Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имаме двегодишно детенце. Уште од помало постојано го вади кабелот од телевизорот, па го турка. Најмногу ни е страв да не падне врз него и да го повреди. Исто така, често е агресивно спрема мајката. Многу го караме двајцата родители, знаеме и често да го „плеснеме“ по рачето или задникот. Веќе сѐ испробавме, ама никако да престане со оваа навика. Што да правиме?
ОДГОВОР: Вашето дете е во фаза на развојот која се карактеризира со брз раст, со голема љубопитност, енергичност и истражување на сѐ околу себе. Детето го прави тоа преку допирање, качување, гледање, а бидејќи почнува да ги разбира правилата, често и ги тестира. Детето учи да биде свесно за сопствените желби и со поголема свесност ја изразува својата волја. На оваа возраст децата учат и за причината и последицата и бараат внимание на различни начини, а истовремено почнуваат да ја потврдуваат својата индивидуалност.
Ваквото однесување е предизвик за родителите и често го доживуваат како намерно или да наштети и направи нешто, но за детето тоа е само начин на разбирање на светот и изразување на своите потреби и емоции.
За вашето дете, сѐ што е околу него е нешто ново, интересно, фасцинантно, поради тоа сака да го пипне, истражи, да види што се случува доколку врши некоја акција над нешто. Истовремено, бидејќи сѐ уште вербално не умее да се изрази и нема способност да ги пренесе своите чувства и желби, тоа води кон фрустрација и силни емоции кои резултираат кон агресивно однесување. Ова однесување е со удирање, гризење, фрлање, плачење, …единствен начин кој го има за да пренесе нешто. Поради тоа и покажува агресивност кон мајката, бидејќи таа дава сигурност, удобност и љубов. Ниедно од овие однесувања не е лично, туку произлегуваат од неспособноста детето да ги регулира своите емоции и да комуницира.

Потрудете се да не викате и удирате, туку пренасочувајте го постојано на некоја друга активност или кон омилената играчка и игра. Користете мали трикови за на забавен начин да го поттикнете кон нешто друго. Бидете доследни, повторете ја акцијата што сакате да ја интернализирате и покажете ја мирно, полека. Секако дека сте исплашени да не се повреди, но доколку бурно реагирате на ваквите негови однесувања, тогаш детето ќе сака да го истражи тоа нешто бидејќи ви привлекува толку многу внимание. Поставете физичка бариера кон кабелот и телевизорот.
Доколку пуштате цртан филм, поставете го детето на одредена далечина и доколку станува да фаќа, постојано враќајте го и кажете му: „Седиме тука и не стануваме“ – на некој начин поставувате граници и останувате доследни. Наша работа е да му помогнеме на детето да се изрази, нудејќи ги зборовите што сѐ уште му недостигаат, или кога е агресивно: „Изгледаш тажно. Ти се налути затоа што? Дали сакаш заедно да видиме?“
Потрудете се да имате дневна структура и да ги почитувате границите и правилата што се важни за вашето дете, кое треба да разбере во кои граници може да се движи во различни ситуации, а тоа ќе го постигнете со покажување и пример.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912