Почеток на учебна година, а не ви се потребни стотици евра за на ученикот да му купите книги, тетратки и прибор. Секој ден знаете дека детето ќе јаде готвена храна и не морате постојано да издвојувате пари за ужина. Иако звучи како реклама за кредит, токму на овој начин функционираат основните училишта во Финска. По многу нешта се разликуваат од училиштата на Балканот и тоа ја поттикнало Душица Божовиќ да направи посебен профил за нив на „Инстаграм“.

Таа пишува за занимливостите во финските училишта, а за тоа користи насоки од веб-страниците на образовните институции, научни трудови и личното искуство. Таа со години живее во Хелсинки и добро го познава тамошниот образовен систем.

– Тешко ми е да споредам бидејќи знам какво беше училиштето во 90-те години каде што јас одев, а доста се реформираа училиштата во Србија во меѓувреме. Но, може да се каже дека најголема разлика е неоптоварувањето со оценки, неоптоварување да се биде најдобар, тоа изостанување на натпреварувачкиот дух во Финска – вели Божовиќ за „Би-би-си“ на српски јазик. Поради климата во Финска, учебната година трае од август до почеток на јуни, а два месеца има летен распуст.

Цел да бидат најрамноправно место за учење

Оваа дипломирана лингвистка, завршила и педагошка школа, а потоа и мастер-студии на Универзитетот во Хелсинки. Од 2010 г. е таму вработена, едно време на Универзитетот, а потоа и во различни основни училишта. За разлика од Балканот, во Финска општините го планираат образованието, министерството дава само некои општи насоки, а локалната самоуправа реализира.

– Идејата е Хелсинки да стане најрамноправното место за учење на светот. Целта е училиштето да нуди еднакво образование за сите, да ги изедначува разликите што постојат, како општествено-економски, регионални, разлики по потекло, пол и слично – напоменува таа.

Училиштето е бесплатно

Од оваа година, покрај основното, задолжително е и средното образование во Финска. Се смета дека во современиот свет некој и со средно образование е квалификуван за работа. Бесплатно е, но тоа не значи само бесплатна настава.

– Ако натераш некого да оди на училиште, тогаш мораш и да му обезбедиш услови за работа. Тоа значи дека учениците имаат бесплатни учебници, прибор, тетратки, па сите имаат исти моливи и пенкала, учениците треба само да обезбедат чанта и перница – наведува Божовиќ. Се надоместува и патувањето до училиштето, ако некој поминува повеќе од 7 километри, но има разлики од град до град. Исто така, во Финска се смета за многу важен сегмент тоа што сите деца на училиште имаат бесплатен ручек. Секојдневно, повеќе од 800 илјади ученици добиваат главно јадење, салата и чаша млеко или кисело млеко. Таа традиција потекнува од 19 век, а трае веќе 7 децении без прекин.

– Тоа е вистински ручек, како во менза, имаат две јадења – едното е со месо, а другото посно или вегетаријанско. По потреба може да се отиде во кујната, ако ученикот има некоја алергија, да му подготват посебна храна – училиштето е навистина приспособено и на специфични ситуации и различни луѓе – истакнува Божовиќ. На тој начин, учениците не го напуштаат училиштето ниту во текот на големиот одмор. Основното образование трае 9 одделенија, а задолжителното средно се протега до 18 години.

Приватните училишта постојат, но не се плаќаат

Разликата помеѓу големината на приватните училишта и државните, учениците не ја ни забележуваат.

– Забрането е да се наплати школарина и тие не се елитни. Од нивното здружение велат дека е подобро името независно училиште, што значи независно од бирократија, а се следи државниот план и програма – оценува Божовиќ. Потребна им е дозвола само од Владата и другите образовни институции. Се финансираат од државните и општинските фондови. Од 80 приватни училишта, единствените што се издвојуваат од овој тип на работа се јазичните школи, за специјално образование.

Нема натпреварување

Повеќе се поттикнува тимската работа и заедништвото.

– Се знае кој е добар ученик, тоа се гледа, но нема медали и класични натпреварувања. Не е идејата некој да биде со сите петки, за тоа нема издвојување. Таа флексибилност дозволува да се менуваат предмети секоја година и да се воведуваат нови – вели Божовиќ. Се испробуваат различни методи и учења, па децата стануваат свесни за тој процес.

Лектира по избор се чита во училиште

Пример за таа флексибилност е лектирата, многу омразена задача на Балканот. Во Финска книгите се читаат на училиште, постојат одредени часови за тоа, и тоа книги кои самиот ученик ќе ги избере. Некогаш чита учителот, некогаш се работи во група или самостојно.

– Нема канонски дела кои учениците мора да ги прочитаат, постои список, па секој си одбира што му одговара. Го подготвуваат тоа како презентација, а ги слушаат и другите што читале – вели таа. Во списокот се вклучени и стрипови, а и аудио или книги во дигитален формат. „Идејата е читањето да се засака, а не да се замрази. Не е целта да добиете пакет информации, туку да стекнете вештина како да дојдете до нив. Така е и со читањето“, истакнува таа.

Децата постари од 12 години одлучуваат за вакцините

Властите во Финска препорачаа имунизација на децата постари од 12 години. Па веќе 50 илјади ученици во Финска на возраст од 12 до 15 години се вакцинирани, бидејќи и здравствените власти го препорачаа истото.

– Тоа е важно за благосостојбата на младите, за да се продолжи со училиштето, хобијата и средбите – се наведува на страницата на финскиот Национален институт за јавно здравје. Освен тоа, децата сами одлучуваат дали ќе примат вакцина, а на располагање им се „Фајзер“ и „Модерна“. „На некои родители тоа им е сеедно бидејќи сега ученикот може да каже дали сака или не. Ако се процени дека ученикот е зрел да донесе одлука, воопшто не треба согласност од родителот“, вели Божовиќ.

Вкупната стапка на вакцинација во Финска изнесува 46 отсто. Финска има 5,5 милиони жители.

Автор: Наташа Анѓелковиќ

Извор



912

X