сакаат. Тоа не знае дека родителите  ги поставуваат ограничувањата со цел да го заштитат и да му овозможат оптимален раст и развој.

Наша задача како родители е да ги научиме децата да направат разлика помеѓу тоа што го сакаат и тоа што е возможно. Децата не ја знаат таа разлика, дури и на возрасните им е тешко кога се соочуваат со одредени ограничувања.

Од тоа што го имате наведено, вашето дете научило дека доколку неутешно плаче и силно вика, сепак ќе го добие тоа што го сака. Тоа е неговата стратегија зa задоволување на неговите желби. При поставувањето граници или правила најважни се истрајноста и константноста. Тоа што денеска вие или вашиот сопруг ќе го донесете како правило, треба да важи и утре без оглед на промената на динамиката и драматичноста во однесувањето на детето. Менувањето на правилата може само дополнително да го збуни детето и да направи да се чувствува несигурно. Секако, ограничувањата или правилата треба да се во согласност со потребите на детето и да бидат реални.

Јана Зенговска

Немојте да го подмитувате (на пример, ако престанеш да плачеш, ќе одиме на сладолед) или пак да си заминете од собата, да го оставите (детето може да дојде до заклучок дека не го сакате). Колку и да плаче, инсистирајте тивко и смирено на правилото што го имате поставено. Бидете до детето, зборувајте, гушнете го кога неутешно плаче итн.

Вербализирајте ја ситуацијата, чувствата, препознајте ги потребите што ги има детето во моментот (на пример: Знам дека си ми лут, но не може да гледаш на телефон, ќе те болат очите, не можеш да заспиеш итн.). Важно е да почувствува дека е сакано и да му повторувате дека многу го сакате (Затоа што те сакаме многу, сакаме и да те научиме на убаво однесување).

Знам дека е стресно, некогаш може да се чувствувате и беспомошно, но ова е период кој кратко трае (приближно до 4. година). Бидете свесни дека со воспоставувањето ред во однесувањето на детето му помагате полесно да ги прифати и другите животни предизвици и ограничувања со кои ќе се соочува во текот на растењето.

Одговара: Јана Зенговска, лиценциран психолог и гешталт-психотерапевт под супервизија во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / janagrozdanovska@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X