Во споредба со возрасните, бебињата не спијат добро. Она што многумина од нас го забораваат е дека тие и не треба да спијат како возрасните. Баш спротивно, новороденчињата треба да се будат за да јадат на неколку часа. Од нив не се ни очекува да спијат цела вечер до 6 месеци, а во повеќето случаи тоа е и подоцна, пишува Беки Виеира за www.babycenter.com.

Како нови родители, јас и сопругот бевме уморни. Секако. Всушност, исцрпени, но претпоставивме дека тоа е нешто што е типично за секој нов родител. Кога пријателите и семејството ќе нè прашаа како сме и ние ќе им кажевме колку сме уморни, тие секогаш одговараа: „Да, прилично е лошо“. Понекогаш станував бесна и им велев: „Зошто не ни кажавте дека е толку лошо?“ Постојано ни велеа дека е нормално.

Но, што со бебињата кои спијат помалку од „нормално“?

Со месеци нашиот син спиеше по 45 минути, евентуално 2 часа и тоа беше максимум. Го доев на два часа и морав да го држам заспан наредните дваесетина минути. Не сакаше веднаш да го спуштам да легне, па секоја вечер морав да седам со него по доењето за да го успијам.

Не можев да верувам дека постои толкаво ниво на исцрпеност. Првите денови се напорни. Кафето помага, секако. Кратките дремнувања помагаат кога бабите и дедовците, браќата и сестрите и пријателите ве заменуваат. Но, на крај, стануваш имун на сето тоа. Недостигот на сонот станува сериозен, се претвора во тортура и може лошо да влијае и врз луѓето во наша близина.

Претпоставувам дека без оглед на тоа што ќе се обидете, постојат деца на кои спиењето не им оди. Како на моето.

А за сите оние што прашуваат: „Дали се обиде_____?“, одговорот е да. Се обидувавме, читавме, гледавме, купивме различни уреди, плачевме, се молевме…

Во најлошите моменти, напишав шеговити совети за една трудна пријателка за тоа како треба да се подготви:

„Остани будна цела вечер. Не еднаш или двапати, секој може да го преживее тоа. Прави го тоа со недели, така што ќе бидеш преморена до степен да не се сеќаваш како се отвора фрижидерот. Оди да спиеш, но постави аларм на секои 45 минути. Она што е забавно е дека ќе стануваш секојпат кога ќе чуеш звук, веројатно не помалку од трипати во текот на тие 45 минути.

Кога ќе еруптира, стани и обиди се да го нишаш алармот додека вреска. Додај 3-4 килограми за да биде поавтентично.

Откако алармот ќе престане да вреска, врати се на спиење – уште 45 минути, максимум. Тогаш разбуди се и стави си нешто слично на вакуум на твојата брадавица.

Кога сето тоа ќе биде готово, време е за нов ден. Испиј кафе (во спротивно, пелената може да заврши на погрешниот крај на бебето). Ќе дојде и време за дремнување и ќе имаш шанси да отспиеш со бебето. Но, погоди – кафето што го испи за да преживееш, нема да ти дозволи.

Честитам, го преживеа првиот ден на мајка што не спие!“

Месеците поминуваа, но не стануваше подобро. Немаше дневни дремки, остана само моето долготрајно нишање да го заспијам макар 20 минути. Конечно дојдовме до идеја бебето да го заспиеме во неговата лулашка, за некој член од семејството да ни каже дека е опасно, па престанавме да ја користиме и бебето престана да спие.

Не се сеќавам дали некогаш сум била толку очајна во мојот живот. Во мозокот чувствував огромна дупка. Не можев да се сетам на работите. Животот замаглено поминуваше покрај мене. Бев екстремно уморна и претходно, сите сме биле, но ова никогаш претходно го немав почувствувано. Така и продолжив да лутам и да барам слични случаи како мојот, дали сите бебиња, како моето, спијат толку малку. Се обидов да продолжам.

Врвот го достигнав една вечер кога видов зелено светло како игра на плакарот. Кога го прашав сопругот од каде доаѓа, тој се преплаши. Мислеше дека се шегувам, па подоцна откривме дека гледав нешто што го немаше. Прегледот на доктор два дена подоцна потврди дека почнав да халуцинирам од исцрпеност.

Поентата на целата моја приказна е дека барав помош, но сите ми потврдуваа дека тоа е нормално кај родителите. Го прифатив уморот како нешто нормално, а не беше. Моето бебе не спиеше, што не беше здраво за никој од нас. Докторот ни препорача „тренер за спиење“, па ни стана полесно. Мојот син конечно почна да спие.

Би сакала да сфатам дека мајчинството не е исто за секој. Она што го мачи едно семејство, за друго може да е опуштено. Важно е да го правите она што е најдобро за вас. Требаше да сфатам дека таа неиздржлива исцрпеност ме влече надолу. Требаше претходно да мислам на здравјето и да одам на доктор.

Работите би ги направила поинаку ако имам повеќе деца. Уште поважно, нема да го споредувам моето патување со другите. Без оглед на тоа што ми велат другите родители.

 



912

X