Воспитување

Го доев едното дете, но не и другото – и двете се во ред

Сигурна сум дека и вие сте сакале да направите сè „правилно“ кога сте станале мајки. Истото го сакав и јас. Откако еден месец не можев да забременам, си ветив дека ако зачнам, ќе бидам најдобрата мајка на светот. Ќе го учам моето дете, ќе бидам трпелива, ќе го хранам со здрава храна и никогаш нема да го оставам да јаде нездрава храна или да гледа глупости на ТВ: многу од тие ветувања беа прекршени откако сфатив дека мајчинството не е баш лесно.

Но, веројатно најкритичното ветување што го направив и не го исполнив е дека ќе ги дојам сите мои деца. Ми беше кажано дека моите деца ќе имаат здравствени проблеми и ќе бидат помалку интелигентни од другите деца ако не се доени, па немаше начин да оставам да се случи тоа.

Мојот син и јас имавме потежок почеток – со сè. Сите мои најдобри намери, како и мајчински инстинкти кои бев сигурна дека ги имам, изгледаше како да исчезнаа под притисокот да се преживее 36-часовно породување кое беше полошо од која било филмска сцена што сум ја видела. Хранење по хранење, на секои 2 часа, 12 пати дневно. Обид по обид, мојот син изгледаше како да се одвраќа од цицањето. Ја завршувавме секоја сесија со хранење со солзи – тој од глад, јас од фрустрација. Сè правев правилно, па зошто доењето одеше толку лошо?

Решена да успеам, се советував со експерти и донесов дома пластичен уред за тортура за да ми помогне да го измолзувам млекото од моите веќе исцрпени гради. Но, по 2 недели (168 обиди), достигнав невидени нивоа на анксиозност и вина. Помеѓу заздравувањето, недостигот на сон и жалењето колку е различно мајчинството во реалниот живот во споредба со она што го замислував, знаев дека од нешто морам да се откажам. И додека се мачев да одлучам што да сторам следно, добра пријателка седна до мене и ми кажа дека е во ред ако не дојам.

Што, како? Како е можно? Зарем не значеше дека ако му даваш на детето адаптирано млеко е исто како да му даваш газиран пијалак? Таа рече дека најважната работа сум јас. Јас! Некој на кој целосно заборавив додека се присилував да дојам и покрај цената што ја плаќав и емотивно и физички.

Па, почнав со адаптирано млеко и погодете што? Ништо не се случи. Не ме удри молња од боговите на доењето. Сè уште бев најдобрата мајка што можев да бидам. Мојот син јадеше, се развиваше и ден-денес се развива – на 11-годишна возраст. Немаше некои други дополнителни болести за разлика од своите врсници, не беше лош на училиште. Всушност, тој е еден од најздравите, атлетски деца што ги познавам.

Кога мојата ќерка се роди 2,5 години подоцна, знаев дека повторно ќе се обидам со доењето. Овој пат знаев дека ќе биде во ред без разлика дали ќе успеам или не. По една недела изгледаше дека ќе го повторувам истиот пат како со првото дете. Но, дента кога планирав да се префрлам на адаптирано млеко, зборував на телефон со советник за лактација, а потоа и двајцата ја слушнавме како голта. Тоа беше воодушевувачко искуство за кое другите дотогаш зборуваа. Ги поминав следните 6 месеци носејќи перница за доење – таа јадеше, се развиваше и сега, кога речиси има 9 години, е исто така многу здрава и паметна. Јас, од друга страна, не намалив ниту еден килограм сè додека не престанав да дојам. Ајде сега најдете логика.

Размислував за чувството на вина што го доев едното, а не и другото дете. Се прашував дали сум ѝ дала неправедна предност на својата ќерка наспроти својот син. Но, како што подлабоко навлегувам во родителството, сфаќам дека има многу други начини на кои можам потенцијално да ги „оштетам“ децата отколку начините на кои сум им давала млеко во првата година.

Мајки што доите и оние што користите адаптирано млеко, само напред: ја имате мојата поддршка да го правите она што е правилно за вас и тоа може да биде различно за секое дете.

Автор: Шенон Гајтон

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top