Дајте му на детето боички и хартија, а не таблет
Кога зборуваме за негативните последици од модерната технологија за децата, постои нешто што е многу важно, особено за децата што се на предучилишна возраст.
Да ги оставиме настрана влијанието што модерната технологија го има врз психата на децата и предолгото време кое, како да се зависници, го минуваат пред екранот, па дури и штетата поврзана со врсничкото насилство подоцна во училиште.
Сѐ започнува од мали нозе, во овој случај раце, а експертите се загрижени поради зборот „тач“ повеќе од кога било.
Имено, модерната технологија не го промени само начинот на кој денешните деца го минуваат своето време, туку таа негативно влијае и врз нивната мускулна структура на рацете. Присетете се само колку е важно за децата што одат во градинка да цртаат и да бојат. Со тие активности ги развиваат мускулите на рацете, ја развиваат својата моторика, а сето тоа е важно за да можат еден ден на училиште правилно да пишуваат и потоа да ги развиваат рацете за посложена и пофлексибилна работа.
Модерните деца, оние што се прилично изложени на користењето на модерните апарати со екрани на допир, покажуваат знаци за закржлавеност на моториката на рацете.
– Децата денес се борат правилно да го држат моливот в рака бидејќи употребата на разни екрани на допир го забавува развојот на мускулите во нивните прсти – велат експертите и ги предупредуваат родителите дека децата не би требало да бидат изложени на екрани на допир во толку важна фаза од нивниот развој.
По тргнувањето на училиште тие деца уште долго ќе се мачат правилно да го држат моливот в рака и ќе им треба многу повеќе време отколку на децата од претходните генерации за да ги совладаат основите на пишувањето и на цртањето.
Проблемите се влошуваат, па родителите се замолени да го надгледуваат времето што нивните деца го минуваат на таквите уреди и овој пат уште посериозно предупредуваат дека тоа време мора да се ограничи за да се зачуваат нивната психа и моториката на рацете.
Неколку часа на ден е премногу за дете на претшколска возраст, кое во таа фаза на развојот толку часови би требало да минува цртајќи и вежбајќи ги рацете.
Затоа, потрудете се на децата да им го скратите времето што го минуваат пред екраните, а штетното влијание надоместете го со тоа што ќе ги натерате да потрошат повеќе време на цртање. Секако, со молив и боички на хартија.