Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 6,5 години. Веќе извесно време (една и пол година) ги затвора ушите кога заспива. И ако е разбудена, а друг спие во собата, пак седи со затнати уши. Кога сите се разбудени, сè е ок. Често се разбудува навечер поради кошмари и страв, па пак призаспива со затнати уши. Понекогаш ја забележувам дека ако ја искарам за нешто, заминува во друга соба, ги затвора ушите или си разговара сама со себе. Пробав да разговарам и преку игра да дознам зошто, но ми вели така ѝ е убаво или дека слуша нешто. Оваа ситуација почна две години откако се роди второто дете. Инаку, се работи за дете со нормален развој и доста интелигентно. Како би можела да допрам до неа или да ја опуштам?

читателка

ОДГОВОР: Покривањето на ушите може да биде одбранбен механизам кој го користат децата за да се чувствуваат „безбедно“ или пријатно. Ова претставува емоционална реакција на она што се случува околу нив.

Се чини како вашата ќерка да се брани од нешто, не сака да биде присутна во моментот во кој е, убаво ѝ е кога се повлекува и кога е сама. Нејзе не ѝ изгледа како проблем, а нормално е вие како мајка да сакате да знаете што се случува и зошто го прави тоа.

Секако, иницијатор на ваквата состојба може да е промената во семејството и раѓањето на вашето второ дете, тогаш целото семејство трпи промени и целата семејна динамика е поинаква.

Ако се надоврземе на овој момент кога ги затвора ушите кога треба да спие, како да се брани од нешто што го слуша во тој период… може да се случува, на пр., ако бебето плачело и таа се вознемирувала навечер и не можела да спие, или пак некои други разговори, шумови, гласови итн., па со текот на времето ѝ преминало во навика за да има свој мир и да ѝ биде убаво, како што и самата потврдува кога ја прашувате.

Би било добро да смените нешто во вашата рутина и да ѝ посветите малку повеќе време, на пример, кога заспива, да легнете до неа, па кога ќе ги затвори ушите, и вие да ги затворите вашите. Ова веројатно ќе разбуди некоја реакција кај неа, може да се претвори во игра, да се насмеете. Ако го насмеете вашето дете, тоа ќе помогне да се расветлат многу работи, да се почувствувате блиски

Кога ги затвора ушите и си зборува сама со себе, откако ќе ја искарате, дали некогаш сте слушнале што зборува? Дали можеби се теши или се смирува или можеби ви е лута.

Кога ви вели „така ми е убаво“ или „слушам нешто“, пробајте да поставете неколку потпрашања, на пр., што е тоа што го слушаш, дали е забавно, певливо, дали може да се игра на тоа, дали е некоја приказна, дали е среќна, ако е, за што се зборува во приказната. Исто така, пробајте да поставувате прашања употребувајќи: Што мислиш, дали, како, што би се случило… итн. На овој начин покажувате интерес за она што го прави и влегувате во нејзиниот свет.

Ако помислиме на времето кога се случува сето тоа, бидејќи се повторува, т.е. пред заспивање, дали во тој период нешто се случува дома, некој ритуал, на пример да го бањате помалото дете или да го заспивате, па можеби тоа ѝ пречи и затоа не сака да биде дел од таа реалност. Дали истата ситуација ја практикува и надвор од дома и дали сте забележале ваквиот начин на однесување да се повторува ако во тој временски период сте кај баба, дедо на спиење или во друга средина.

Би било добро да смените нешто во вашата рутина и да ѝ посветите малку повеќе време, на пример, кога заспива, да легнете до неа, па кога ќе ги затвори ушите, и вие да ги затворите вашите. Ова веројатно ќе разбуди некоја реакција кај неа, може да се претвори во игра, да се насмеете. Ако го насмеете вашето дете, тоа ќе помогне да се расветлат многу работи, да се почувствувате блиски. Со смеата истовремено му ја давате на детето вашата љубов и разбирање, а делите и посебно време, време за вас.

Во тие моменти на „вашето време“ детето се чувствува сигурно и може да обработува проблеми кои порано не биле целосно обработени или не можело да зборува за нив, се гради поголема доверба и се развива вашето пријателство. Тогаш се запознавате со други искуства, чувства, интереси, покажувате дека го цените вашето дете и дека го разбирате.

„Вашето време“ може да биде каде било (во кујна, во природа, во автомобил…) и во кое било време во различни ситуации и денови да делите пораки со насмевка, контакт со очите, прегратки и нежни допири.

Бидете стрпливи. Слушајте со емпатија и помогнете му на вашето дете да ги именува своите емоции. Ако му дозволите да разговара преку нив и да работи самостојно знаејќи дека секогаш сте тука за него, тоа ќе му помогне да развие алатки и еластичност за да се соочи со различни ситуации во иднина.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.

 



912

X