Сите сакаме да живееме холивудски животи, сакаме да сме популарни, да се зборува за нас, без оглед на кој начин сме ја стекнале популарноста. Но, каква порака му праќаме на детето со таквото однесување?

Психотерапевтот Вахида Џедовиќ, позната и како „лекарка за љубов“, на едно телевизиско гостување зборуваше за децата како „статусни симболи“ и за тоа како родителите им наметнуваат маски на децата уште од мали нозе.
Џедовиќ пишува и колумни за многу списанија, а објавила и две книги – „Терапевт на љубовта“ и „Облечи кошула на среќен човек“.

Детето како статусен симбол

На прашањето „кои сме ние?“, таа одговори дека е многу тешко човек да се спознае самиот себе и дека тоа е еден макотрпен и долготраен процес, но може да се спроведе.

„Од детството сме почнале да ставаме маски на себе бидејќи родителите, со најдобри намери, тоа им го прават на своите деца и често грешат затоа што на децата им поставуваат преголеми барања, особено во денешно време, кога детето повеќе е статусен симбол отколку дете, кога мора да свири на клавир на пет години, кога мора да учи неколку јазици за родителите да се фалат со тоа.
Преголеми барања се ставаат пред децата, кои немаат можност да си играат, па така губат од суштинското битие бидејќи можеби тие не го сакаат она што им го нудат родителите. Родителите мислат дека сѐ е подобро отколку да бидат на интернет, меѓутоа, тие треба да им посветат време на своите деца и да си играат со нив.

Родителите често преку своите деца сакаат да ги одживеат своите неостварени соништа. Социјалните мрежи се одличен пример за тоа. Денес е модерно да се сликаат ученичките книшки, дипломите, да се фалат дека детето има просек 5,0. Но, што му порачуваме на детето со тоа? Не треба на тоа да му се придава особено значење. Родителите немаат свој исполнет живот.“

Сѐ стана натпревар

„Кога се прославуваат родендените на децата, се земаат кредити. Тоа стана еден вид натпревар – кој ќе направи поубав роденден. Исто е и со децата што се натпреваруваат меѓу себе каде ќе одат на зимување“.
Џедовиќ вели дека живееме лажни животи.

„Сето ова ни стигнало од Холивуд, сите сакаме да живееме холивудски животи, сакаме да сме популарни, да се зборува за нас, без оглед на кој начин ќе ја стекнеме таа популарност. Жените често знаат да се претстават како жртви за да стекнат популарност. На децата примери им се старлети и луѓе од реалните шоуа“, вели психотерапевтката.
Таа смета дека ова се случува затоа што родителите не им се посветуваат доволно на децата.

„На детето треба да му се дозволи навистина да биде дете, да му се каже ‘јас те сакам без оглед што имаш тројки во книшката’. Денес никој не поставува таква фотографија на социјалните мрежи. Исто така, веќе не се доволни само петките, денес е доволно само 5,0. Моето дете мора да биде најдобро затоа што тоа зборува за мене. Луѓето често сакаат да го изговараат зборот ‘мое’ бидејќи немаат ништо свое“, истакнува таа.

Не се занимаваме со себеси

На прашањето каков е реалниот живот и што се случува кога ќе се исклучи светлото, таа вели:

„Луѓето главно се посветени на политичките случувања во земјата и гледаат кој што рекол, како некој бил облечен, а тоа всушност ни нуди една ситуација – не се занимаваме со себеси. Подобро да се занимаваме со политичарите отколку со сопствениот живот. Кога ќе се исклучат светлата, сите знаат како спијат, знаат дали во континуитет можат да отспијат седум или осум часа, а тоа е неопходно за да бидеме среќни“, вели Џедовиќ.

„Генерално, како општество, не сме среќни. Луѓето треба да се запрашаат какви маски ставиле на себе. Ги истражував и дисфункционалните однесувања; младите ни се депресивни, па така истражувањето покажа дека од 200 млади луѓе, 30 отсто од нив размислувале за суицид. Тоа не значи дека направиле обид, но размислувале на таа тема.“



912

X