Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 4 години, а од 2 години посетува дефектолог поради доцнење на говорот. Говорот сега е присутен, веќе не посетува дефектолог бидејќи таа вели дека е исклучително интелигентно дете. Но, во градинка има некој страв. Ги сака воспитувачките, никогаш не зборува лошо за нив, но ако зборуваат на повисок тон, го фаќа паника, стегнат е, не е опуштен во игра со децата, одбива да јаде. Сѐ што прави е затоа што така му наредиле и не ужива во тоа. Исто така, не сака да носи фармерки, кошули и што било што не му е удобно. Но дома со брат му е сосема спротивно, си играат, јадат заедно, се гушкаат, се смеат, се караат, зборуваат тивко, зборуваат гласно, нормален братски однос. Ве молам за совет како да го надминеме стравот и паниката што ги има во градинка?

ОДГОВОР: Ме радува што говорот кај вашето дете е присутен и што веќе немате потреба од посета на логопед. Во вашето прашање нема информации кога вашето дете почнало да оди во градинка. Доколку не ја посетува долго градинката, оваа голема животна промена бара приспособување, кое никогаш не е лесно и предизвикува многу непријатни емоции кај децата.

Како вашето дете се однесува во други услови, дали е повлечен, порезервиран? Ако ваквото однесување е често и на други места и во други ситуации, веројатно вашето дете по темперамент е порезервирано, и во нова средина реагира со повлекување. Кога е дома во својата сигурна зона, тој е опуштен, безгрижен, разигран, насмеан, удобно му е. Она што не му е удобно и сигурно, како фармерките и кошулите го отфрла.

Добро е децата да бидат по малку фрустрирани, а градинката често е првото искуство на детето во структуриран образовен амбиент кој е различен од дома. Приспособувањето на нова рутина, на нови правила и нови очекувања може да доведе до фрустрација кај детето. Бидејќи вашето дете е на возраст во која сè уште се развиваат социјалните, емоционалните и когнитивните вештини, веројатно сѐ уште не умее и нема способност за решавање на проблемите. Од друга страна, тој е во фаза кога го развива чувството на независност, но сепак многу се потпира на возрасните за поддршка и водство. Кај детето тогаш се создава еден внатрешен конфликт кога сака да ги прави работите како што сака, но се чувствува фрустриран кога ќе наиде на пречки или ограничувања.

Градинката ги воведува децата во поширок социјален круг каде што детето се учи да споделува играчки со поголем број деца, да се менува, игра, да ги решава конфликтите, а сето тоа може да биде предизвик и може да доведе до непријатности, па тој останува настрана.
Разговарајте за неговите чувства: „Ми се чини како да ти е страв кога воспитувачката ќе подвикне малку“, потврдете ги неговите чувства и вербализирајте ги неговите стравови.

Дали се плаши дека другите деца ќе го повредат? Зошто не сака да јаде сам, дали му е страв? Што му пречи? Со ваквиот разговор со вашето дете можете да дојдете до коренот на неговите стравови и да видите што го мачи. Неутрализирајте ги неговите емоции така што нема да го сожалувате или да бидете премногу вознемирени од она што ќе ви го каже.

Поттикнете го да црта за своите чувства и охрабрете го да размислува за решенија во различни ситуации. Научете го да користи позитивен самоговор за да се увери себеси кога се чувствува фрустрирано. Охрабрете го да каже: „Можам да го направам ова“ или „Ќе се обидам повторно“.
Добро е понекогаш и да не му е удобно и да истрпи некои работи, па затоа вежбајте, на пример, да носи кошула 15 мин., па половина час.

Бидете трпеливи и полни со љубов и разбирање, полека заедно со вас тој ќе гради поголема издржливост и полесно ќе се справува со фрустрациите.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X