Неработењето на градинките сè уште претставува голем проблем за дел од родителите што мора да одат на работа, а немаат каде да ги остават своите деца во текот на денот

Ако најголема мака на секој родител во летните месеци беше како неговото дете ќе го прифати првиот ден во градинка од септември, како ќе се навикне на негувателките или воспитувачките, дали ќе сака да го јаде она што се подготвува како дневно мени во овие установи или дали ќе се вклопи со останатите другарчиња, сега новите околности предизвикани од пандемијата на коронавирусот им задаваат нови главоболки и недоумици на родителите.

Неизвесноста за начинот на кој ќе се одвива целиот процес на згрижување и воспитување на децата во детските градинки и недоумиците дали ќе функционираат протоколите за заштита на децата ги доведуваат до избезуменост голем број родители.

Повеќето имаат крајно поделени ставови за тоа дали треба да се отворат градинките и да згрижуваат деца, па додека едни се „за“ и сметаат дека малечките мора да се социјализираат или имаат мака зашто нема кој да им ги чува додека се на работа, други се исплашени за тоа колку безбедна средина може да е градинката. Има родители и кои, збунети поради состојбите, не можат да одредат која е вистинската одлука.

Веќе неколку месеци се најавува отворањето на установите за згрижување на децата во земјава, па се одложува.

Аргументи ЗА или ПРОТИВ

На социјалните мрежи веќе подолг период се разменуваат мислења, се потпишуваат петиции „за“ и „против“ најавеното отворање на градинките и притоа се презентираат различни аргументи. Неретко дискусијата е нервозна и остра.

Едните велат дека надлежните имаат ноншалантно однесување за оваа проблематика и не се грижат да се најде начин да се заштити здравјето на децата, а други, пак, сметаат дека треба рационално да се гледа на оваа состојба и да се размислува за можните ефекти врз егзистенцијалната положба на родителите и на тоа дека немаат каде да ги остават своите деца додека се на работа.

– Сите паркови и кафулиња во градот се полни со мајки и деца. Децата си играат во групи по маалските игралишта, а не се дозволува отворање на градинките. Оние што работат во државните институции најмногу се бунтуваат на оваа тема. На сметка на тоа, вработените во приватниот сектор мака мачат каде и како да ги остават децата на чување – пишува членка во групата „За подобри услови во градинките и основните училишта“ на социјалната мрежа „Фејсбук“.

На неа се надоврзува и мајка на деца кои посетуваат градинка и стравува дека е загрозено нејзиното работно место.

– Вработените во приватниот сектор одат на работа со цело работно време или, пак, се снаоѓаат како знаат и умеат. Има и такви што останале без работа. Никој не дава плата за седење дома со месеци. Државата треба да најде безбеден начин како градинките да се вратат во функција – вели друга членка.

Коментарите се и во насока дека треба да се најдат соодветни мерки за заштита на здравјето на децата.

Татко на две малолетни деца на својот фејсбук-профил напиша:

– Децата да ги оставаме дома сами или на улица. Битно казината се отворија. Ако има јасни протоколи и услови, нема да има проблем и при отворањето на градинките – посочува родителот.

Други родители, пак, се скептични околу начините како ќе се спроведуваат протоколите кај децата што посетуваат јасли, или се сместени во групите кои згрижуваат деца до две или три години и на кои не може да им се објасни мерката држење дистанца.

– Како децата од една или две години ќе одржуваат дистанца и нема да се мешаат. Тие и така во нормални услови си пренесуваат бактерии и вируси. Ако едно дете се разболи, по него уште десетина се разболуваат од истата бактерија или вирус. Не знам како ќе се реши тоа. Ќе ги тестираме ли и децата? – прашува мајка на која ѝ завршува породилното боледување и треба детето да го запише во градинка.

Многумина сметаат дека носењето на децата во градинка носи голем ризик од заразување со коронавирусот и со тоа да се пренесе и на другите членови во семејството.

– Многу од нас имаат хронични заболувања. Живееме со повозрасни членови во семејството кои спаѓаат во ризичните категории и чиј живот може да биде во опасност ако се заразат со Ковид-19. Знаеме дека децата во најголем дел се преносители на вирусот. Не можеме да се споредуваме со земји како Германија, Шведска или Финска каде што овие установи се веќе одамна отворени. Знаете што сме ние споредено со нив? Африка! – посочува мајка во група на социјалните мрежи.

Големи проблеми на самохраните родители

Здружението за унапредување на правата на самохраните мајки „Една може“ пред неколку недели побара од надлежните органи да се реши проблемот на самохраните родители, во најголема мера на самохраните мајки по различни основи, кои секојдневно се среќаваат со непремостливи проблеми, а особено се погодени и се под висок ризик од почетокот на кризата со Ковид-19.

– Алтернативни решенија за згрижување на нашите деца немаме, имајќи предвид дека градинките и центрите за деца што вообичаено згрижуваат деца до 10-годишна возраст во летниот период се затворени. И покрај тоа, ние мораме да одиме на работа бидејќи како еднородни семејства тоа е нашиот единствен извор на егзистенција, но згрижувањето на нашите деца е неизвесно. Со тоа нашите семејства стануваат критични семејства со зголемен потенцијален финансиски и здравствен ризик – посочија од здружението.

Ќе се згрижуваат деца чии родители не можат да работат од дома?

Сепак, надлежните од градинките изминатиот период им дале препораки на родителите дека ако  сакаат детето да почне да оди во градинка, мора да докажат дека не можат да работат од дома.

Поради препораките за заштита од коронавирусот, родителите треба да достават потврда од работодавецот дека своите работни задачи не може да ги извршува од дома, туку дека треба да бидат на своето работно место. Дел од градинките наведуваат дека потврдите се за носење на децата во градинка од септември.

Вчера на состанок на Комисијата за заразни болести беа присутни претставници на Министерството за труд и социјална политика и се разгледуваа и се разговараше и за протоколите за почеток на работењето на градинките. Заклучокот беше дека дел од протоколите треба да се доработат од страна на МТСП.

Да се доработат протоколите за градинките, бара Комисијата за заразни болести



912

X