Наставниците по физичка култура, но и стручната јавност, веќе долго предупредуваат дека нивото на физичка функционалност и активности на децата е загрижувачки ниско и дека на тој проблем мора да му се посвети поголемо внимание. Децата имаат рамни табани, лоша рамнотежа, не умеат со рака да дофатат топка.

Тешко е да се каже дека за сѐ се виновни родителите, таблетите и компјутерите, а според зборовите на експертите, првиот чекор во промена на свеста би бил престојот надвор и што повеќе уредени простори во кои децата би можеле да бидат физички активни.

Нерешените проблеми во најраната возраст водат кон трајни деформитети

Здравјето и правилниот развој на децата треба да бидат приоритет на сите што работат со деца, без разлика дали се зборува за врвен спорт или за рекреативен, кој би требало за секое дете да биде задолжителен бидејќи е директно врзан за здравјето, вели во разговор за порталот „еКлиника“, најуспешната гимнастичарка на сите времиња на просторите од поранешна Југославија, Милена Релјин Татиќ, која денес е спортски педагог и главен тренер во гимнастичарскиот клуб „Ритам“.

– Дури и кај спортистите, кои се во активен процес, може да се видат случаи кога двете нозе не се рамномерно развиени или едната страна од телото е многу посилна. Замислете со што сѐ се среќаваме кај децата кои се слабо или нималку физички активни. Тоа е голем проблем особено кај децата од претшколска возраст бидејќи може да дојде до последици и деформитети – вели Милена.

Оставете ги децата што повеќе да одат боси

Родителите кои откриваат дека постои проблем, сѐ почесто, за среќа, со совет и консултација од физијатар, ги поттикнуваат децата на вежбање со цел коригирање на недостатоците. Промените се видливи дури и кај децата што тренираат само два пати неделно со соодветен надзор од лиценцирани, обучени тренери. Една од причините за рана појава на деформитети на стапалата би можела да биде, по мислење на Милена, и тоа што децата сѐ повеќе време поминуваат во колички отколку порано. Исто така, многу повеќе се одело надвор, децата се движеле во селата, на море или на излети босоноги. Сега за сѐ постојат модерни чевли, патики и можеби на родителите им е сѐ повеќе страв од повреди. Тој страв не смее да се занемари, но не треба да се претерува.

На децата им фалат способност и рутина, некогашните начини на игра го давале тоа

Дури и кај девојчињата за кои родителите ќе препознаат дека се многу активни и ги доведуваат да се испробаат во ритмичка гимнастика се забележува разлика во споредба со порано кога голем период децата биле надвор.

– На децата дефинитивно им недостигаат движење и способност, се плашат да фатат топка со рацете кога оди кон нив, па неретко ја промашуваат. Не се игра ластик, кој некогаш беше обична секојдневна игра која бара голема физичка активност. Колку само било потребно за да се прескокне ластикот, да се направи ѕвезда и колку концентрација, вештини и рамнотежа за да се протнете под ластикот, а да не го допрете, по цел ден имало скокање… Секоја наша активност надвор е поврзана со физичко движење, со трчање по топката се трошеше огромна количина енергија – вели Милена.

Зошто во уредените паркови има главно малечки деца

Со целото разбирање на темпото на животот, голем број часови кои ги поминуваат на работа и другите обврски, родителите би морале на децата да им воведат некој вид обврски кои се однесуваат на престој на отворено, но би било добро таа обврска да прејде во навика и да биде обострана.

– Има родители кои покрај свесноста за потребата од активности на децата, наметнуваат и некои свои нереални барања, што е исто така погрешно. Најдобар универзален совет би бил едноставен – излезете надвор и играјте си со своите деца бидејќи и вам ќе ви годи. Денес има голем број уредени паркови кои ги задоволуваат безбедносните стандарди, имаат добра подлога и справи и навистина мислам дека еден час дневно би морал секој да одвои за тоа. Така најдобро ќе забележите и ако нешто не е во ред, но и ако децата покажат одредена склоност кон некој спорт.

Таа забележува и дека во парковите има најмалку деца од училишна возраст, чија доба на физички развој во таа фаза е најкритична и најмногу треба да се посвети време.

Кога децата се активни во природа, нема време за телефон и таблет

За мобилните телефони и таблетите, кажано е веќе сѐ, па Релјин Татиќ говори за тоа дека на подготовките на нејзиниот клуб „Ритам“, кои досега се одвивале на Копаоник на почетокот на август, на никој не му текнувало на мобилните телефони поради испланираните вежби, прошетки, пешачење, но и креативни игри и проекти. На родителите им се соопштува дека „немаат време и сѐ е во ред“. Релјин Татиќ вели дека целото општество мора повеќе да се ангажира со цел ширење на свеста за проблемот на детската функционалност и дека мора да се вложи поголем напор.

Комплетната моторика страда без соодветна физичка активност

Дефектологот Александра Петровиќ објаснува дека физичката активност кај децата ја анимира активноста на синапсите (спојувања на клетките во мозокот) и придонесува за подобра миелинизација (еден од развојните процеси во мозокот). Поради тоа, според нејзини зборови, од најрана возраст детето треба што повеќе да ползи, да оди, да скока, да се врти во круг.

Автор: Маријана Рајиќ

Извор



912

X