Болниците во Франција бараат од родилките да носат заштитни маски за време на породувањето, а наводно тоа предизвикува компликации во текот на целиот процес. Група активисти водат кампања против оваа практика. Тие и некои од лекарите велат дека мајките доживуваат непотребен стрес и имаат проблем со дишењето, што може да доведе до слабост и неможност да се притиска во текот на породувањето.

Имало случаи кога медицински персонал од болниците се заканувал дека ќе одбива да третира жени што не носат маски – за ваквите случаи се пишуваше во француските медиуми. Некои мајки изјавиле дека биле присилени да ги чуваат маските на лицето дури и кога се бореле за воздух додека се породувале.

– Имав чувство дека се задушувам, ми беше многу топло и многу се потев под маската, едноставно не можев да се справам со тоа – истакнала една мајка. Како резултат на нејзиниот стрес, лекарот морал да користи форцепс за да го извлече детето. Детето се родило со грутка на главата и амнионска течност во неговите бели дробови. Бебето било пренесено во друга болница бидејќи во моменталната немало доволно соодветни простории и опрема за негово третирање.

– Ова беше голема траума за мене и за партнерот. Пред да се породиме нè учат да го контролираме дишењето, па да се биде во ваква ситуација навистина е трауматично – вели мајката.

„Стоп за акушерското и гинеколошко насилство“ е група која се бори против оваа мерка и го застапува ставот дека мерката може да биде потенцијално опасна за мајките и децата. Основачот на групата, Соња Биш, истакнала дека маските за лице може да предизвикаат „задушување, повраќање, паника“ кај жените во текот на породувањето бидејќи така им се попречува приливот на воздух. Исто така, може да се зголеми и шансата за страдање од постанатлна депресија кај жените, па дури и посттрауматски стрес. Нејзиниот став е базиран на разговорите со новите мајки што ги претрпеле овие работи.

Во кампањата таа потенцира дека со оглед на тоа што СЗО апелира луѓето да не носат маски додека вежбаат, бидејќи се намалува непреченото дишење, и носењето маски во текот на породување е нелогично. Организацијата на Биш препорачува само медицинскиот персонал да носи маски и заштитни очила во текот на породувањето.

Во Франција барањето да се носи маски зависи од установата, а групата на Биш веќе креирала мапа на болници објаснувајќи кои правила на кое место се бараат.

Во Велика Британија работите се одвиваат слично на концептот на Биш – лекарите и сестрите мора да се заштитат себеси, додека пациентите не треба да носат маски.

Во САД на жените не им се бара да носат маски во породилиштето.

Според СЗО, во Франција има повеќе од 700 илјади потврдени случаи на Ковид-19 и околу 32 илјади смртни случаи, со што земјата е меѓу најлошо погодените од пандемијата. Растот на бројот на нови случаи и хоспитализирани лица ја поттикна владата да примени дополнителни рестрикции во однос на социјалните интеракции и носењето заштитни маски.

Извор



912

X