Статистиката покажува дека по девет месеци од првенствата во земјите-победници расте наталитетот
Во ек е Светското фудбалско првенство. Љубителите на најважната споредна работа на светот навиваат за својата држава-фаворит. А пехарот, титулата и гордоста не се единствени награди за победниците. Статистиката покажува дека по девет месеци од првенствата во овие земји расте наталитетот. Тоа се случило во Шпанија, во Исланд… Психолозите објаснуваат дека има зошто.
За малку повеќе од половина месец ќе знаеме каде ќе биде наредниот беби-бум.
Позитивна еуфорија
Во јуни 2016 година фудбалскиот тим на Исланд ја победи Англија, тогашниот европски првак. Девет месеци подоцна во оваа мала држава се јавува енормно зголемен раст на наталитетот, објавија светски медиуми. Исто така, во 2013 година во Шпанија е забележан зголемен број на новороденчиња по девет месеци откако Барселона влезе во финалето на Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА).
Според статистиките, од 1993 до 2017 година фудбал редовно следеле над 111 милиони гледачи и над 40 милиони семејства.
Податоците покажуваат дека наталитетот расте и во држави што не се шампиони.
Фудбалот, вели Калина Сотироска-Иваноска, доктор на психолошки науки, е поврзан со менталното здравје на луѓето.
– Очигледно има ефект врз односите со другите луѓе, емоциите, идентитетот и самодовербата. Статистиката покажала дека во земјите каде што се одржува Светското првенство во фудбал, како и во победничките земји, се слави необичен беби-бум. Најчесто тоа се поврзува со еуфоријата од претходното лето што владеела во текот на одржувањето на натпреварите – вели Сотироска-Иваноска.
Зголемено лачење на хормоните на среќа
Еден месец луѓето се релаксирани и опуштени, континуирано во благосостојба и со зголемено лачење на хормоните на среќата. Рекреативноста и забавата, објаснува психологот, ја исполнуваат психолошката потреба да се избегнат стресот и животните тензии и одреден временски период влегуваат во друг свет.
– Притоа успехот на тимот или на државата за кое навиваат, убавото време и доброто расположение играат значајна улога во желбата за интимни односи и подготвеноста на телото за зачнување. Доколку тимот за кој се навива не победи, сепак, тоа нема негативни ефекти врз менталното здравје и нарушување на доброто расположение – вели Сотироска-Иваноска.
Фото: Комонс Викимедија
Катарзичен ефект
Гледањето фудбал има катарзичен ефект, фановите, додека навиваат, се идентификуваат со тимот, носат дресови и зборуваат на јазик кој вообичаено не го користат.
– Доживуваат катарзично ослободување од тензијата преку викање, пеење и дерење, при што внатрешните интензивни негативни емоции и фрустрации се вентилираат на социјално прифатлив начин. По завршувањето на натпреварот се чувствува олеснување, ослободување и задоволство. Менталната благосостојба е директно поврзана со подготвеноста на телото за заемни интимни односи кои резултираат со потомок – додава нашата соговорничка.
Утре: Кога се прават најмногу бебиња во Македонија?
912