Говорот е средство за комуникација со кое ги искажуваме нашите потреби, извршување наредби. Уште кога детето ќе се роди, тоа комуницира преку плачење до 6 месеци, предлингвална фаза која вклучува респирација, вокализација, гугање, разбирање и набљудување на другите. Потоа следува лингвалната фаза кога се јавува и првиот збор со значење (12-15 месеци). Како се развива детето, така користиме опишување, жив збор кој се поврзува со моторичките активности. До 2 години се формира реченица од 3 збора. Важно е дека без разбирање на говор нема експресивен говор. Доколку детето има забавен говорен развој, започнуваме со опишување и учење на зборовите со нивно опишување.

Прво се работи на разбирање на говорот и неговата функционалност. На пример, ова е чаша, од неа се пие вода. Говорниот развој се стимулира со опишување на она што се прави. Како детето расте, така опишувањето се намалува. Меѓутоа, ако говорниот развој не кореспондира со календарската возраст, терапевтот се враќа на тоа опишување со едноставни зборови, разбирливи за детето. За да имаме развој на говор, потребно е да има внимание од страна на детето. Тоа внимание се стимулира постепено со најразлични активности, интересни за детето. Најважни елементи за развој и стимулација на говор се жив збор, акцент и опишување.

Фината моторика, или уште позната како вештина на раце, ги опфаќа малите движења на зглобот, дланката и раката. Фината моторика е важна и тесно поврзана со говорот. Основа е и за графомоториката, држењето на моливот и самостојноста на детето. Постојат невролошки истражувања кои покажуваат дека центрите за развој на говор се блиску до центрите за развој на фината моторика. Кога ќе се роди, детето е во фетус позиција, со рацете стиснати во тупаница. Како расте и се развива, така ја отвора дланката со блага екстензија на прстите и почнува да ја држи главата. Децата го истражуваат светот и учат преку моторните вештини. Бебето ги забележува и ги истражува прво рацете. Фаќањето на играчката се изведува етапно. Во секоја развојна фаза од животот на детето (новороденче, доенче, мало дете, предучилишно и училишно дете), фините моторни вештини постепено ќе се развиваат почитувајќи одреден редослед и правила на јавување. Прво играчката ја фаќа со цела дланка, потоа со прсти, па со три прсти, потоа следува пинцета фат и на крајот клешта фат. На детето треба да му овозможиме искуство на активности за фината моторика, која постепено ќе ја стимулира и во домашни услови, вклучувајќи ја во секојдневните активности. Но, важно е кога одбираме играчки, а стимулираме фина моторика, да се избегнуваат играчките, активностите со притиснување.

Предлог-активности што можете да ги направите во домашни услови

Вадење топчиња

Нижење макарони на стапче со подлога од сунѓер

Редење чепкалки на пластелин

Редење цевки врз пластелин и ставање чепкалки низ цевчињата

Фаќалка – ставање топчиња во чаша

Стимулирајте фина моторика во домашни услови, а набљудувајте го говорниот развој и неговиот тек и доколку забележите отстапки, консултирајте се со стручно лице, терапевт.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-терапевт во едукација.



912

X